images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Петре Димовски

НАГРАДИ

Наградата е потврдена и конкретна валоризација на творечки материјализираната енергија во една создадена книга и несомнен афирматор на вредностите кои се содржани во уметничкото дело, во книжевната творба произведена од умствениот и физичкиот влог на авторот. А во време кога критиката на книжевните дела подолг период не е или неосетно е стимулирана и доведува до појава на отсуство на аналитичката критика, повикана перманентно да го следи националното книжевно создавање, наградите се преостанатиот катализатор за поттик на творечката продукција како детектор на вредностите за конкретно книжевно дело.А секако, наградата својата благородна функција најисполнето ја остварува кога е одредена и потврдена од најеминентен познавач и толкувач на вредностите кои, се подразбира, и самиот ги поседува. Ако не носи вредности во своето дело нема потврда дека оценувачот ќе има можности целосно да ги пронајде и открие содржаните вредности во делото што друг го создал.

Вредностите што една награда ги присвојува и поседува се содржат, пред сè,во вредносниот легитимитет на субјектот кој ја востановил и ја доделува наградата, неговиот изграден авторитет, поставеноста и местото кое го зазема во севкупното живеење и делување.А времето, како постојана категорија,дополнително ја надградува нејзината вредност како традиционално присутна и потврдена со уметничките вредности што ги застапува и одржува.

И, апсолутно, вредносен е оригиналот.Кога наградата е една и единствена. Врамена во името што го освоила. Секое нејзино репродуцирање во копии неповратно ѝ ги одзема дадените вредности, ја девалвира и омаловажува наградата, правејќи ја неценета и нестимулативна. Со допуштени исклучоци кај кратките книжевни форми. А секако, кон големината на наградата неизоставно се вградува и материјалната содржина внесена во неа, како валоризација на вложената умствена енергија во откривање на ретки и недопрени нијанси во градењето од агол на индивидуален пристап.

Наградата ја задржува и потврдува својата големина со одлучување за неа од страна на компетентни оценувачки комисии, услов дека избраното и наградено дело е едно од најквалитетните, целосно држејќи ја присутна тенденцијата да биде најквалитетното од квалитетните, каде најизразено ќе се истанчува границата на апсолутното над релативното, што е заложба при воведувањето и оправданост од постоењето на соодветната награда. Секое слегнување под нивото од скалата на утврдените вредности го нарушува вредносниот интегритет на наградата и ѝ го одзема имунитетот за натамошно опстојување во здравиот сферен простор, загрозена од повторливи, и поризични падови.

Кога авторот твори, создава и се преточува во делото пред себе само го отвора и гледа својот пат кон поставената цел, кон потврдување на себеси во делото како надградба во сите претходни достигнувања и наградата тогаш не постои како утврдена цел на неговиот пат. Кога делото е создадено тогаш светлината го отвора патот кон наградата како желба, како присакување, како потврда на својата верба во усвоените вредности.