images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Марина Мијаковска

СОПСТВЕНА СОБА ВО ПИСМОТО НА ТИШИНАТА

Сопствена соба (1929) на Вирџинија Вулф е првиот и најважниот манифест на феминистичката теорија и критика. Есејот е резултат на две предавања на Вулф што биле одржани во октомври 1928 година на дватa колеџа пред Друштвото за уметностите на Њунам и Одтаа на Гритон. Од предавањата за жените и романот во сублимиран и прецизен облик е настанат најважниот теориски манифест за женското творештво. Со Вулф почнала третата, односно; според Елејн Шоволтер, можеме да говориме за женската фаза на женското творештво. Овој есеј е субверзија на машкиот поредок, децентрирање на категориите пол/род и анализа на женската креативност и писмо; односот на женатачитател и женатаписател V.S. романот како жанр. Вулф која и самата е писателка создала манифест врз основа на сопствените лични писателски практики, сопственото практично знаење и креативноста на женскиот гениј кои ги претворила во теориски трактат на тоа што подоцна ќе биде именувано како женско писмо. Вулф во овој манифест се внела себеси целосно, колку телесно толку и емоционално и духовно, лично и колективно. „Нејзината љубов, живот, длабоко впишан во нејзиното творештво, исто така отвора нова страница во женското пишување и во женското објавување на другата, нескриена и нецензурирана сексуалност." Вулф го избрала есејот како жанр, бидејќи тој е типично машки жанр што подразбира: објективност, егзактност, знаење и убедувачко изнесување на точни и прецизни факти. Преку ваков сериозен жанр може да се говори за сериозноста на темата за жените и романот. Во Сопствена Соба има повеќе дијалози помеѓу женатаписател, нараторот и реципиентот. Таа дијалогизира со одредени историски личности и личности од уметноста. Текстот на Вулф е една голема полемика со традицијата и со читателката или идната писателка. Тоа што е иманентно за овој есеј е женската фантазија и заведувањето со пишувањето, различните родови перспективи и спектарот од нова светлина врз одреден општествен и културен контекст т.е; Англија или срцето на европоцентризмот.
Според Маја Бојаџиевска „(...) таа пронаоѓа и инагурира нов облик на човечки однос заснован на моделот на женскиот дискурс – како конверзација помеѓу еднакви."
Креативното во есејот се: пластичните описи парадигматични за романите, текот на свеста на женскиот наратор, а отчукувањето на часовникот и сопствената соба се симбол што означува прекин на времето, епохите, временската дистанца помеѓу минатото и иднината.
Женскиот субјект во овој есеј е нефиксиран, флуиден и растопувачки, а такава е и женската природа. Тоа е резултат на различните гласови и гледни точки на женскиот субјект. Затоа уште со есејот Сопствена соба можеме да говориме за постоењето на еден флуиден јазик и флуиден женски наративен субјект. Во есејот од шест поглавја Вулф ги сумирала основните постулати на феминистичката теорија и критика. Таа е 'мајка' на сите идни феминистки кои подоцна се занимавале со програмскиот и практичниот тек на развојот на женската идеологија и мисла. Започнувањето на првата глава со сврзникот НО, и завршувањето на последната шеста глава со истиот сврзник НО, значи исклучување, разлика, пауза во патријархалната мисла и хомогеност. Сврзниците но и или се клучни во развојот на мислата на Вулф затоа што со нив се прави исклучување на тоа што постои и негово первертирање со тоа што не постои или е замолчено и незабележано низ вековите. Клучната реченица со која почнува овој брилијантен и студиозен есеј гласи: Но, можеби ќе речете, ве замоливме да зборувате за жените и романот - каква врска има тоа со имање сопствена соба? (Вулф:1998, 5)

