images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ПРОМОЦИЈА НА „СВЕТЛИНАТА НА СВЕТА ГОРА“ ОД ИВАН ЏЕПАРОСКИ

Во Друштвото на писателите на Македонија на 2 декември (петок) во 12 часот ќе биде промовирана стихозбирката Светлината на Света Гора од истакнатиот македонски поет Иван Џепароски. Поетското дело Светлината на Света Гора се појави во издание на Магор од Скопје, а на годинашните Струшки вечери на поезијата ја понесе наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра стихозбирка објавена во Македонија.На промоцијата во ДПМ за Светлината на Света Гора од Иван Џепароски ќе зборуваат поетите Ристо Лазаров и Владимир Мартиновски. Стиховите ќе ги чита актерот Ѓорѓи Јолевски, а програмата ќе ја води Александра Велинова.

Ivan Dzeparovski

Иван Џепароски (1958, Скопје) е филозоф, поет и преведувач. Автор е на дваесет и пет книги од областа на поезијата, на естетиката и културната теорија, критиката и есеистиката.Покрај најновата поетска книга Светлината на Света Гора, ги објавил и стихозбирките: Слики од изложбата, Еклоги, Песни, Волја за мисла и Грабнувањето на Европа. Дел од неговото творештво е преведено на низа странски јазици. Избори од поезијата на Џепароски во посебни книги се објавени во Бугарија и Романија. Неговата книга „Македонскиот есеј“ е преведена на англиски, француски, германски, шпански и кинески јазик.За своето творештво Иван Џепароски ги добил наградите „Млад борец“, „Димитар Митрев“, „Парадигма“ и „Браќа Миладиновци“. Добитник е и на наградата „Григор Прличев“ за поетски превод. Иван Џепароски работи на Филозофскиот факултет во Скопје како редовен професор по предметите: Естетика, Историја на естетиката и Филозофија на културата. Раководител е на Институтот по филозофија. Бил секретар на Македонскиот П.Е.Н. Центар.