images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

САНДЕ СТОЈЧЕВСКИ

НЕШТО НОВО И СМЕЛО

Одамна се дискутира за состојбата во литературата за деца и младина кај нас. Тоа е редовна тема во средбите со малкумината автори што сè уште се занимаваат со овој вид литература, особено со поезијата за деца и младина, зашто во прозата, ако ништо друго, барем го имаме Горјан Петрески, со неговите мошне популарни раскази и романи. Обично се нагласуваат две болни точки: отсуство на желба кај авторите да се сообразат со духот, информациите и светогледот на современото дете, и немањето критичко опсудување на продукцијата од оваа чувствителна област. Слободно може да се каже дека ова се две навистина болни точки. Се надевам дека излекувањето на првата точка, или барем почнувањето таа да се лекува, бездруго ќе придонесе и за критичкото, поточно критичарското здравствено обезбедување и осигурување, дека на тој начин, преку видливо

творечко здравје, критичарите ќе бидат повикани, ќе се најдат повикани да им се посветат на кни

гите со песни за деца и за млади. Значи, најпрвин треба да се почне од поголема доверба во читателските инвентивни моќи на современото дете, а тоа ќе рече дека освен тематското освежување и осовременување, ќе треба да се покаже далеку поголема доверба во приемливоста на детето за воведените формални, творечки постапки, се разбира во доза и степен, но и начин за определената возраст. Но треба да се почне, секако.

Во таа смисла треба да се сфати и ова свртување внимание врз книгата на Симона ГруевскаМаџоска. Имено, во песната што ѝ го дала и насловот на книгата „Тажното змејче“, поетесата применува ретка, ретко успешно спроведена постапка на формално освежување. Се разбира, во оваа убава песна на детето му се понудени сите вредности и достоинства на старата, добра, класична песна за деца: римувани катрени, сугерирање доверба и другарство, повик за зближување и, многу важно, (пре)порака за прифаќање на различното, сеедно колку тоа на прв поглед да ни се чини туѓо и заканувачко. Така, змејчето вели:

Штом се појавам негде со мојот стас,

сите деца бегаат, викајќи на глас.

На крајот, меѓутоа, нештата се израмнети, сè си доаѓа на своето место, светот во претставата на детето е без пукнатини, залечен и цел:

Кога чуло змејчето дека некој го вика,

од силна радост почнало да блика.

Оттогаш веќе не било тажно зашто другарството му било најважно.

До тука и во оваа збирка на Груевска  Маџоска сè е како што сме навикнале да биде во најголемиот број книги за деца кај нас. Таа сепак прави чекор потаму и со тоа го заслужува нашето посебно внимание, а се разбира, тоа значи и повик за помалите читатели да го следат тој нов смел чекор на поетесата. Тој чекор, пак, се потпира врз една постапка што во теоријата на литературата се нарекува темпорален скок, вообичаен во модерната поезија, ајде условно нека речеме – во поезијата за возрасни, но, што е за нас од особено значење и што претставува причина за гордост, така е и во нашата народна поезија. Пишував порано во некои од моите есеи за употребата на таа постапка во нашите народни песни, на пример во песната под бр. 33 во Зборникот на Миладиновци, со наслов „Христовото воскресвење“, потоа во народната љубовна песна „Тихо ветре вееше“, како и во песната „Куќа ќе продадам, мила мамо“. Да потсетиме овде, колку за пример, на постапката во последнава: првиот дел од песната е покана до момето („ајде да си легниме“), и логично, се употребува граматичко идно време, додека вториот дел е извештај од тој очекуван настан, се разбира, искажан во минато време. Песната ни го ускратила само настанот. Едноставно го прескокнала. Презела величествен темпорален скок. Се склопила од чист копнеж по и од скапоцен спомен од.

Нешто слично, но сепак со подразбрани внимателност, претпазливост и суптилност заради возраста на читателите на кои им се обраќа, презела и нашата поетеса. Таа првин нè пренесува во пештерата во која тажното змејче ѝ се жали на мајка си заради чувство на отфрленост од другарчињата – деца, поради различноста. Змејчето е повредено и тажно, но тоа не плаче, или барем песната намерно го испушта тој глагол, со очигледна замисла тој да ѝ заврши поголема работа потаму во певот. Поточно, глаголот е употребен, но конзервиран, спакуван за во иднина. Змејчето вели: „Ќе почнам да плачам“, значи потаму во случувањето во песната. И сега одеднаш „две дечиња минувале фатени за раче“ и „го чуле змејчето како плаче“. Кога се случило тоа, во кое време? На кое место? Во пештерата или „на роденденот во ближното село“? Оваа песна, оваа поетеса мудро пее со полушепот, во притивната светлина, во примамлива и заводлива творечка полутемнина. Иако тој нејзин чекор такаречи е получекор, зашто остава можности и за стандардно доживување и толкување – децата минале покрај пештерата и го чуле змејчето – тој чекор е сепак во исто време и голем темпорален скок, крупна и смела иновација, скапоцен комплимент за малиот читател, кому на овој начин му се подотвора вратата што води во големата раскош на високота уметност на зборот.

Ист таков ефект е постигнат и во песната „Први април“. Темата во оваа песна, како и вообичаените и најчесто застапени теми во поезијата за деца (татковината, Денот на мајката 8 Март и слично) просто повикува и влече кон стандардна обработка, кон видлива каузалност, праволинејност и директен пристап. Нашата поетеса, меѓутоа, овде уште на почетокот воведува остар свијок, предизвикува читателско колебање и задуманост. Песната не тече како што сме навикнале досега со стиховите напишани на оваа тема. Оправданоста на ваквиот потег очигледно има подзатскриена, длабинска, иако видливо проверлива мотивација, што се разоткрива и се покажува во шеговитата карневалска атмосфера на маскирањето што децата го прават на тој весел празник: во оџачари и во каубојци, во мускетари и во кралеви, во принцези и во невести. Сепак, свијокот наидува толку неочекувано што кај малиот читател во прв момент предизвикува чувство на произволност и дури потоа се воспоставува вистинската врска со карневалската атмосфера која дополнително ѝ придодава логичност и континуитет на песната. Имено, кога ќе прочитаме:

На први април

сите се лажат,

а некои невести

се мажат,

имаме проблем да го премостиме логичкиот јаз помеѓу двата чина, двете дејства кои како да течат паралелно, не допирајќи се меѓу себе. Збунетоста набргу ѝ отстапува место на читателската радост од креативното учество во разгатката: детето веќе е пренесено на „свадбата“, во играта, во празничната атмосфера во која лагата го има главниот збор, каде што ништо не е онака како што на прв поглед изгледа, каде што сѐ е возбуда, забава, копнеж. Ваквото толкување и читање на песната се укрепува и со исказите од втората строфа во која, шегобијно но добронамерно, детската игра настојува да заличи на обредност, да се поткрене кон сериозен и свечен чин.

   Едни деца

   чуда направиле,

а потоа

со сокче наздравиле.

И во оваа песна поетесата паралелно влече две линии, овозможувајќи лирски маѓосен контакт меѓу две возрасти, меѓу детството и зрелоста. Оваа постапка, на свој начин, претставува темпорален скок, зашто со помош на играта и досетката овозможува надминување на временското растојание помеѓу детството и зрелата возраст.

Ете затоа, но и за мошне други овде испуштени нешта, сакам да ја пофалам книгата на Симона Груевска  Маџоска. Со ваквата творечка, би рекол пионирска смелост, таа како да ја најавува возобновата на нашата современа поезија за деца, а со тоа и нашиот интерес и нашето поопстојно занимавање со неа.