images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ПЕСНИ ЗА ИЛИНДЕН

 

мечкин камен

 

 

БЛАЖЕ КОНЕСКИ

 1-Блаже Конески

 

ДЕВСТВЕНИЦИ

Ни збор за глуждот што подмолно боли
Сте минале, од љубов гладни, саме.
И една смртта ве запозна голи,
аскети преки - Гоце, Пере, Даме.

Ни еднаш рака на вашето раме
не се допре, што сакала да гушка,
а само сенка бесплотна од знаме
и само колан од студена пушка.

И само на сон сте земале прочка -
забрзани - до оној заден екот,
до оној куршум, в срце, како точка.

Не истина на сонот жедост врена,
не сетивте да стане дребен векот -
ни колку може да навреди жена.

 

ГАНЕ ТОДОРОВСКИ

2-Gane Todorovski

 

4 МАЈ 1903 ГОДИНА

Така му било пишано: гробот да си го сони!
В срце го клукна прокоба стегајќи в гнев тупаница.
Имаш ли доволно гробје, ој Македонијо,
покрвава за уште една рана: Баница!

Побогати сме сега со уште една смрт и пресен гроб.
Таго ле неисплакана, остани горда и недоустена,
разгрни пазуви црни, земјо, извалкана, запустена,
за да го прегрнеш сина си што беше најмалку роб.

Плачот му прилега на оној што има солзи доста.
Ти, бессолзна немошнице преголтни најгорчлив јад
и биди уште за една загуба погорда, оти тој левент млад
на твојте чеда им завешта в бој да умираат и простум.

Црна зацрни се таголика страдалнице,
прегризи усти, расчешлај коси, раскини руба,
и смирено, со зборови најгалежни и жални,
тивко, по мајчински, оплакувај си ја загубата.

Друга смрт таква ти не ќе дочекаш скоро,
на таков свој заљубеник што само тебе те имал.
Ој, неразвенчана Гоцева изгоро,
ој, Македонијо, ој, рано многуимена!

 

ПЕТРЕ М АНДРЕЕВСКИ

3-Petre M. Andreevski

 

1903

О, најдолга годино, ти збиру на нашата мака
што ни го изнесе оружјето до секој горски срт,
чакалу и гаврану во предците што гракаш,
пронајди ме и мене во твојот прекар сакан:
СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!

Окову што не додржа со нашиот бол да патиш,
црна солзо врз пепелта преорана од крт до 'рт,
колку пушки ни испразни маката да ни ја сфатиш
и кој беше последен востанат што те испрати
со СЛОБОДА ИЛИ СМРТ.

Камбанаријо што смеша земја, небеса и води,
раскажи ни ја цената на твојот зарек грд,
преброј ни ги мртвите од кои ти се роди
и продолжи да не водиш низ времето што нè сроди
со СЛОБОДА ИЛИ СМРТ.

О, штура свадбарино, припеку од сите рани светнат,
погоди ме и мене в срце со товојот лелек тврд,
погоди ме недоветно сред исто пладне летно
поради сите кои, умирајќи, ти пееја сетно:
СЛОБОДА ИЛИ СМРТ!

 

КО ДА БЕШЕ ЛАНИ

                                                 На Делче

Ко да беше лани, вчера или сношти:
бајрактарот падна, бајраците стојат;
три подземја сега ги поштат твоите мошти
и со тебе е бесмртна само смртта твоја.

Го изоде беспатјето што вечен пат ни беше,
без рода над своите растурени рани
и веќе нема место кај ќе бидеш грешен
среде ноќта ноќна со ноќ што ја браниш.

Но дур, ѕемнеш под житата со сетните гајде
на поплак ти идат запалени села:
изврени од денот во тебе што зајде
тесен им е светот во мртвите тела.

Бар кажи им како на земјата ѝ се двориш
и на колку страни одеднаш си свртен;
кој гром ги отвора твоите горни гори
и каква е слободата потаму од смртта?