Уште на почетокот со оваа клучна Но-реченица, Вулф врши превредување на патријархатот, родовите улоги и релациите помеѓу половите преку два аспекта: животот на жените низ историјата и нивното место низ ходниците на литературата. Таа уште на почетокот се повикала на нејзините претходнички и притоа укажала на важноста на нивните први чекори во создавањето женска литература. Кога зборувала за главните фигури преку кои се спроведува патријархалната свест: судија, професор, свештеник, професорот Икс, оставила зад нивното име шифтови или празни места. Тоа оставање на празни места во врска со релацијата пол-говор и пол-знаење означува дека недостасуваат женските авторитети за да ја искажат сопствената положба низ вековите и историјата. Низ вековите машките субјекти на знаењето ги оценувале жените и ги вреднувале како род. Но жените треба самите да почнат да пишуваат за себе и да ја создадат историјата за себе. Во есејот Вулф го сумирала англискиот неканон односно; литературата создавана од жените во Англија. Тука спаѓаат: Фани Берни, Џејн Остин, Сестрите Бронте (кои пишувале поезија под псевдонимите Карер, Елис и Актон Бел), Мери Расел Митфорд, Џорџ Елиот (Мери Ен Еванс), Елизабет Гаскел, и други. Без нивната трага во тишината Вулф не би можела да го напише овој брилијантен есеј за викторијанската жена, за историјата на идеите, за тоа што е summa summarum женско творештво. Вулф истакнала дека тие авторки ѝ направиле пат за да може да пишува за женското авторство и да може да даде конкретни препораки за тоа како треба да пишуваат писателките денес и писателките утре. Преку следниов цитат Вулф ги истакнала трите причини зошто го напишала есејот и зашто се одлучила за ваков наслов. Насловот е релација помеѓу конкретен просторен објект-соба и објект-тело. Затоа таа вели:
Насловот жените и романот може да значи, а вие можеби и сакавте да значи, жените и нивната природа; или пак може да значи жените и романите што тие ги пишуваат; или пак може да значи жените и романите што за нив се пишуваат; или пак може да значи дека сиве овие три нешта се некако тесно поврзани и дека вие сакате од мене да ги разгледам во тоа светло. (Вулф: 1998, 6.)
Според Андреа Златар: „За Врџинија Вулф „Сопствена соба" не е теориска метафора за просторот на духовноста, туку експлицитен и материјален услов што го поставува за жените да можат да пишуваат, уметнички да создаваат." Сопствена соба има силно метафорично и симболично значење. Тоа значи да се има сопствен живот, да се има сопствен дом-тело и тоа тело да живее во конкретен простор-дом. Имањето сопствена соба значи економска сигурност и слобода за креативен израз и индивидуална реализација. Патот од конкретната сопствена соба е пат кон сопствената соба во самата себе и во светот на канонизираната и неканонизираната женска литературата. Сопствената соба е свртување кон себе и внатрешните соби на женското битие. Според Вулф авторката создава дело што ќе го остави зад себе како трага во просторот и со тоа ќе го означи сопственото присуство во историјата на идеите. Субјектот на искажувањето на фактите во есејот е лизгаво и флуидно јас кое си поигрува со идентитетите. Еднаш е јас-Вирџинија, еднаш е ние, вие, или фиктивно јас на Мери Кармајкл или било која жена што твори. Затоа Вулф вели: Викајте ме Мери Бретон, Мери Сетон, Мери Кармајкл, или како веќе сакате - тоа воопшто не е битно. (7)
Преку ваквото децентрирање и лизгаво јас и поигрување со идентитетите и гледните точки се врши превреднување на стварноста и универзализација на знаењето – така што тоа знаење ќе се однесува на секој субјект. Според Вулф нема фиксен родов идентитет, туку тој е лизгав, променлив и течен како водата од реката и женската телесна вода. Наративниот субјект еднаш е Мери Сетон, потоа разговара со Мери Сетон, дијалогизира и со самата себе и има цитати од други автори и дела. Како што се движи така и мислата шета и патува внесувајќи промени, свежа енергија што испарува и донесува нови капки. Како што мисли женскиот наративен субјект црта цртежи со кои ја истакнува креативноста на мислата и чинот на несвесното како транспарентен женски израз. Ваквата игра со гледните точки и со позициите од кои се говори е овозможена низ иронијата како стил преку кој се прекршува вистината со лагата (фикцијата и имагинацијата). Еден цитат одлично ја отсликува таквата женска игра со јазикот:
„Од мојата уста ќе протечат лаги, но можеби во нив ќе има малку вистина; до вас е да ја побарате таа вистина и да одлучите дали некој дел од неа вреди да се зачува." (Вулф: 1998, 6-7)
Преку дијалогизирањето со замислената Мери Кармајкл, Вирџинија Вулф создала модел за идеалната писателка. Идеалната писателка треба да пишува секојдневно, да нема омраза и гнев кон другиот пол, да нема страв да пишува, да пишува како жена што не заборава дека е жена. За Вулф зрното чиста вистината е знаењето или фактот за женскиот субјект, а таквата вистина ќе биде основа за жените писателки за да пишуваат за вистината за самите себеси. Жените мора да се стават себе си во текстот и да протечат како флуид изнесувајќи ги сопствените внатрешни светови, но и да ја прикажат стварноста на верното набљудувачко око. Образованието и религијата се водат според патерналистички закони. Во црквите се вложувало злато и сребро, се отворале фабрики, места на универзитетите, библиотеки, а во нив главно место имаат мажите.
