images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ЕТИЧКИ ВЕРТИКАЛИ

(Драгица Најческа – „Друга мајка“, роман во издание на

НИО „Студентски збор“ 1979 г. Скопје)

Во тековите на современата македонска литература Драгица Најческа е присутна повеќе децении. Првите свои чекори на полето на литературата Најческа ги направи со своите куси и мошне интересни раскази што најпрвин беа објавени во литературното списание „Иднина“ и „Млада литература“. Постојано присутна на страниците од весниците и списанијата за литература, Најческа како да ги одмерува своите сили, во смисла на тоа колку успеала своите имагинации да ги опредмети во конкретна уметничка творба. Почетокот на шеесеттите години во македонската литература е означен како период на конституирање на сите книжевни родови, а Најческа во тој сеопшт напор има значаен придонес во негувањето на кусиот реалистички расказ. Некои од тие нејзини раскази се застапени во антологиите на современата македонска проза, на македонски и на српски јазик. Најческа дел од овие раскази ги објави 1979 година, во нејзинзта книга „Раскази“.

Пред тоа, во 1968 година Драгица Најческа пред читателската публика се појави сообјавувањето на нејзиниот прв роман „Пеперуга со натопени крилја“, во издание на Издавачката куќа „Мисла“. Колку делуваше охрабрувачки појавата на нејзиниот прв роман, тој не помалку ја освежи нашата литературна атмосфера, па и фондот на современата македонска литература, пред сѐ со специфичниот и вонредно едноставен реалистички пристап и исказ.

Но, овојпат предмет на нашето интересирање е нејзиниот втор роман – „Друга мајка“, што го издаде издавачката куќа „Студентски збор“, во 1979 година, од Скопје.

Во романот „Друга мајка“ Драгица Најческа обработува еден граничен настан во летописот на Скопје и судбината на неговите жители. Земјотресот од јули 1963 година кога ни се чинеше дека тој е паднат ничкум, дека е дефинитивно смртно погоден, дека се преселува во минатото и во нашите спомени, заедно со илјадниците мртви и унесреќени граѓани. Но, човекот не би можел да го носи и да го оправда тоа име, ако не е способен одново да почнува, да опстојува простум без алтернатива.

Материјалните разурнувања на земјотресот не се непосреден интерес, ни опсесија на Драгица Најческа. Тоа само по себе претставува значаен агол на проектирањето, во кое доминантно место заземаат доживувањата на малите обични жители на Скопје, менувањето на нивните животни релации, судбини, емоционалните и мисловните кршења, создавањето нови состојби и односи внатре во семејствата, барањето на оправдувањето и смислата да се живее понатака со вистината дека некои од н а ј б л и с к и т е неповратно исчезнале во темнилата и бездните на трагичниот настан.

Во центарот на своето ангажирано пристапување кон темата, Најческа своите посматрања и истражувања ги концентрира врз судбините и дилемите на две семејства и одвнатре ги регистрира емоционалните треперења на луѓето, ја опишува атмосферата во разурнатиот град, на објектите каде што нејзините млади јунаци се обидуваат да се осмислат и себеси како загрозени егзистенции, минатото и утрешнината. Импонира тактот на Најческа во свесното избегнување на изблиците на тага и беспомошност, како и скротување на префорсираните емоции, кои што кај недостатно самокритичен автор неминовно би пробиле по силата на трагичноста на настанот и по елементарната логика на неговото доживување.

Романот „Друга мајка“ не го постулира п а т о с о т, иако тој дебне на секој чекор поради стресноста на декорот. Таа се определува за оние тивки, елементарни кажувања на јунаците за себеси и за своите најблиски, чиј живот по несреќата се бори да ги воспостави повторно своите вообичаени релации, водејќи сметка за она што неповратно исчезнало од идиличната слика за градот и за семејствата. Така, нејзините јунаци страстно ја бараат сопствената Архимедовска точка на отстојување и побрзото враќање во секојдневните релации на објективниот живот, на неговата веќе изменета реалност. Да се осмисли без она што исчезнало, да се бара одново идеалот и оправдувањето на постапките, односите, ангажирањето во семејството, во училиштето, во претпријатието и установата.

Централен јунак на романот „Друга мајка“е Христина, девојче кое едвај ја поминало дванаесеттата година од животот, а тој неочекувано и сурово ја удира во најчувствителното, ја удира без мерка и милост. Нејзината мала сестричка Ели не е свесна за трагичноста на настанот и за цената што е платена, за болката што на преживеаните им е нанесена преку оттргнувањето на најмилите, без кои животот ја губи својата убавина и привлечност, па ако сакате, до извесен степен и за извесно време и - смислата воопшто. Но треба да се остане простум, да се преболее. Тој императив отсега претставува и смисла на тековниот живот и упорно трагање на новата формула на егзистенцијата. Во романот на Драгица Најческа е присутна една исконска сила на човекот, стремеж да го надживее трагичното, напор да го преболи изгубеното, без оглед што длабоко во својата интима човекот ќе ги носи раните на еден неочекувано жесток удар. Но присутна е и свеста дека нешто најдрагоцено во летописот на човековата егзистенција – исчезнало неповратно и неправедно. Таквите гранични ситуации во егзистенцијата и судбината на човекот ја прескокнуваат, во случајов на Христина, најсуптилната фаза од развитокот и животот–д е т с т в о т о кое што сакаме сите да го поминеме безгрижно и весело, зашто од тоа зависи колку ќе бидеме среќни во нашата зрелост, колку среќа ќе им обезбедиме на сите со кои животот ќе нѐ соочува, ќе нѐ поврзува и обединува...