Зашто в солзи нивни криеш пресни роси
за пламенот сега ладно што те гушка,
Вечерница им вечера со коњот што го носи
сиот празен простор зад твојата пушка.

Ко да беше лани, вчера или сношти:
бајрактарот падна, бајраците стојат;
три подземја сега ги поштат твоите мошти
и со тебе е бесмртна само смртта твоја.

 

АНТЕ ПОПОВСКИ

4-Ante Popovski

  

ГОЦЕ ДЕЛЧЕВ

1.
Со разум на мажи и здравје на топла земја
Дојдов да лутам ноќ и ден, крај в краја и никој нигде ништо...
Се опаметувам, но, што? Јас веќе залутав
И доцна е и за најмало покајување.

Дојдов со едно тело - со рани за две се враќам
На моето чело најцрната клетва е изречена
Не проколнувај го душманот и името да ти го носи
- И под девет бездни татковината ќе ти ја изнајде.

А со разум на маж и здравје на топла земја
Дојдов на врела крв моите соништа да врзат
И спокојно се обидувам да си го прочитам името
На камен од своите гради,

Македонија, што ќе ми го запише.

2.
Ме донесе тука и ме остави сам
И за кожата своја да се плашам
Како на гладен волк ми се понуди избезумено
Дури да откријам дека низ тебе врви
И црниот пат за Голгота.

А изгорев за нешто како посоница над овие драги пејзажи...
Ме донесе патот и до она штипско ридје
Сред вжештена црвеница да плачам,
Да ајдукувам со спокојство на камен
И нож во свое месо да преболувам
Како секојдневец со најлошата клетва да ме проколнуваш.

И страшно е сè. Оглувев за секој збор
Си мислам -
Од Крушево од Стогово од кај не копав којзнае што

А ископав крвава лузна на твоето чело
И поголема на моето срце.

3.
Оставете ме вака сам и жеден на ова возвишје
Да сонувам полено како убавее
Во благ божилак небои - земја заборавен
Кога умираат.

И потем, најдете ме така сам скаменет во тој припек
Во црна ноќ покриен со приспив од езерата
Очите да ми гледаат далеку и срцето кај што не стига
Рацете да ми прегрнуваат уште не разденети денови.

И потем занесени повторете ми ја приказната
- Реките ќе исушат друге ќе надојдат, црно врз црно црни...
Покрите ме со малку небо од мојата татковина толку
И в земи колку да не го сетам студот на туѓите.

4.
Зла црна мисла ме гризе, ме изгриза
Небоно гори, ветриштана кории креваат
Ал сонувам ал небик сам си кобам
Песна пред тихо збогување...

Тешко ми е, тешко многу ми е. Ти ми беше
И крило и небо.
А ме покри неспокоен камбанине
Над три неба плоната не ми ја фрлаат.

Долу по полено, по врбацине, до срцево
Сè е така и ноќ и нож в плеќи забиен
Не ме уплашија векови со нож в туѓа рака
Ме плаши час со ноќ од рака своја во плеќи.

 

МЕЧКИН КАМЕН

Мене, оваа каменеста родница ме родила
и овие стебла веќе што се веднат
во кората моето име го чуваат.

Сева корија и сиов камен што го гледате
длабоко под мене протега жилав корен
и мојава става што вишнее усамена под ридов
- сте вие.

Мнучиња,
едни тагуваат што ве немат
други што ве оставаат
и потоа заедно легнаа под мене
мракот мој да не го видите.

Мнучиња,
оваа каменеста родница нè родила
и сева корија и сиов камен што го гледате
била - вие.

И мојава усамена става на оваа голотија
сте - вие.

В плоден лес камен рожба да е
да зрее и црно нешто да го покрива
и цут на гранки и нож по тоа
да вишне на врв
на ножот птица да починува
- без тебе.

В плоден лес сив молчелив камен зрел
вишнеел корен остер нож да чува за црнините.
Расни ме боже, раце големи дај ми
да бидам последно тело црнината што ќе ја догребе
од сите тревки и од историјата на една песна
многу што ја сонија
- Македонија:

Тргнав да ја барам
телото го изгубив.