Женското молчење или синдромот на тивката жена се прикажани преку две метафори: преку фиктивниот лик на замислената сестра на Шекспир која Вулф ја именувала како Џудит Шекспир и Ангелот од куќата. Според Миглена Николчина огнот го обележува молчењето на минатото (сестрата на Шекспир си ги гори своите скици и нема творештво); огнот е ветувањето за иднината (Мери Кармајкл ќе го запали факелот и ќе го означи женското творештво); а одлаганиот и, сепак, постојано предлаганиот исход е во сегашноста.За жените важела метафората за Ангелот од куќата: немале триесет илјади фунти годишно, немале право на образование, немале економска независност за да бидат свои на своето. Мајките не можеле ништо да им остават како наследство освен домашните обврски: плетењето, чистењето и готвењето. Жените немале пари, независност, образование, а автоматски не го поседувале ни правото на самите себеси. Според Вулф: Најмногу што тие можеле е да подигнат голи ѕидови од гола земја. (Вулф: 1998, 22.)
Во есејот изнесени се патријархалните забрани, цензури и негации изразени преку забраната една жена да гази по тревата на универзитетот затоа што не е студент и е жена, жена нема право да влезе во библиотеката без придружба на член на универзитетот или само со препорака. Во библиотеката на Британскиот Музеј чувари на знаењето и вистината за половите се само книгите напишани од мажи автори: Текери, Лем, Тенискон и други. Вулф до клучните тези дошла врз основа на соочувањето со следниве дилеми: За да се дојде до чистиот флуид, до есенцијалното масло на вистината зошто едниот пол беше богат, а другиот сиромашен? ; Како делува сиромаштијата врз романсиерството? ; Кои услови се неопходни за да се создаде едно уметничко дело? Историјата е еднострана, искривена и непотполна. Ништо не се знае за жените пред XVIII век. Жените трпеле репресија во бракот и семејството. Жените се појавуваат како ликови во машките дела и се прикажани само од нивна ограничена призма. За жените пишуваат само мажите свештеници, учители, научници маркирани под буквата М или машкиот пол. Нема книги за вистината на жените, туку тоа е едно искривување на истата. Тоа е експлицитно во следниов цитат:
Книгите како стручни трудови беа безвредни. Беа напишани под светлата на црвената боја на чувствата, а не под светлината на белата боја на вистината. Затоа мора да бидат вратени на главниот пулт. (Вулф: 1998, 30)
Ако жената во репресивниот среден век пишувала поезија, драма или проза и останувало само да полуди поради забраните изречени од патријархалните норми. Безименоста им тече во крвата на жените онака како што во нив тече маслото на тишината. Во XIX век ни една жена нема сопствена тивка соба и можност да создава. Тоа било срам за една викторијанска жена. Таа живеела по принципот на забраните ти не можеш или ти не си способна за ова. Еден цитат на Вулф одлично ја објаснил ваквата состојба:
Ќе ми требаат канџи од челик и клун од месинг само за да ја пробијам лушпата. Како воопшто ќе ги најдам зрната на вистината вметнати во ова огромно количество хартија? (Вулф: 1998, 25)
Вулф направила дискрепанца помеѓу сигурноста и благодетите на едниот пол и сиромаштијата и несигурноста на другиот пол – односно својот пол и неговата позиционираност во општеството. И за двата пола животот е тежок и борба, меѓутоа мажот е супериорен пол. Вулф не ги критикувала само мажите туку и жените. Таа била свесна за нивните недостатоци и јасно и концизно ги изнела и интервенирала во поправањето на истите. Со престанувањето на мачната работа и со вклучувањето на жените во социјалниот живот ги нема огорченоста и омразата кај жените. Вредностите можат да се сменат и жените да учествуваат активно во сите дејности и сфери на општествениот живот. Вулф во есејот објаснила дека жените пишувале романи набљудувајќи ги чувствата и карактерот. Така пишувале романи со чувства ставајќи го телото во темата. Вредностите на жената како разлика од вредностите на мажите се пренесени и отсликани во овие први романи. Вулф во овој есеј прави и дефинирање на романот како жанр. Таа сметала дека тој е најподатлива форма за женско изразување и како огледало го отсликувал животот. Романот се создава од врската помеѓу човечките суштества и соодветствува со вистинскиот живот. Вулф прва ставила акцент на телото и телесното испишување затоа што жените мора да го испишуваат телото во текстот. Еден цитат од есејот вели:
На некој начин книгата мора да биде прилагодена на телото и би можело да се претпостави дека книгите пишувани од жени ќе треба да бидат покуси, позгуснати од книгите пишувани од мажи и така обликувани што за нив нема да бидат потребни долги часови постојана и непрекината работа. (Вулф : 1998, 68)

