images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ЉЕРКА ТОТ НАУМОВА ДОБИТНИЧКА НА НАГРАДАТА „ДАНИЦА РУЧИГАЈ“

Поетесата Љерка Тот Наумова е добитничка на наградата „Даница Ручигај“ за 2016 година што ја доделува Друштвото на писателите на Македонија за најдобра стихозбирка од авторка, членка на македонската писателска асоцијација. Наградата на Љерка Тот Наумова и е доделена за стихозбирката „Зародиш на повикување“, објавена во издание на „Бата прес“ од Скопје, со поговори на Михаил Ренџов и Марина Мијаковска.

ljerka

Селекторот за доделување на наградата „Даница Ручигај“, Мишел Павловски, во образложението на одлуката, меѓу другото, пишува: „Книгата на Љерка Тот - Наумова е лирски копнеж кој е засилен од креативноста на авторката. Преплетувањето на интимното со трагичното, сонот со радоста, ја прави стихозбирката „Зародиш на повикување“ книга која поезијата ја доближува кон читателот. Поезијата на Љерка Тот - Наумова, е молк и истовремено крик, зародиш на повикувањето молкот да проговори“.

Љерка Тот Наумова е автор на 14 стихозбирки пишувани на македонски и на хрватски јазик. Член е на Друштвото на писателите на Македонија и на Друштвото на хрватските писатели. Нејзиното творештво е застапено во повеќе панорамски и антологиски претставувања на современата македонска поезија.

Наградата „Даница Ручигај“ се состои од плакета и таа ќе биде врачена на 25 мај во 12 часот во Друштвото на писателите на Македонија. За време на врачувањето на ова признание, во ДПМ ќе биде прикажан документарен филм за Даница Ручигај, во продукција на Македонската радио-телевизија. Автор на филмот е Катица Трајковска.

Доделувањето на наградата е дел од активностите на Клубот на писателките, членки на ДПМ, што го носи името на познатата македонска поетеса Даница Ручигај.