images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ПРОГРАМИ НА КАНДИДАТИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ
НА СОБРАНИЕТО НА ДПМ

ХРИСТО ПЕТРЕСКИ
Христо Петрески, роден 1957 година, е поет, раскажувач, романсиер, критичар и есеист. Доктор по филолошки науки, професор на Универзитетот за аудио-визуелни уметности „ЕСРА" во Скопје и директор на издавачката куќа „Феникс" од Скопје. Член на ДПМ е од 1985 година.

ПРОГРАМА
Проекции:
1. Вклученост и ангажман на сите членови на ДПМ во работата и активностите на Друштвото;
2. Дисперзија на манифестациите и активностите не само во Скопје, туку ширум Републиката, па и надвор од нашите републички граници;
3. Залагање и грижа за угледот на ДПМ како уметничка институција и еснафска асоцијација;
4. Подобрување и решавање на статусните проблеми и прашања на писателите (авторски хонорари, застапеност во лектирите за основно и средно образование, национални награди и признанија, медиумско присуство и слично);
5. Враќање и заживување на книжевната критика;
6. Презентација и афирмација на македонската книга и македонските автори во земјава и во странство;
7. Учества и настапи на меѓународните манифестации, приредби и фестивали (возвратно и реципроцитетно);
8. Збогатена и зголемена издавачка дејност во рамките на ДПМ;
9. Организирање работилници, семинари, научни собири, пленуми, трибини, дебати и слично;
10. Прераснување на Празникот на липите во голема меѓународна книжевна манифестација, а на ревијата Стожер во меѓународно списание
11. Покренување електронски и печатени библиотеки и едиции на книги и други специјални и пригодни изданија
12. Формирање ограноци, секции и клубови на ДПМ во внатрешноста на Републиката - секаде каде што ќе има услови (писателски, просторни и материјални) за тоа.
Експликации:
Со оваа Програма, според Статутот на ДПМ, се кандидирам за претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија.
Мојата кандидатура се темели, пред сî, на моите досегашни активности како писател и издавач, но и на искуството од работата во Претседателството и раководните тела на ДПМ, каде бев секретар за меѓународни односи на ДПМ, уредник во Редакцијата на ревијата Стожер и претседател на Организациониот одбор на манифестацијата Празник на липите.
Член на Претседателството на ДПМ бев три пати (кога претседатели беа Јован Павловски, Светлана Христова - Јоциќ и Веле Смилевски). А два пати
бев член и на жири-комисиите за доделување на наградите Стале Попов и Ванчо Николески.
Сега, ја користам можноста, како кандидат за можен претседател на Собранието на македонската писателска асоцијација во наредниот четиригодишен мандате, со оваа кратка, глобална програма да дадам своја проекција на активностите кои ќе бидат иницирани и креирани како мотивирачки и обединувачки за нашето членство.
Во оваа смисла се задржувам само на главните определби и сегменти кои ќе бидат приоритет и од особено значење во одвивањето на активностите како посебен и своевиден белег на натамошниот развој на ДПМ.
Во Програмата свое место имаат активностите кои треба да ги отсликуваат темелните карактеристики и вредности на Друштвото на писателите на Македонија - асоцијација со долга и богата традиција.
Друштвото на писателите на Македонија е асоцијација на уметници со најдолга традиција на дејствување во земјава.
Во изминативе седум децении ДПМ обедини 540 писатели со најразлични естетски определби кои творат во различни книжевни жанрови.
На тој план треба и да се продолжи: да има простор и место за се чија творечка и креативна слобода.
Притоа, во фокусот на интенциите и заложбите се местото на творецот и неговата активна улога во креирањето на литературните и културните процеси во земјава, но и многу пошироко и надвор од нашите републички граници.
Еден од мотивите за мојава кандидатура е соодветното вклучување и вградување во постоењето и функционирањето, односно делувањето во рамките на ДПМ на Собранискиот одбор кој е составен од по еден член од сите Општини во Република Македонија во кои живеат и работат нашите писатели, плус еден член од Скопје, па ова тело се јавува во улога на
своевиден претставнички дом со сериозни задачи, обврски и одговорности за работата на нашата асоцијација.
Во Собранискиот одбор и во Претседателството, двете основни тела кои ќе ја креираат и реализираат Програмата, со јасно назначени ингеренции, цели и можности, ќе бидат вклучени повеќе од 30 членови на Друштвото на писателите на Македонија.
Самиот овој факт доволно зборува за евидентната и реална можност за демокрартизација на Друштвото, за негово отворање кон сите расположливи потенцијали, за обединување на идеате, заложбите и конкретните чекори во планирањето, креирањето и реализирањето на Програмата.
