images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ НА ДПМ ЗА НАЈДОБРИ КНИЖЕВНИ ОСТВАРУВАЊА ВО 2015 ГОДИНА

На 3 февруари 2016 г., Друштвото на писателите на Македонија ги соопшти добитниците на наградите за најдобри книжевни остварувања во 2015 година. 

Untitled-2

Оливера Николова за збирката новели „Кадифената покривка“ е добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга, а Славе Ѓорѓо Димоски за стихозбирката „Јазичен триптихон“ ја доби наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска книга. Наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга со литературна критика и есеј ја доби универзитетската професорка и книжевна критичарка Весна Мојсова - Чепишевска за книгата „Семеен албум“. Книгата „Златко-Златец“ од Велко Неделковски е наградена со „Ванчо Николески“, што се доделува за најдобра книга за деца, а наградата „Книжевен мост“, за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Република Македонија, му припадна на поетот од турска националност Јусуф Едип за „Прашинка“, објавена на турски и на македонски јазик.

За доделувањето на годишните награди на ДПМ решаваа пет жири комисии составени од истакнати академици, универзитетски професори, критичари, есеисти и автори од сите жанрови: за наградата „Стале Попов“: Јелена Лужина (претседател), Иван Чаповски и Блаже Минески; за наградата „Ацо Шопов“: Милан Ѓурчинов (претседател), Кристина Николовска и Димитар Пандев; за наградата „Димитар Митрев“: Маја Јакимовска Тошиќ (претседател), Оливера Ќорвезироска и Жарко Кујунџиски;за наградата „Ванчо Николески“: Мито Спасевски (претседател),Делвина Керлуку и Стојан Тарапуза; за наградата „Книжевен мост“: Бранко Цветкоски (претседател),РесулШабани и Кочо Топузоски.

Наградите на добитниците ќе им бидат врачени на 12 февруари 2016 г., на собирот по повод 69-годишнината од формирањето на Друштвото на писателите на Македонија.