images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

ЕФТИМ КЛЕТНИКОВ

ИНТЕРПРЕТАЦИСКАТА СВЕТЛИНА НА КРИСТИНА НИКОЛОВСКА

Имам посебно задоволство со светлина да изложам некои куси размисли за есеистичката книга на Кристина Николовска „Светлинска“ во издание на „Силсонс“, Скопје 2016. Ако насловот на една книга треба да биде клуч за отворање на вратата на едно дело, средишен зрак кој ќе ни го сочи патот низ неговите естетски и интелектуални лавиринти, тогаш тој во најновото дело на нашата поетеса, есеист и теоретичар е стопроцентно погоден. Првин, нејзиниот аргонаутски порив, истражувачки импулс е теуригиски, адекватен на предметот што го истражува, сличен аналогно на митскиот потфат на Јасон во потрага по златното руно, а кај неа – руно на светлината.

Нејзините есеистички егзегези во најголем број случаи го бараат изворот на она Пра, кое е, можеби уште пред создавањето, во самата идеја на Создателот, темел на божествен, или обожествен свет: Убавината (со голема буква), која е не само слична туку е апсолутно поклопувачка со Светлината. А, како што ни е познато, уште во првата книга „Битие“ на Стариот Завет сме известени дека во првиот од шесте денови на создавањето, Бог ја создал, имено светлината во која е содржан спектарот на боите. Тие, пак, како што вели Џон Раскин се сотворени за да се изразат со нив најубавите и најневини чувства и мисли. Оние, кои сега ги гледаме ние на дело и во „Светлинска“ на Кристина Николовска.

Тоа е доволно за вовед, за посочување на мотивацискиот импусл на Николовска, која како и утопистите Достоевски и Шопенхауер, верува дека убавината ќе го спаси светот. Односно уметноста. Кај неа нив ги носи поимот светлина. А светлина, емотивна и духовна, може да произведува само осветлена и светлоносна душа, каква што е и авторката на „Светлинска“. Композициската структура на нејзината најнова книга е пластовита како рудник со ред наслаги, главно на скапоцени руди, оти Николовска авторите што ги одбрала за критичко промислување ги третира како такви: како скапоцени камења, чија светлина, како што вели во своите славни „Фрагменти“ германскиот романтичар Фридрих Новалис, не е ништо друго туку слој кој ја рефлектира божјата интелегенција. Просто е неверојатно како се поклопуваат во своите метафизички согледби таа и тој.

  „Светлинска“ е компонирана од девет поглавја: „Поезијата на великаните“, „Светлинска поезија“, „Слова за безвремениците“, „Поетски вулкани“, „Рацин и вистината“, „Есеи за поезијата“, „Антологиски светови“, „Нова проза“ и “Литературната наука како настан“. Тоа е според циклусните наслови, а според есенцијалната тематска структура нејзините егзегези ги префаќаат зоните на поезијата, вклучително и теоријата за неа, прозата, жанрот антологија и литературната наука и есејот. Една навистина богата интерпретациска естетска гозба, која Кристина Николовска на најубав начин ја подготвила за естетските хедонисти што уживаат во интерпретациски пловидби, влечени од теургискиот магнетизам на интерпретатот.

И само бегол поглед на композициската структура, пред да се впуштиме во читање, открива дека „Светлинска“ на Николовска во најголем дел, можеби и 90 проценти, и е посветена на поезијата на која таа и пристапува со нескриена, вехементна адорација. И самата со изворно поетско и поетично битие. Таа во својот интерпретациски фокус има една цела плејада на странски и домашни автори. Странски: Љубомир Левчев (Бугарија), Славко Михалиќ и Анте Стамаќ (Хрватска), Андреј Вознесенски (Русија), Вилијам С. Мервин (САД), Хинек Маха (Чешка). Домашни: Кочо Рацин, Блаже Конески, Гане Тодоровски, Димитар Митрев, Стојан Тарапуза, Ефтим Клетников, Драган Охридски, Раде Силјан, Венко Андоновски, Христо Петрески, Александра Велинова Радевска, Иван Антоновски и Весна Мојсова-Чепишевска.