Ваквата организациона поставеност нужно и логички води и кон еден друг важен чекор и момент во работата на Друштвото, а тоа е дисперзијата на неговите активности во сите средини ширум Републиката.
Тоа значи интензивирање и заживување на книжевните јадра надвор од Скопје во кои писателите, врз статутарната определба и можност, а преку територијалната застапеност на свои претставници во Собранискиот одбор, ќе можат многу понепосредно и поорганизирано да бидат учесници и осмислувачи, односно предлагачи и реализатори на активностите на ДПМ.
Сето ова претставува поттик во работата на Друштвото, при што посебен акцент треба да се стави на угледот на ДПМ, на ликот и делото на писателите, на местото, улогата, значењето и статусот во литературните и културните процеси.
Исто така, сите ние, па и лично јас, треба да се залагаме да нема во иднина поделба и постоење на централни (главни) и периферни (споредни) книжевни центри, бидејќи секој автор е сам по себе творечки и креативен центар кој значи и зрачи.
Треба да се грижиме секој писател да има создавачки и егзистенцијални услови со тоа што ќе биде редовно информиран и вклучен во сите
активности на ДПМ: настапи, приредби, манифестации, издаваштво, периодика, награди, трибини, пленуми, средби, дебати, портрети, работилници, изложби, промоции и слично.
За време на моето повеќедецениско членување во Друштвото на писателите на Македонија (избран сум за член во 1985 година) бев активен писател во книжевниот живот, со бројни дела, со искуства во издавачката дејност, со организирање манифестации, портрети на творци, трибини и слично.
Инаку, со кандидатурата за претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија, ги предлагам и прифаќам обврските за севкупните активности на ДПМ, а посебно обезбедувањето средства за понатамошна работа и активности на Друштвото, подобрување и решавање на статусните проблеми и прашања на писателите (авторски хонорари, публикување нови дела со поддршка на Министерството за култура на РМ но и од други извори, застапеност во лектирите за основно и средно образование, национални награди и признанија, медиумско присуство и слично). На овој план, треба да се врати присуството на новинската и списаниската критика, пишувањето и објавувањето рецензии и презентацијата и афирмацијата на македонското актуелно и современо литературно творештво и неговите творци од сите генерации и сите книжевни родови и жанри.
Посебно и лично ќе се ангажирам за вклучување и учество на меѓународните книжевни манифестации, со континуирана и возвратна соработка и размена.
Исто така, во просториите на ДПМ и надвор од нив, ќе предложам, поддржам и организирам креативни и творечки книжевни работилници, семинари и научни собири.
А, покрај ревијата Стожер, ќе покренеме и издавачка дејност на ДПМ, со што Друштвото ќе стане мал, но современ и агилен издавачки центар на
повеќе едиции, електронска библиотека и меѓународно електронско и печатено списание.
На овој начин, ќе бидат хонорарно ангажирани поголем број писатели како уредници, лектори, коректори, преведувачи и слично.
Во моите проекции за понатамошните програмски содржини и планирани и осмислени активности на ДПМ е и прераснувањето на Празникот на липите (чиј што сум еден од основачите и организаторите) во голема меѓународна книжевна манифестација.
Исто така, предлагам ревијата Стожер (на која исто така сум еден од покренувачите и уредниците) да прерасне во меѓународно книжевно списание.
А, во Републиката да се формираат ограноци, секции и клубови на ДПМ - секаде каде што ќе има предлози, иницијативи, потреби и услови (писателски, просторни и материјални) за тоа.
Притоа, посебна грижа ќе пројавам и посветам на македонската книга и македонскиот автор, која не само сега, туку со децении, е потценета и загрозена, па дури е доведено во прашање нејзиното постоење и опстојување, односно нејзиниот понатамошен, нормален и сестран развој.
Доколку ја добијам довербата на членовите на ДПМ за претседател на Собранието на Друштвото на писателите на Македонија, со целосна посветеност и одговорност, мотивација, желба, знаење и енергија, ќе се трудам да се реализира Програмата на ДПМ во наредниот период, според расположливите финансиски средства и можните кадровски потенцијали, а сé со цел - за значајни и современи зафати и проекти, со високи и трајни вредности и стандарди.
Христо Петрески

* * *

БЛАЖЕ МИНЕВСКИ

Блаже Миневски, роден 1961 година, е раскажувач, романсиер и драмски автор. Работи како уредник во секторот за издавачка дејност во НУБ „Св. Климент Охридски" во Скопје. Член на ДПМ е од 1992 година.

