images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ПРОГРАМИ НА КНДИДАТКИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДПМ

СОЊА СТОЈМЕНСКА ЕЛЗЕСЕР

Соња Стојменска Елзесер, родена 1963 година, е есеист, критичар и книжевен научник. Доктор по филолошки науки, професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Член на ДПМ е од 2009 година.

ПРОГРАМА

            Повеќе од три децении професионално сум целосно посветена на литературата, како критичар и есеист, професор и истражувач во Институтот за македонска литература. За мене асоцијацијата на писателите на Македонија има неприкосновено симболичко и животно значење, затоа што во своето досегашно седумдесетгодишно постоење ги меморира стапките и ги исцртува креативните дострели на творците кои го чинат националниот книжевен канон, а воедно го претставува и живото ткиво од кое се изнедруваат новите вредности што ги трасираат идните патеки на нашата книжевност и култура. Затоа, евентуалното мое ангажирање во предводењето на непреченото и развојно дејствување на ДПМ би го сметала за огромна чест и за уште поголема одговорност. За да овозможам увид на членството во моите програмски проекции, ќе ги изложам на ова место прво моите основни заложби и принципи, а потоа и поспецифичните програмски содржини кои се нивна апликација, како и неколку организационо-технички предлози.      

           

            Основни заложби и принципи:

-          обезбедување постојан творечки поттик и атмосфера на креативна слобода, надвор од било какви идеолошки и политички притисоци;

-          негување и заштита на традицијата и нејзино континуирано препрочитување од современ агол;

-          поддршка и рамноправен третман на творештвото и писателите од албанската, турската, српската, влашката, бошњачката, ромската заедница;

-          афирмација на македонската литература дома и во странство;

-          заштита на достоинството и угледот на писателите;

-          грижа за подигнување на нивото на книжевниот живот, популаризација на читањето, креирање публика, поттикнување арена на книжевни вкусови и арена на поетики;

-          одржување на реномето на ДПМ како битен фактор во општеството и обезбедување гласност на писателската фела;

-          вмрежување на ДПМ во меѓународни асоцијации и вклучување во меѓународни проекти.

Поспецифични програмски содржини:

-          организирање промотивни настани, средби, разговори, трибини;

-          доделување на востановените годишни награди и признанија на ДПМ;

-          одбележувања на важни датуми, чествувања, грижа за негување на споменот на починатите македонски писатели;

-          одржување на востановените книжевни манифестации со можност за нивно програмско збогатување и осовременување;

-          активности што би произлегле од постојните билатерални договори за соработка на ДПМ со сродните асоцијации и, во перспектива, потпишување на нови договори од таков вид;

-          поттикнување и евентуално потпомагање на учество на македонските писатели на книжевни манифестации во странство;

-          интензивирање на соработката со домашните институции и асоцијации од областа на книжевноста и културата, особено со академската средина, со издаваштвото, Друштвото на преведувачите, Македонскиот ПЕН, Здружението за компаративна книжевност, асоцијациите на музичарите, ликовните уметници, филмските и театарските здруженија, библиотеките, училиштата и др.;

-          продолжување со објавувањето на гласилото на ДПМ, книжевната ревија Стожер, со два броја годишно;

-          одржување, дополнување и континуирано обновување со податоци на интернетската страна на ДПМ (евиденцијата на членството од Зборникот објавен во 2017 да биде пренесена во дигитална форма, да се издвојат покојните од активните членови, историјата од современата слика на ДПМ, која постојано ќе се обновува);

-          иницирање постапки за евентуално развивање на издавачки проекти, посебни публикации и/или електронски публикации на ДПМ;

-          стимулирање на прием на нови членови на возраст под 35 години;

-          делумно финансиско и друго помагање при објава на книги од млади автори, на пример акција „Трета книга“ (целна група се најмладите членови), еднаш годишно;

-          грижа за социјалниот статус на невработените и пензионираните писатели;

-          активности во насока на остварувањето на авторските права, обуки, конференции, сообразување со европската легислатива и сл.;

-          осмислување проекти со кои би се конкурирало пред разни фондови, на пример, во рамки на „Креативна Европа“, со кои би се афирмирала македонска литература во превод на странски јазици и проекти со кои би се унапредувала културата на читање;

-          обезбедување импакт на писателската асоцијација при презентацијата на нашата литература на книжевните саеми и манифестации;

-          подобрување на контактот со медиумите и евентуално остварување на заеднички проекти за популаризација на македонската книга, на пример инволвирање на членството на ДПМ во телевизиски емисии или видео-снимки, што би се пласирале на интернет.

