images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ДЕНОВИ НА БЛАЖЕ КОНЕСКИ ВО ДПМ

Во Друштвото на писателите на Македонија се одржуваат традиционалните Денови на Блаже Конески, посветени на големиот поет и прв претседател на македонската писателска асоцијацијаБлаже Конески, а во знак на одбележување на денот на неговото раѓање, 19 декември.

Blaze Koneski

Во рамките на оваа манифестација, на 17 декември 2015 г., во 12 часот во Друштвото на писателите на Македонија на свечен начин на академик Матеја Матевски ќе му биде врачена Повелбата Блаже Конески. Повелбата на Матеја Матевски ќе му ја врачи претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на добитникот ќе зборува академик Георги Старделов. Свечениот собир ќе биде збогатен со музички нумери на гудачкото дуо во состав Наташа Диденко, на виолина, и Александра Јаневска, на виолончело, а стиховите ќе ги чита Александра Велинова.

Бардот на македонската поезија, академик Матеја Матевски, е прв добитник на Повелбата Блаже Конески што Друштвото на писателите на Македонија ја доделува за врвни творечки остварувања од парадигматски карактер, со трајни белези во развојните процеси на македонската литература и со значајни проблесоци во литературните и културни центри во Европа и во светот.

Матеја Матевски (роден 1929 година во Истанбул) е автор на богат и значаен поетски опус. Својата прва стихозбирка, „Дождови“, ја објави пред 60 години, смело афирмирајќи ги новите модернистички тенденции кои оттогаш до денес се проткајуваат во сите важни фази од развојот на современата македонска литература. Неговата поезија е презентирана во посебни книги на 25 јазици во светот. За своето творештво Матеја Матевски е добитник на врвни книжевни награди што се доделуваат кај нас и во светот, меѓу кои и на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. Матеја Матевски е член на Друштвото на писателите на Македонија од 1956 година. Бил претседател на ДПМ и на Македонската академија на науките и уметностите.

Деновите на Блаже Конески започнаа на 16 декември 2015, со настап на поетите Стојан Тарапуза, Александар Поповски и Александар Кујунџиски во ОУ „Блаже Конески“ во Скопје.

На 18 декември 2015 г., во рамките на Деновите на Блаже Конески, во ДПМ ќе се одржи традиционалната Средба на генерации со настап на 30 истакнати поети од различни генерации, членови на ДПМ.