Сопствена соба дава конкретни препораки до жените писателки за тоа како треба и како не треба да пишуваат. Вулф сметала дека жените не треба да пишуваат како мажите, бидејќи тие не живеат исто како нив. Секој род си има своја посебна историја и приказна што треба да се раскаже и прикаже. Жените треба да ги опишат своите скриени животи и приватното да стане јавно, да се осветли душата и нејзините длабочини, а пред сè како на екран да се прикаже женското секојдневие. Вулф истакнала дека на тилот секој човек има точка голема како пара што самиот не може да си ја види. Преку ваквата метафорчна слика, доаѓаме до следново дека едниот пол не може тоа да го направи за другиот пол – точно и прецизно да ја опише таа скриена точка или глас. Жените и мажите мора да се набљудуваат себеси. Преку фактите што ги напишале мажите за жените во нивните дела, жените треба да тргнат од таквите факти, да станат освестени и да почнат да ги менуваат лажните вистини со потврдувањето на сопствените факти. Во шестата глава на крајот на есејот се поентира со клучните тези како промислен програмски тек на женската идеологија за пишувањето. Вулф овој есеј како што го почнала така и го завршила со поентирање со но-реченица со која што завршува со клучните тези за женското пишување како праксис: Но, тврдам дека ќе дојде ако ние работиме за неа, и дека да се работи така, дури и во сиромаштија и анонимност, сепак вреди. (Вулф: 1998, 96.)
Во овој финален дел од есејот на Вирџинија Вулф може да ги најдеме следниве клучни тези за женското пишување на романи:

