images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

СООПШТЕНИЕ НА ПРЕТСЕДАТЕЛСТВОТО НА ДПМ

На седницата на Претседателството на Друштвото на писателите на Македонија, одржана на 11март 2016 година, се расправаше за местото и улогата на македонската писателска асоцијација во актуелните културни и општествени состојби во земјата. Притоа беше оценето дека се почесто се забележуваат обиди за инволвирање на ДПМ во дневно-политичките настани. Од седницата на која беше разгледана ваквата ситуација, Претседателството на ДПМ го издаде следново соопштение:

dpm

Претседателството на ДПМ со жалење констатира обиди за користење на усвитената политичка ситуација за вовлекување на македонската писателска асоцијација во проблеми и прашања од дневно-политички карактер. ДПМ со индигнација ги отфрла ваквите притисоци, без оглед од која страна тие да доаѓаат. ДПМ оценува дека ваквите тенденции се злонамерни и деструктивни.

ДПМ потсетува дека ниту едно раководство на македонската писателска асоцијација, од времето кога прв претседател беше Блаже Конески, до денес, не навлегуваше во дневно-политичките пресметки, и дека е тоа израз на конструктивен став според кој и натаму ќе се раководи во своето дејствување.

Претседателството на ДПМ ги отфрла сите етикетирања и прозивки на писателите за нивниот наводен молк пред стварноста во која живееме. Друштвото на писателите на Македонија како и до сега ќе го претпочита не јазикот на политиката, туку јазикот на литературата. Гласот на писателите е во нивните дела. Во она што го создаваат писателите, во романите, расказите, во песните и поемите, во драмите, во нивните творечки опуси, е отсликана нашата стварност, минатото, сегашноста, односите меѓу луѓето, тагите и радостите, ропството и слободата, визиите и љубовта, всушност, се што претставува живот од автентичните изворни манифестации на поднебјето, до универзалните, космополитски визии. Никој нема право да се обидува да го заобиколува и да го брише тој огромен корпус од илијадници дела од преку 500 членови на Друштвото на писателите на Македонија.

Во ДПМ членуваат писатели од сите генерации, автори со разновидни творечки постапки и естетски дострели. ДПМ обединува писатели со различни идеолошки и политички определби. Во ДПМ членуваат писатели Македонци, Албанци, Турци, Срби, Власи, Бошњаци, Роми. Граѓанско право е на секој писател, според своите убедувања, да се определува и да дејствува во процесите од секојдневниот живот. Таквите определби и дејствувања никогаш немале, ниту ќе имаат влијание на односите внатре, во Друштвото на писателите на Македонија. Во тоа е смислата, значењето и цврстината на една асоцијација на уметници која во своето седумдецениско постоење знаеше да покаже разум и зрелост во многуте искушенија во различните фази од развојот на општеството.

Друштвото на писателите на Македонија ќе продолжи да биде обединувачки фактор во културните и општествените процеси и со жалење констатира дека делбите во општеството, без оглед по кои основи тие се остваруваат, се најболни, со далекусежни последици за сите граѓани во земјата.

ПРЕТСЕДАТЕЛСТВО НА ДПМ