images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

САНДЕ СТОЈЧЕВСКИ

„МОИТЕ ВЕДИ“ НА ВЕРА ЧЕЈКОВСКА

За време на овие долги и успешни години откако се одржуваат нашите чудесни Струшки вечери на поезијата, македонската книжевна јавност, а особено оние што сè уште со почит и со внимание се однесуваат спрема уметноста на поезијата, со најголемо нетрпение очекуваат да слушнат кој македонски поет, за која поетска книга ја добил наградата „Браќа Миладиновци“, тоа врховно, неспоредливо признание за кое што сонува секој од нас што се занимава со пишување стихови. Тие книги, благословени со оваа блескава награда, спечалуваат особено внимание, видени се, прочитани, толкувани, фалени. Затоа е мошне убаво што луѓето коишто сега раководат со Фестивалот, на наградените книги им ја продолжуваат свеченоста, со тоа што и наредната година ги ставаат во фокусот преку објавување на англиски јазик и преку организирање на овие специјални промоции. На еден или на друг начин, секоја од досега наградените книги заслужува таков третман, иако, се разбира, секоја од нив донесува определен тип специфичности и уметнички квалитети, распоредени, сепак, на една претпоставувана скала на вредности.

Книгата што минатата година го понесе ова највисоко признание за поезија кај нас е поинаква, нестандардна, сложена, комплексна во една преубаво провокативна смисла. Поетската збирка „Моите веди“ на Вера Чејковска е составена од поезија која е зашифрирана, заводлива и мудра, која пее, која се исповеда, која прашува и која не се стеснува да раскажува, но составена е и од предговор, од есеи, од коментари, од информации за процесот и за развитокот на науката (физиката, лингвистиката, теоријата на литературата), кои се лирски интонирани, кои се наведнати кон пев, армирани со лирска структура во своите подлабоки слоеви. Лесно може да се забележи дека овие два типа текст понекогаш толку многу се доближуваат што речиси најавуваат дека сосема се подготвени да си ги заменат својствата и местата. Исто така, во предговорот, како и во двата текста што него го придружуваат, Чејковска воспоставува широк но нужен и функционален контекст, водејќи го читателот од општото кон посебното, од сеопштиот динамичен развој на човечката мисла, па преку митовите, преданијата и духовните возвишија, со особен акцент врз индиската мисла, која главно се искажува преку пев, па сè до директна исповед за тоа како настанува непосредната песна, како од севкупната магма на духовноста се екстрахира чистиот лирски пев. На тој начин читателот е обезбеден со неопходни информации за магистралата, за единствената насока која упатува кон самиот лирски центар, всушност кон многуте центри поставени во средиштето на секоја одделна песна. До неа, меѓутоа, поетесата нè поведува преку една упатена, учена дискусија, прашувајќи се себеси, а очигледно имајќи го предвид читателот, која е вистинската денешна форма, каква структура изискува нејзината / нашата сегашна лирска песна, како таа би требало да се постави во однос на големата рамка во која човештвото од искони се обидува да дојде до сопствената формула и до формулата за вистинската природа на светот, денес особено наднесено над големата тајна преку развојот и подемот на науката и технологијата, па се решава и ни се доверува: „Се одлучувам за песна-настан, која некако ќе изгради нова чувственост над новите научни сознанија и технологии...“.

Се покажува дека својата песна, својата нова книга, нашата поетеса нема намера само да ја испее, да ја соопшти, да ја поведе и да ја доведе до нас преку разгазените, иако сè уште доволно функционални патишта, туку е намерна да ѝ ги измени природата, суштината, формата, да ја дефинира во сообразност со новиот начин на чувствување и на размислување, на доживување на светот, кој веќе не е оној од вчера, туку длабоко загазил кон сопствена редефиниција.

