Конкурс за најдобра песна на „Празник на липите 2020“

Друштвото на писатели на Македонија традиционално во месец јуни ја организира поетската манифестација „Празник на липите“ со финансиска поддршка од Министерството за култура и под покровителство на Град Скопје. Овој пат поетската манифестација со физичко присуство на поетите се одложува за некој подоцнежен
период во текот на годината, кога условите ќе го овозможат тоа.

Денес се распишува наградниот Конкурс за најдобра необјавена песна на „Празник на липите 2020“, кој ќе биде отворен до дваесетти август оваа година. Членовите на ДПМ се покануваат да испратат своја песна за конкурсот на електронската адреса prazniknalipite@gmail или по поштенски пат, на адресата на Друштвото на писатели на Македонија – Максим Горки 18, 1000 Скопје, и тоа во четири примероци. Исто така, се охрабруваат, доколку се во можност, да испратат видео-записи од сопствената интерпретација на песните, за да може пријавените песни да бидат објавувани во електронските медиуми во текот на конкурсот.

За изборот на најдобра песна на манифестацијата и оваа година ќе одлучи тричлена жири-комисија составена од истакнати членови на асоцијацијата. Доколку условите не ја дозволат реализацијата на поетско читање, тоа ќе биде организирано како он-лајн настан.