Веројатно за да ја подели жестокоста на судбината на Христина, Драгица Најческа сосема природно и умешно, во центарот на своето течно и осмислено раскажување доведува уште една човечка судбина – драмата на интимната другарка на Христина – ученичката Марина, чиј татко, непосредно по трагичната смрт на мајка ѝ се жени и со тоа го свртува гневот на својата ќерка, поради што оддалечувањето и отуѓувањето е неминовно. Драмата на Марина има интензивни рефлексии и во животот на Христина. Не поради тоа што тие се најинтимни, туку можеби најмногу, поради реалната опасност п р и м е р о т на Марининиот татко да не го повтори и таткото на Христина. Ова дотолку повеќе што на малечката Ели ѝ е нужна умешна негувателка, а тоа не можат добро да го постигнат ни Христина, ни нејзиниот татко, ни тетката Рајна, која често го наговорува таткото на Христина да го направи чекорот од кој што Христина потајно се плаши, страда, боледува. Христина води тешка исцрпувачка внатрешна борба и се обидува да стапи во дијалог и со својот татко и со тетката Рајна, настојува да ги предитри настаните кои што се најавуваат, но тешко наоѓа сили во себе, а и длабоко во својата свест и во претставата за човечките квалитети на својот татко наоѓа охрабрување, верува дека татко ѝ е добар и разумен, па ќе најде најцелисходно решение на дилемата во која се наоѓаат. Прашање е меѓутоа, дали нејзиниот татко ќе си ја врати среќата доколу реши да се прежени, но извесно е дека од тој чекор Христина ќе биде несреќна.

Драгица Најческа мошне суптилно ги открива длабоките емоционални и душевни треперења на своите јунаци, особено на Христина, затоа што таа е и единствениот активен раскажувач на оваа тивка драма, без патетика и пренагласено „согорување“ на чувствата. Колку може да се означи како драма на еден граничен настан – таа носи нешто исконско во себе, без оглед на кој географски простор се одигрува, независно од тоа на која култура ѝ припаѓаат луѓето што ја доживуваат. Општочовечката линија тука минува низ јадрото на човечката егзистенција на која ѝ се урнати потпирните столбови.      

Токму оваа компонента на тивкост и скротена трагичност е и најголемиот квалитет во успешниот реалистички роман на Најческа. Тоа што темата го нуди, го наметнува априори – патетиката и усвитеноста на чувствата и исказот – Најческа свесно го редуцира на мерка што ја потврдува нејзината раскажувачка зрелост и моќта на селективност во изборот на најадекватна постапка.

Вертикалното во оваа урбана проза и тематски и изразно, треба да се бара во е в о л у ц и ј а т а на емотивниот и мисловниот свет на Христина, која што по сите внатрешни етички отпори и дилеми, ја сознава неминовноста од елементарниот чин кој што ќе се одигра во животот на нејзиниот татко и на семејството во целина. Тука се и пораките на романот – кој што, верувам дека ќе изврши сугестивно и позитивно влијание врз свеста на нашите млади генерации влезени во еден општосветски процес на еманципација од негативното и ограничувачкото во традицијата. Моментот кога Христина се крева до рамништето на аналитичар на животот и односите во семејството и општеството нејзе воопшто не ѝ пречи втората жена, другата мајка, учителката Вера, која што со многу такт, а и една специфична љубов кон Христина и Ели, внесува ред и топлина во семејството, го ангажира и го свртува со мислите и лицето кон иднината. Таа, втората мајка, не само што не го навредува чувството и споменот кон мртвата и вистинската мајка - туку напротив го осмислува и возвишува.

Требало да се има голема човечка и писателска храброст, за интимната дилема на Христина да го најде своето најприродно разрешување. Како животна филозофија и како филозофска порака до живите и современиците, особено кон

младите генерации, на кои им е наменет и посветен – романот „Друга мајка“ треба да се вброи во најуспешното напишано на оваа тема и за таа возраст во фондот на современата македонска литература.

Романот „Друга мајка“ од современата прозаистка и поетеса Драгица Најческа ги има нужните уметнички, естетски, етички и антрополошко – педагошки квалитети, да биде оправдано издвоен од она што на оваа тема е напишано и е објавено од македонските издавачи.

  

Јули, 1980 г.                                                                                 

  Петар Ширилов