ПРОГРАМА

Почитувани колеги писатели, членови на Друштвото на писателите на Македонија, Како член на ДПМ од 1992 година, а знаејќи ги ингеренциите на Собранието на нашата писателска асоцијација, кое, меѓу другото, ја утврдува општата политика на работењето и ја донесува програмата за работа, а имајќи предвид дека претседателот на Собранието по функција е и член на Претседателството, одлучив да се кандидирам за оваа позиција со цел да придонесам за збогатување, освежување, продлабочување и надградување на досегашните активности на Друштвото. Друштвото на писателите на Македонија, како репрезентативна асоцијација на македонските писатели, односно авторите што творат и објавуваат во Македонија и надвор од неа, ги сублимира македонските писателски вредности веќе седум децении наназад, но во исто време мора да размислува и за она што ќе го рефлектира како книжевна вредност во децениите што следуваат. Како сите вакви и слични уметнички асоцијации во регионот, ДПМ мораше да се бори со жестоките турбуленции на транзицијата и на економската криза а, од друга страна, некои структури надвор од Друштвото постојано се обидуваа и ободуваат да го омаловажат и дискредитираат како асоцијација, одејќи дури дотаму со изјави дека целокупната македонска книжевност треба да се фрли во вода и да се пушти вода. Ваквите структури сега, за жал, имаат и одредено влијание во креирањето на државната културна политика, но да се надеваме дека нивните погубни идеи нема да станат доминантни во дејствувањето на институциите. Затоа во оваа прилика треба да се каже дека ДПМ не е и не смее да биде ниту партиско, ниту државно, ниту владино, ниту ни невладино, ниту елитистичко, ниту популистичко друштво на демагози туку здружение на сите писатели во Македонија. Токму затоа членството е повеќенационално и секој писател за себе, независно од политичките ставови, ја репрезентира нашата култура со своите книжевни дела. Во таа насока ДПМ, имајќи ги предвид средствата што ги има на располагање а кои во иднина значително ќе треба да се зголемат за да се подигне нивото на активности, мора да се посвети со целосна ангажираност на промена на третманот на уметничката книга, да се бори со книга и жив збор против на уништувачката, предозирана комерцијализација на издаваштвото, да вложи напор да го трансформира своето списание во „стожерен" двонеделен весник со општествено влијание и, секако, да вложи максимум во промена на социјалната слика на писателот, особено што кај нас нема писател што живее од книгата но и нема хонорар кој барем донекаде за еден период ќе го поправи неговиот финансиски статус. Хонорарите на книгите во Македонија се потценувачки мали и во врска со тоа идното раководство, ( и јас како евентуален претседател на Собранието), мора да изготви соодветна стратегија за работа. Во симплифицирана варијатна тоа би значело дека Друштвото на писатели мора час побрзо во својство на своевиден синдикат на писателите да се избори за таканаречен „минимален хонорар" барем на книгите што се од национален интерес, оној што кај нас, како што знаеме, се финасира од парите на граѓаните. Под тој минимум не ќе може да се објави ниту една книга на член на Друштвото на писателите. Принципите треба да бидат утврдени во соработка со надлежното министерство, односно Агенцијата за книга, и да бидат транспарентни, односно јавно објавени. Како евентуален претседател на Собранието на ДПМ, заедно со претседателот и Претседателството ќе иницираме изработка и донесување на стратегија за развој на Друштвото во наредниот четиригодишен период од 2018 до 2022 година. Меѓу главните точки на стратегијата секако ќе бидат заштитата на професионалната и материјалната положба и угледот на писателот, неговата независност и слобода на изразување а во таа насока посебно внимание ќе треба да се посвети на заштитата на авторските права, поттикнување на вистинската уметност и промоција на националната книжевност во Европа и светот, организирање книжевни, стручни и научни собири и трибини за значајни прашања во општеството, активна соработка со сродни задруженија, друштва и организации во земјата и странство околу заштита на етичките и