Тоа. И се тоа: автори, дела, жанрови, вклопени во поетиката на светилината, или како што ја дефинира уште неа Кристина Николовска – Ars Poeticaсветлина. Неа ја бара, од неа тргнува како од почетна станица и во неа стасува на крајот хедонистичката естетска егзегеза на рафинираното перо и душа на оваа несекојдневна читачка и интерпретаторка на уметноста на зборот. Својата интерпретациска поетика таа ја варира низ повеќе битни дефиниции и одредници. Една од нив е „Филозофија на светлината“, друга „поезијата како светлосна енергија“, трета „Јазикот како светлосно огледало“. Најпосле, за неа in medias res е, едноставно, таа е и поетска постапка, или tehne, како што велеа античките Грци. Меѓу нив и знаменитиот Македонец од Стагира Аристотел. Значи, станува збор за светлинска енергија од која, фигуративно речено, се прават прстења, еден вид на скапоцен накит наречен – поезија. Тоа го гледа, и така ги замислува Кристина и поетската душа и поетската работилница. Светлината, впрочем, е основниот материјал за прастарата уметност на словото, за неговиот креативен агон втемелен и на самиот почеток од новозаветното евангелие на најмалдиот и најомилен Христов апостол Јован, авторот на, според нас, најубавиот поетски текст во историјата на поезијата: „Откровението“, или под друго име „Апокалипсата“, со кој завршува Светото Писмо. Сеедно. Зошто е, пак, поезијата Ars Poeticaна светлината како што смета Кристина Николовска. Затоа што, според неа и самото битие на човекот произведува светлина, убавина, според калапот со кој го сотворил Бог и според заветот што му го дал нему тој. Гастон Башлар тоа го именува убаво со синтагмата „спонтана онтологија“. Тука некаде е и Мартин Хајдегер со неговата поетско-филозофска теза за поезијата како „ракопис на битието“. Да. Па сепак кај се искажува, во што се манифестира тоа битие. Се разбира, во јазикот како медиум, како антена, која ги влече истовремено сликите на постоењето и од битието, човекот, и од небото – Бог. Тој кај нашата авторка е дефиниран како „Светло огледало“, или како огледало на светлината. Слично на Џон Китс, секаде и во се Кристина Николовска го бара коефициентот на Убавината, односно, со нејзиниот есенцијален речник: светлината. Го бара, и го наоѓа со нејзините, просто откровенски, вехементни микроанализи, за по нив да ни ја остави и претстави сликата на целината што зрачи од делото. Се сеќаваме, во таа смисла, на Федерико Гарсија Лорка кој во прекрасниот есеј за Гонгора велеше дека поетот во едната зеница треба да има микроскоп, а во другата телескоп. Е, тоа совршено го има и Кристина Николовска како интерпретатор, и затоа нејзините херменевтички поетски анализи се така возбудливи, светли и кристиално јасни.

Тоа е интерпретација со голема емотивна екстаза. На неа, таква, можат да и стават забелешка некои строго стокмени литературозналци, сциентисти и еклектичари, дека и недостастува теориски метод и систем. Забелешка што паѓа веднаш во вода. Првин, и емоцијата што се вложува во интерпретацијата на едно дело, според нас, е некој вид на систем, на потход кон делото, ако сакате и на метод со кој се согледува и анализира тоа. Оти отприлика така некако мислеше и Гете кога велеше дека најголем дар што му го дале боговите на човекот е дарот за восхит. Восхит и од делото и од другите. Таквиот пак благословен дар за кој говори германскиот гениј, нашата Кристина Николовска го има во изобилство. И авторите што ги анализира таа според неа се автори на светлината, но нејзината интерпретација ја зголемува неа, критички преосветлувајќи ја. Некој нејзе може да и забележи дека не е се светло во уметноста, па ни во поезијата. Да. Но таа е свесна за тоа на начин на кој темнината и ноќта се промислува кај Новалис во неговите „Химни на ноќта“ како извор на светлина. Нешто што е толку многу карактеристично и со нашиот поетски гениј Кочо Рацин, чие дело сјајно го доосветлува во нејзината книга и Кристина Николовска.

