images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ЈОВАН СТРЕЗОВСКИ ДОБИТНИК НА НАГРАДАТА „ДЕРЖАВИН“

Поетот Јован Стрезовски е добитник на наградата „Державин“ што се доделува за најдобра стихозбирка објавена во периодот од јули 2015 до јули оваа година. Високото признание Стрезовски го доби за поетската книга „Времено и трајно“, објавена во издание на „Матица македонска“.

Jovan Strezovski

Одлуката за наградата, што ја доделуваат Друштвото на писателите на Македонија и Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович Державин“ од Свети Николе, едогласно ја донесе жири комисијата во состав: Иван Чаповски (претседател), Стојан Тарапуза и Паскал Гилевски.

Жирито оценува дека најновото поетско остварување на Јован Стрезовски се одликува со високи естетски дострели кои се вградуваат во ризницата на трајните вредности на македонската литература.

-Стихозбирката „Времено и трајно“ е израз на богатото творечко искуство на Јован Стрезовски низ кое се проткајуваат едноставноста на кажувањето и слоевитоста на поетските пораки и значења, се вели во одлуката за доделување на наградата „Державин“.

Свеченото врачување на наградата „Державин“ на Јован Стрезовски ќе се одржи на 12 октомври, во организација на ДПМ и на Славјанскиот универзитет „Гаврило Романович Державин“, кој е донатор на паричниот износ, а по повод претстојното одбележување на 70-годишнината од основањето на македонската писателска асоцијација.

Доајенот на ДПМ, Јован Стрезовски, годинава одбележа 85-годишен животен јубилеј и 60 години творечка дејност. Како поет, раскажувач, романсиер и писател за деца, создаде опус од четириесетина дела. Беше долгогодишен директор на Струшките вечери на поезијата и претседател на Собранието на ДПМ.