images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Милан Ѓурчинов

СВЕТ БОГАТ СО ВНАТРЕШНИ РЕАЛНОСТИ
(Кон поезијата на Жак Гошрон)

Пред 38 години Жак Гошрон дојде за првпат во нашава земја. Повод беше: појавата на првата Антологија на македонската поезија во Париз. За нејзиното објавување Гошрон даде, заедно со поетот Гилвик, неспоредлив придонес. Оттогаш, се до денес, тој стана осведочен и верен пријател а Македонија и на македонската култура, стекнувајќи во голем број пријатели и почитувачи на неговата личност и дело. Без неговата поддршка нашите продори во земјата на големите традиции и строги критериуми, каква што е Франција, ќе беа многу поотежнати, онака како што без контактот со Македонија неговите поетски љубопитства и остварувања ќе беа сигурно посиромашни.

Доверба во логосот

Време е, а и прилика е, да фрлиме поширока светлина врз неговиот, од година в година, сè посодржаен и сè побогат поетскн опус, врз личноста која цели пет децении е присутна на француската книжевна и културна сцена. Жак Гошрон ѝ припаѓа на генерацијата која што мисловно и творечки се оформуваше во едно турбулентно време (пред, во текот и непосредно по Втората светска војна), која безрезервно беше определена за социјалниот прогрес и промени во Франција, која веруваше дека е можен паралелизам помеѓу политичкиот и уметничкиот ангажман. Траги од таквата определба содржани се не само во нсговата лична биографија (пријател и соработник на Арагон, Елиар и Елза Триоле, активен учесник на француското Движење на отпорот, борец во единиците кои го ослободуваа Париз од окупаторот, трајно ориентиран на страната на француската интелектуална левица), туку и во неговото рано творештво, во интересот за востанието на лионските ткајачи, за трагедијата на Хирошима, за војната на Виетнам, со еден збор, за човекот и неговата историска судбина низ далгите на времето и предизвиците на епохата.
Со текот на времето таквите теми и преокупации во неговата поезија одеа на заден план, но, затоа јакнеше неговата доверба во Логосот, се разгоруваа неговите поетски љубопитства, се разгрануваа неговите творечки интереси, неговите теми и мотиви, се множеа неговите поетски книги при што секоја нова од нив донесуваше нови потврди за неговите креативни можности и достоинства. Од 1946 година, кога дебитира на поетската сцена, до денес неговиот опус нарасна на околу триесет книги во кои се мешаат и си подаваат рака поетот на есеистот, антологичарот на либретистот: од книгата за француските "маљуис" (партизани) напишана во заедница со Пол Елиар и Елза Триоле, преку збирката "Ткајачи", подоцна преработена во либрето на истоимената опера за која музика напиша Жозеф Козма, до песните за Виетнам и стиховите "Под знакот на Хирошима", преку бројни стихозбирки во кои се бележат поетските искуства остварени во допир со најразлични предели и мотиви: "Во слава на Аргонаутите", "Циклусот за Охридското Езеро", до потресното либрето за опера, овој пат посветено на животната трагика на големиот шпански сликар Гоја, сè до последната збирка "Кантата за терасите на Илпиз" од 1992 година.
Кога во 1990 година за збирката "Помеѓу мојата сенка и светлината" на Жак Гошрон му беше доделена наградата "Аполинер", една од најугледните во Франција, отпаднаа и последните сомневања дека станува збор за една значајна поетска личност која има свое незаобиколно место во картата на современата француска поезија.
Пишувањето, засновано врз непресушното трагање и поетско љубопитство е за Жак Гошрон радосно секојдневие (тоа мошне добро го знаат неговите блиски пријатели), како што токму секојдневието е главен простор во кој се одвива предизвикот за откривањето на неговите неодгатнати тајни и затскрие ни значења. Создавањето за овој поет не е ништо друго туку освојување на реалноста со посредство на зборот, но со незаменливата соработка на свеста, мудроста. Во збирката "Липидариум" тој ќе забележи:

"Зборуваш,
значи - мислиш.
Мислиш,
значи - зборуваш."

Во овој катрен како да е содржано сето негово поетско "кредо". Зборот и мислата се, за поетот, синоними, тесно условени идентитети, мислата го предизвикува зборот, сама од себе, и обратно. На друго место, тој ќе се произнесе уште подиректно:

"Те посакувам сета,
тебе, активна мудрост..."