Оганизационо-технички предлози:

-          доколку бројноста на писатели во различни општини и региони на Македонија дозволува, да се размисли за можноста да се оформат регионални центри или ограноци на ДПМ во согласност со статутарните одредби;

-          поради подемократско донесување на одлуки, во иднина да се преиспита можноста да се бираат двајца подпретседатели (еден претседател на Собрание и еден заменик претседател);

-          да се обезбеди посоодветно загревање на просториите на ДПМ во зимскиот период.

Изложените координати на дејствување на ДПМ во следниот читиригодишен период се испреплетуваат во единствена насока: остварување што подобри услови за развој на нашата литературна продукција, што подобар статус на писателите и што поголема популаризација на книжевноста. Тоа е рамката во која сите понатамошни сродни иницијативи се добредојдени. Искрено верувам дека таквата рамка може да ги обедини членовите на ДПМ во заедничко реализирање на програмските содржини и да донесе соодветни посакувани резултати.

Соња Стојменска-Елзесер

*   *   *

ОЛИВЕРА ДОЦЕВСКА

Оливера Доцевска, родена 1975 година, е поетеса и есеист. Живее во Куманово, работи како адвокат во Скопје. Член на ДПМ е од 2013 година.

ПРОГРАМА

- Работа на Друштвото согласно со Статут
- Друштвото Дом за сите членови/ки
- Заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик , книжевност и култура и создавање на македонски јазик
- Заштита, унапредување и афирмација на создавање на дела на авторите/ките од друго етничко потекло различно од македонското на македонски јазик и на мајчин јазик
- Рамноправен третман и учество на жените и мажите автори/ки во сите тела на Друштвото на писатели на Македонија
- Рамноправен третман во одбележување на награди и значајни датуми на жени и мажи автори/и
- Рамноправен третман на сите автори/ки и користење на просториите на Друштвото од срана на сите членови/ки за промоции на нивните дела
- Рамноправен третман во одбележување со портрети и бисти во просториите на ДПМ на жени и мажи автори/ки
- Јавна објава на веб страница на Друштвото на : Статут, Правилник за работа на Собрание, Правилник за работа на управните органи, Правилниците за доделување на награди,Законот за заштита на авторски и сродни права и слични документи, поврзани со Статутот на Друштвото
- Јавна објава на Правилник за прием на нови членови/ки и образец за прием, како и финансиски и наративни годишни извештаи
- Разработка на проекти и идеи и аплицирање за грантови кои ќе овозможат и кои ќе ги модернизираат , односно обноват просториите на Друштвото и начинот на негова работа
- Редовно известување на сите членови/ки на Друштвото со е-маил за сите настани кои се случуваат во и во врска со Друштвото како и за тековни конкурси
- Забрана за користење на позициите и неспоивост на позициите Претседател/ка на друштвото и Претседател/ка на Собрание за лични интереси и книгоиздателство, како и на Претседателство на Друштвото
- Рамноправно и циркуларно користење на можности за учество на меѓународни настани
- Доделување на книжевна награда Кочо Рацин
- Заштита на авторите и авторките од злоупотреба на издавачите односно примораност за препуштање на сите права на издавачот само за да им биде објавена книгата и немање увид во текот на продажбата на книгите
- Членување , права и обврски во Друштвото независно од политичка, верска и нацинална определба и заштита од прогон во рамките на Друштвото и стигматизација на членови/ки како непожелни и поттикнување на било каква омраза и нетрпеливост
- Допринесување кон развој на мислата и менторство над млади таленти за ширење и афирмација на книжевноста и книгата
- Приредување на книжевни собири, манифестации, трибини по значајни прашања, домашни и меѓународни книжевни манифестациии и поддршка на постојните
- Застапување за слободата на говорот во книжевноста и создавањето, како и за подобра материјална и општествена состојба на книжевните создаватели/ки
- Соработка со соодветни друштва и здруженија во земјата и на меѓународно ниво
- Основање на фонд Кочо Рацин за афирмација на млади таленти

-Измени и дополнувања на Статут каде е потребно и др.

Оливера Доцевска