Ја прашав каде ми
рече уште долу.

Рекоа тука е крајот
таа рече уште долу.

Слегував,
Слегував,
не стигнав.

Од каде почнува?

Десет луни ја цицав
Таа моето тело
ќе го исцица.

Нозе ќе ѝ купам
врз тело да ми стежне
во нејната утроба да ме врати.
Три пати подолги ми пораснаа прстите
три пати посилно стегнав со забите
се наведнав
и го префатив вратот на твоите камењари
за да те бацам.
- Позајми ми снага да ги раскрстам рацете
те испив.

Се прегрнавме и нема разделување.
Кога ќе треба да го изговорам твоето име
позајми ми ги вилиците.
Кога ќе сакаш да речеш ми тежиш
ќе ти ги вратам триредно назабени.
Врз моето тело, зеленее трева
и високи тополи шумат.
Небото вели не знаш кој шуми
гранките или коренот.

Ти додаваш - само една жила
со мојата утроба некого спојува.

Земјо,
зар нè збунува присуството
на таа жила што нè дели
никој пат да не нè раздели?

Земјо,
тагата ни ја откраднаа.
Стиснете ги тревките
неа ќе ја исцедите.

Наслоните се врз каменот
името ќе ѝ го чуете.

Симнете се во реките
Дното со неа ќе ве почести.
Легни те да почините
и ноќта со неа ќе ве покрие.

На овој даб името ќе ти го напишам
дождовите да го симнат
жедните в земја
да ги напоиш.

На оваа нива грутка од тебе ќе посеам
класатка да никне
со неа внучињата да ни ги храниш.

На овој рид ќе те оставам
и кога ќе заминам
пак да те гледам

Голема.
За неколку нови чекори недостижност
ме остави утринава зад тебе.
Чинам се делиме:

Твојот пат нагоре
мојот пат кон тебе води.

Стапни ме, во твоите корени скри ме
никојпат да не се разделиме.

 

РАДОВАН ПАВЛОВСКИ

5-Radovan Pavlovski

 

ГОЦЕ

Гласник:

Ќе те слезат во ад
за Македонија
Каде змии пиштат
Очи закрвавени и зли
Ќе те земат на нишан
за Македонија

Ако паднеш недоречен
Љубовта одново ќе те роди
И до што е народ по светов
Во подземја и надземја
И на соне и на јаве
Ќе те довикува

Полн светлина е гробот на Прометеја!
Накалеми врз посечена овошка слобода!
Секоја твоја стапка е темел за престолнина!

Гоце:

Ме мачат прокоби
Крвави играрии на векот
Ни потопи ни суши
Не ќе ме слезат од виосчини
Не смрт без слобода
Не без Македонија
Та кој ми ја краде земјата
И во очи ми ја фрла
Кој ми го погани морето
Ѕвезди крвави ќе му потопам
Тука и тревка се бори
За сонце и слобода
Тука и семето јачка
Во земјина утроба
Та откаде прислушнувам плач
Та кој ветер ми го корне
Морето од душава
Мајка ти во црнина те оплакува
Јадра роса се нејзините солзи
Морска длабочина е нејзината душа

Има денови кога се збогувам
Со времиња - деца сирачиња што ми се
По патишта оставени
Како оголена шума
Без лисја што е без деца таа жена сиротица
Та додека едни народи
Се раѓаат во срце со Аморови стрели
Овде под покрив од меч
На дар се делат тирани

Г л а с н и к:

Има една куќа меѓу камени пустелии
И има едно сонце и меч во темели
И син на сонцето во камени одаи што се игра
И во игра го прислушнува времето
И тој убавец ќе слезе
Меѓу народ во низини
И од планини ќе се јави
И стада на морски брегови
И народ од темнина
Ќе изведе на виделина
О за игра сè е создадено тука
Од бело камче што држи зданија
До метеор во ноќ на ретки преданија
Ќе се јави како надеж на еден народ
Како плева за слобода ќе се крене
И роден од оган во оган ќе трае
Човек на човека
Да му подаде рака беспаќе
Кога ќе се покренат со силата од морето
Кули во планиње ќе покршат
Во црвено ќе ја облечат слободата
И без да се плаши за породот
Од друг поган народ што страда
Зашто времињата
Нечесно бродеа
Од колено на колено