Ди биде воден од таквата "мобилна мудрост" е патоказно начело на неговата поетика, на неговиот воздржанодискрстен рационализам, кој не е, како што би можело на прв поглед да се помисли, само дериват на францускиот картезијански дух, туку порив кон неомеѓената отвореност, пат кон мудроста на зборот што се разгранува и оплодува преку контактот со светот. Се разбира, и Жак Гошрон, како и многу други во неговата татковинска поезија, минувал низ богатите искуства на симболистичката и надреалистичката поетика. Но, како доминантни, тие поетики во неговиот поетски ракопис не постојат. Како што не постои некое друго поетеко струење кое врз тој ракопис би го втиснало својот непосреден печат. Накусо, Жак Гошрон не е поетекспериментатор, тој никогаш не се затвора во јазикот, вербалните игри и езотеризмот никогаш не биле негов предизвик.Тој е на другата страна на брегот - со оние кои ја претпоставуваат отвореноста кон животот и светот, свеста за постоењето на другиот, сознанието дека поетот не е демиург, туку медијатор кој дејствува во просторот на хуманитетот сфатен како универзална и константна вредност. И кога е изразито метафоричен или строго елиптичен, тој не дозволува да го заведе експресијата, да го оддалечи од суштините и пораките што како поет посакува да ги соопшти. Во срцевината на неговиот израз е содржано рационалното јадро на свеста кое неуморно го разоткрива светот, за да ги изостри сознанијата за неговата сушност, за да ја прошири територијата на човековото присуство, за да укаже на нови можности за комуникација и неговата компатибилност со предметите и појавите кои го опкружуваат.
Посебно поглавје во опусот на Гошрон претставува неговиот контакт со Македонија и нашата поезија, еднакво народната, колку и уметничката, Тој контакт ги прераснува рамките на пријателска анимација и мајсторството на препејувачот. Некои, во сликотворна и метафоричка смисла, од најсугестивнитс песни на Жак Гошрон испеани се како плод на неговите средби со Охрид, со езерото, на средбите со македонските луѓе и богатите белези на нашата култура. Тој општел и со други поетски светови и култури (неговата Антологија на ерменската поезија, препевите на Петефи, на современите бугарски поети), но, контактот со нашата поетска реч е, очигледно, доминантен во оваа област, што укажува на неговите афинитети за нашиот поетски сензибилитет, на контакт преку кој и самиот посредник стекнувал драгоцени и неопходни искуства. Добра потврда за ова се и неговите суптилно напишани есеи за Влада Урошевиќ ("По трагите на иреалното") и Радован Павловски (Радован Павловски, еден поет..." во книгата "Една друга птица во едно друго време").
Макар и колку со текот на времето да се менуваа тематските и мотивските изохипси на овој поет, некои од погоре истакнатите константи на неговата поетска реч остануваа непроменети, а "само добиваа во својата јадровитосг, зрелост и сублимираност. Постои кај него еден благ ироничен насмев, еден воздржан и притаен скептицизам прску кој се остварува неговата конверзација со несовршениот, често варварски изобличениот, но за него секогаш единствениот свет кој им припаѓа на луѓето и во кој, какви н да се нивните пројави, поетот не сака да остане туѓинец. Поетот Гошрон тргна од една разнострана и разнобојна тематска палета за да стаса до сегашниов амалгам, до сегашнава цврста структура во која секој нов допир со новата тема или нов мотивски предел се претвора суверено во една нова сопствена внатрешна реалност, во која се видливи белезите на автохтоната и продуховената творечка индивидуалност.
Впрочем, своето човечко и поетско "Вјерују" Гошрон го забележа на кориците од својата книга "Помеѓу мојата сенка и светлината".
"...Постои нешто што би прилегало на среќа, на влог во секоја битка, на приврзаност за секоја вистинска слобода, на ѕнезда на отпорот кон неправдата, кон варварството. И песната, која секогаш е меѓузависна од реалноста, од љубовта и од убавината, шепоти дека во крајна линија се работи за достоинството да се живее".

Добро е, во светот што така забрзано ја напушта песната, заитан кон прагмаживотот и безверието во каквигоде вредности, да се чуе глас кој верува дека хуманата оска на човекот не е и не смее да биде уништена. Уште е подобро кога таквите гласови доаѓаат од страна на оние кои можеме да ги сметаме за свои верни пријатели.