-„Она што е важно е да пишуваш она што ти се пишува, никој не може да каже дали тоа ќе биде важно, вечно или само неколку часови." (Вулф: 1998, 90.)
-Петстотини фунти годишно и собата значат моќ да мислиш со својата глава. Интелектуалната слобода зависи од матријалните вредности. (Вулф: 1998, 94.)

-Да заработувате и да имате исполнет живот во присуство на стварноста. (Вулф: 1998, 94.)

-Да пишувате секакви книги и теми. Само така прозната уметност ќе добие. Прозата ќе биде подобра кога ќе е рамо до рамо со поезијата и филозофијата. (Вулф: 1998, 94.)

-Да бидете повозвишени, подушевни. Најважно е да се биде свој. Мислете на нештата такви какви што се. (Вулф: 1998, 94.)

-Писателот треба да ја открие, прибере и да ни ја пренесе стварноста. (Вулф: 1998, 94.)

За Сопствена соба на Вирџинија Вулф можеме да констатираме дека е предманифест на женско писмо. Женското писмо ги влече своите корени, одлики и теми токму од овој брилијантен есеј на Вулф, а женското писмо се појавува терминолошки дури во 70-те години на XX век. Сопствена соба можеме да заклучиме дека е манифест на женското пишување и женското авторство како feminine writing. Вулф не прави строг рез помеѓу женското писмо наспроти машкото писмо, туку настојува андрогиниот ум кај авторката да ја создава книжевноста. Со потенцирањето на машкиот дел има машка, а со акцентирањето на женскиот дел од умот ќе се создава женската литература. Идејата за антрогинот е идејата за флуидниот јазик и флуидната свест на писателката што пишува романи.
Миглена Николчина во Смисла и мајкоубиство, концептот на андрогинот го сметала за алтернативна историја. Преку андрогиноста како свиок Вулф ги прикажала отсутната историја на мајките и присутна историја на мајките. Андрогинот е меѓупростор или времена маска преку која се овозможува да се слушнат машките и женските гласови.
Абигејл Бреј сметала дека: „Вулфовата репрезентација на креативниот ум не е детерминирана од биолошкото сфаќање на машко/женските умови или половите идентитети. Таквиот ум е способен за репецтивна перспектива и одговорно размислување токму, бидејќи тој не е лимитиран од точката на гледање на машкиот и женскиот ум. Истражувањето на Вулфовата перцепција во нејзиното пишување бара да се постигне размислување коешто е континуирано флуидно, во процесoт на станување."
Елен Шоволтер во текстот Нивната сопствена литература, дала негативна критика за овој есеј на Вулф. Критиката се однесува на тоа дека Вулф создала еден пластичен и омеѓен свет во кој ги аплицирала субјективните ставови за пишувањето низ окото на елитистичкиот женски субјект и во него ја нема обичната жена. Есејот на Вулф сам во себе има точки на контрадикторност. Контрадикторноста кај Вулф е во тоа што еднаш упатува на тоа жената да пишува како жена, а од друга страна пак ја заговара универзалноста преку идејата за андрогинот како машко/женски родов субјект. Тука Вулф се губи во субјективноста со бегството од нејзиниот вистински родов идентитет на жена.
Торил Мои во есејот Јас не сум жена писател: За жените, литературата и феминистичката теорија денес, ја критикува Вирџинија Вулф заради контрадикторноста во Сопствена соба. Критиката е насочена кон тоа дека Вулф од една страна сметала дека на жената писателка ѝ треба традицијата, а од друга страна за писателката е фатално да мисли на својот пол/род како жена. Според Вулф жената мора да гледа на реалноста без да се вознемирува со барањата за родовиот идентитет на авторката. Идентификувањето со женскоста е исто толку страшно како и идентификувањето на писателката со безродов идентитет.
Според Торил Мои: „Жените мора да пишуваат, но кога пишуваат тие не мора да мислат на себеси како жени; тие едноставно мора да бидат самите себе, и, над сѐ, тие мора 'да мислат на нештата во себеси', што би се рекло, да присуствуваат во 'реалноста', за да 'се најде тоа и да се собере тоа и да се комуницира со тоа до крај од нас'. Критиката на Торил Мои е упатена кон тоа дека треба да се одбегне барањето за тоа какво треба да биде женското пишување. Секој писател треба да го пронајде својот личен глас и пат и личната визија и фокус при пишувањето. Секоја жена писател пишува како жена, не како општа категорија на жена, туку како посебна и уникатна жена.