Гоце:

Та сега кога се шетам по морски брегови
И кога со народот се веселам над црни векови
Или кога во планиње јачат ветрови
Или кога ќе ме снема се плашам
Да не угине ова семе што го сеам
Под ова ѕвездено небо што се сели
Или лете кога боите на душата
Здружено зреат и здружено умираат
За секоја битка прстен кован
Но она што и да се изроди
Од човека против човека
А и од кој и да е народ
Ако е семе грабежливо и алчно
Молчешкум проследете го
И ако има жал за умилно живинче
Ќе пробуди во себе успиеност човекова
Постравотен од чума штом се крене
Во себе првин одиграјте ја битката
А потоа срцето само ќе зажали
За оваа осамена куќа на Европа
Ќе има видик кон морето
Ќе има тајни на меч во темели
Ќе играат крај огниште деца радоносни

Г л а с н и к:

И секој камен во Природата
Ако беше дел од слободата
Како побунет роб ќе прозбори
А ако беше грабежливо соѕидан
Ќе напушти туѓи престолнини
Или пак од далечни покраини
Во поход ќе кренат
Со својот лик

Буропловни галии
На овој век
Претскажано му еда гине
За себе неспокоен а за народ
Како татко загрижен благороден

Гоце:

Покрени се море градобран биди
Пред налет на стрели сараценски
Смрт или слобода и за Бога
Одлука стравотна а камо ли
За народ унесреќен
И ако умрам и не стигнам
Да ве опоменам
Во Природата и надвор од неа
Сè што допрев и помилував
Ќе загрми. А ако сите
Не ве збрав под покрив на слобода
И ако во себе
Не ја допрочитав вашата душа
Се плашам да не ве измамат
Оти има
Аажно сонце и рана пролет
Среде зима тешка
Та така
Да ги измами на видело
Вљубениците на слободата
А потем на нишан да ги земе
Ете, од тоа нам ни страдаат поколенија.

 

ИВАН ЧАПОВСКИ

6-Иван Чаповски

 

ПЕСНА ЗА СТАРИОТ КОМИТА

Млад бил дедо ми
кога посакал да ја измери својата земја:
одел вдолж, сè до морето петнаесет дена.
Се качил на рид,
се обѕирнал и рекол:
малку се деновите.
Одел во ширина
сè додека ја слушал песната на мајка му осум дена.
Се качил на планина,
се обѕирнал и рекол:
малку одев.
И заминал в гора.
Зел малихерка и реденици
и кинисал мера да најде за својата земја.
Пушките в рака се сменувале,
редениците на гради се кинеле
никаде синор да стави.
Кога паднал со 'рѓосано оружје и срце
рекол:
да имав уште еден сончев ден,
мера ќе ѝ ставев на Македонија

 

МИХАИЛ РЕНЏОВ

7-Михаил Ренџов

 

АВГУСТ 1903

Убиен да ме спалите на таа бела урвина
врз тие меѓи магливи и август, брежје зелено
Неисплакан на крст нанишанет и голем како
првата мајка моја, како другите мајки мои
раздвоен по срце виножито ми светнува
од изгорениот амбар на тоа петто гробје
на таа беспат ширина на сртот светлина
Ветер и цвеќиња и пламења во рацете
каде да ги носам. О, мало Крушево
неодморо пламната, камена коријо. Галеб и камбани
на Мечкин Камен на извадената ми кременка
на пламнатиот анџар
Пред зајдина да се отиде да се стигне
да не се дочека да се сотре
Го препознавам ли гласот железото и огнот
крв ли сум да заѕвечам.