За сите оние што би и замериле на Николовска за нејзиниот екскламативен интерпретациски темеперамент, за нивна утеха ќе го цитираме Оскар Вајлд кој белким е покомпетентен од нив да каже нешто за уметноста и за поезијата. А тој вели: „Сета уметност всушност му се обраќа на уметничкиот темперамент. Уметноста не му се обраќа на специјалистот. Нејзиното тврдење е дека е универзална и дека во сите манифестации таа е една“. Една. Кристина вели: без исклучок светлосна. Оти носи светлина. Според Вајлд и критичарот како и поетот е сонувач „кој може да го најде својот пат само на месечева светлина“. Како месечар, метафора за сонувач. Но од месечева, како што гледаме кај Кристина и Рацин, се стасува во зенитна дневна светлина. Конечно, светлината кај нашата интерпретаторка, земајќи активно учество во неа, ја сугерира, како што мислеше и Лесинг за тоа, катарзата.

Таква, интерпретацијата на Кристина Николовска тргнува од самата срцевина на јазикот на делото што го анализира, од точката на неговата огненена онтолошка и естетска температура. Ако и бараме нејзе аналогија, на нејзиниот вехементен интерпретациски стил, неа ќе ја најдеме, не во сциентистичкиот ригидно теориски, туку во поетски пример. Според нас нејзиниот интерпретациски стил потсетува на интерпретцискиот стил на големата руска поетеса Марина Цветаева. Стил на една изразито вжештена температура на мислите и емоциите, стил на лирска фргментарност која отпосле природно сама од себе се склопува во систем, како што се случува тоа и во самата поезија. И Кристина, како и руската поетеса во своите интерпретации има многу дисперзирани точки и парцели, па како пчелата во летно пладне лета од цвет на цвет за да го собере пленот. Епицентарот на пчелата притоа е улиштето и саќето во него што треба да го наполни со својот „интерпретациски“ еликсир од книгата на ливадата и летото. Аналогно, слична е и критичката, поетско-есеистчката интерпретација на Кристина Николовска: лета, облетува, оди зад хоризонтот, се враќа назад, но секогаш тоа далечинско и блиско кружење е околу епицентарот, стажерот што цврсто го забила во него таа: Светлината. Не само одделни стихови, песни и поетски книги, туку и цели опуси таа ги посматра од тој соларен аспект, па така, in medias res, и опусот на Рацин нема да го дефинира никако поинаку, туку како „културолошко сонце“.

Тоа. А што се однесува до теориски систем, нема проблем. За утеха на оние кои Кристина би ја обвиниле за претерана емотивност и лиричност во интерпретациите, несвојствени за сциентистите и еклектичарите, ќе кажеме дека таа располага и со извонредно теориско литературознание, па така нејзе воопшто не и се туѓи теориските алатки, но таа многу внимателно и прецизно ги користи нив. Онаму кајшто е потребно тоа. Не сака со нивното сциентистичко и еклектични сечило да го повреди нежното ткиво на делото, пред се на поезијата, која апсолутно е доминантна како интерпретациски фокус во нејзината најнова книга. Таа тука е крајно прониклива и сензибилна во својата интерпретациска херменевтика, која се отвора во концентрични кругови како лотосов цвет од семото средиште на творбата што ја опсервира. Од средиштето на нејзиниот онтолошки и естетски ерос со кој истовремено, како по договор, пламнува и креативниот ерос на толкувачот. Изворедно прецизните, атомизирани теориски анализи на Кристина Николовска ги наоѓаме, пред се, во нејзините интерпретации на творештвото на Димитар Митрев, Рацин, Конески и Венко Андоновски, кои органски се компатибилни со неа. Се разбира, на подруг амалгамски начин тука се и нејзините интерпретациски есеи за поезијата, во кои таа на некој начин ја елаборира и својата феноменолошка и поетолошка позиција од која тргнува во толкување на поетскиот говор, позиција, како што веќе рековме понапред, многу блиска до толкување на Хајдегер на поезијата како „говор на битието“. Кај Кристина: како говор на светлината. На светлосното битие што произведува поезија.

На крајот: „Светлинска“ на Кристина Николовска е книга на литерарани егзегези, која во најголем дел, толкувајќи ја поезијата и самата станува еден вид интерпретациска поезија. Како успеала авторката да го постигне тоа, самата знае. А, знаеме ни ние. Го постигнала со светлината на своето знаење и својата душа. Со нејзината дарба за восхит од уметноста на другите, за што говори и Гете. Дарбата која, за жал, кај нас е многу ретка. Депресивно ретка. Имено, токму и затоа, покрај сите нејзини квалитети, е толку многу драгоцена „Светлинска“ на Кристина Николовска.