материјалните права и интереси, учество во подготовките на законите и прописите кои влијааат на статусот на писателот, поттикнување на активности за унапредување на општиот стандард на пишаниот и јавен збор, со поддршка на проекти за медиуска писменост, односно пштествена одговорност на медиумите и слично. Но Стратегија може да остане само „мртво слово на хартија" ако не се направат конкретни, видливи чекори за подобрување на статусот на писателите. Затоа веднаш треба да се оформи предлог-иницијатива по која би се дошло до потпишување на договор со Министерството за култура за дополнително вреднување на авторскиот труд според бројот на позајмени книги во јавните библиотеки во Македонија. Освен од буџетот на општините, и од националниот буџет за издаваштво, дел од средствата може да се одвојат и со смалување на бројот на поддржани книги или од фондот за откуп на книги. Ваков концепт веќе одлично функционира во Словенија, на пример, каде што авторите на годишно ниво добиваат по неколку илјади евра врз основа на бројот на позајмувања на нивните книги во библиотеките. - Да се востанови нова награда на ДПМ - НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО, односно КНИЖЕВЕН ОПУС, „БЛАЖЕ КОНЕСКИ" ( или друго име ) со Плакета, скулптура и паричен дел. Паричниот дел треба да биде во висина на износот на државната награда „Климент Охридски". - Годишните награди на ДПМ да се поврзат со годишнините на писателите чии имиња ги носат, а Денот на ДПМ да се отстапи за свеченост по повод доделувањето на нововостановената НАГРАДА ЗА ЖИВОТНО ДЕЛО, односно КНИЖЕВЕН ОПУС. По подигнувањето на износот на наградите на Друштвото, Стратегијата треба да предвиди континуирано зголемување на паричниот дел на наградите и во следните четири години. - Да се обезбеди размена врз база на потпишани (те) договори за соработка со соодветните Друштва во регионот, но и во Европа и во светот, со гостувања наши автори на нивни манифестации и обратно. - Да се направи напор преку соодветните и надлежни министерства да се овозможи писателски попуст за набавка на нов компјутер, печатач, скенер и слично, за лична употреба. - Да се дејствува активно на актуелни случувања во општеството но не преку соопштенија туку преку добро осмислени, професионално подготвени и содржински богати и репрезетативни трибини на ДПМ. - Да се овозможи, во соработка со спонзори и со Министеството за култура, односно новата Агенција или Центар за книга, Друштвото да доделува стипендии за проекти – едногодишни, полугодишни или тримесечни, - за работа на конкретно книжевно дело. Да се види можноста одреден процент од продадена книга на македонски автор издавачот/ продавачот да уплаќа во специјалниот фонд на ДПМ за оваа намена. - Да се разгледа можноста за реновирање на просториите на ДПМ, како и можноста за ангажман на професионален секретар на Друштвото со полно работно време. ( Друштвото на писатели на Словенија има осуммина вработени) - Друштвото на писателите на Македонија да ја разгледа можноста за повторно преземање на СВП, чиј буџет би се префрлил на располагање на ДПМ, како што е случај со фестивалот Виленица во Словенија. Ваквиот потег ќе биде од корист и на СВП, и на Друштвото на писателите на Македонија, максимално придонесувајќи за афирмација на македонската книжевност и култура во светот. Во тој случај ДПМ ќе ги преземе вработените во СВП. - Сериозно да се разгледа можноста за прераснување на „Стожер" во книжевен весник кој би излегувал двапати месечно и каде што би се објавувале нови дела од македонски автори, преводи од врвни странски писатели, редовни рецензии, интервјуа, репортажи поврзани со уметноста, и други содржини од културата и уметноста. Ваков квалитетен весник бездруго би го зголемил влијанието на писателите во општеството. -Друштвото на писателоите да стане активен субјект во креирањето, афирмацијата и презентирањето на книжените вредности што се создаваат во Македонија Во наредниот четиригодишен период, како претседател на Собранието, во соработка со Претседателот и Претседателството на ДПМ, би работел на вистинско подобрување на статусот на писателот и на максималена афирмација на ДПМ.

Блаже Миневски