Дали сето ова ви наликува на стихозбирка каква што сме вообичаиле да создаваме и да читаме секоја година? Поделена на неколку циклуси, напред наслов, назад содржината и белешката за авторот. Се разбира дека ова не е отпишување на таквите вообичаени стандарди, зашто она што се бара од тие книги се високо поставени лирски единици, и доколку нив ги добиеме, тие се вистинското достоинство на еден лирски мајстор, но можеме ли, треба ли да не го видиме инаквото, новото, она што е повеќе, што има и што нуди плус, и уште еден, и пак уште еден? Што е осмислен, проектиран и изведен творечки потег? Ете затоа е оваа книга на Чејковска на извесен начин и во достаточна мера пресвртничка, и затоа се решава на ваква сложена структура; да биде и пев и размисла за него, и песна и разговор за неа, и лирско обраќање во мигот, но и информиран времеплов и прелистување на духовните сокровишта на човечките умствени и емотивни напори. А настојувајќи да е таква, и бидувајќи таква, значи песна-настан и песна-исповед, таа се надградила и во песна-разговор, песна-коментар, натежнувајќи час со едното час со другото својство, но никогаш не доведувајќи ги во прашање рамнотежата, стабилноста на певот, симетријата и доволната гаранција за крепкост. Својата песна Чејковска ја заштитува од евентуални процепи во структурата дури и со такви суптилности како што се навидум ситните интервенции во нејзината надворешна, графичка изведба со помош на изменетата синтакса и со интервенција во интерпункцијата. Дека не станува збор за случајност или за надворешни, ситни ефекти или за препуштање на веќе востановените претходни иновациски стандарди, можеме да се увериме од исказите на самата поетеса која вака ги  промислува и ги аргументира овие потези:

„На пр., во песните сопствените именки најчесто ги пишувам со мала почетна буква, пред сè од мои естетски причини, а веројатно и со цел да ја приближам до суштествата и творбите означени со нив важноста и на другите творби. Обратно, некои полнозначни зборови кои не се сопствени именки – некогаш ги пишувам со голема почетна буква, за да ја подвлечам нивната особена важност или зголемена општост во контекстот.“

Ете затоа е оваа книга на Чејковска натстандардна, затоа е прочитана, читана и наградена на овој голем фестивал со најчистото признание за лирски подвиг на македонските поети. А еве, само за илустрација, колку смело Чејковска ја спушта, или, ако сакате – ја извишува песната до расказ. Во песната „Како се огледувала баба ми“ вака се пее расказот, или вака се раскажува певот:

„Мома од македонското гратче кавадарци, кога одела на гости во големото село бегниште, кај својата тетка и тетинот, учител во селото, баба ми го понесувала кружното огледало, подарок од нејзиниот татко...“ и така натаму, се раскажува песната, спокојна дека е сепак на свое, дека не престапнала црта, зашто нејзината смела поетеса досипала во неа изобилство лирска материја, доволно емотивен полнеж кој извира од спомените, од семејните преданија, од нашиот однос спрема бајковитоста на сè она што е поврзано со митските претстави за постапките и доживувањата на нашите предци, кои за нас редовно содржат некаква митска магличка. Сепак, и покрај целосната потопеност на песната во емоција, одвреме–навреме, но се разбира, со стратешка разместеност, ќе избие понагласен вид пев, ќе се јави тон што навестува длабина, пробив во временските пластови:

 „Некаде далеку завршувале војните, земјата ја делеле, сè се менувало“.

Исти такви изблици на лирска магма се јавуваат и во коментарот на песната кој, се разбира, пред сè е разложна експликација, но еве наеднаш лирски и есеистички нанос:

 „Таа само го обожаваше обликот на огледалото“.

 Овој лирско-есеистички исказ, меѓутоа, во целост се однесува и на поетесата Вера Чејковска, која во сите свои песни, ајде попрецизно, во сите свои текстови ги обожава и обликот и огледалото, што ќе рече и совршеноста на формата, но и длабината на одразот, сонот, копнежот, привидот, цврстината на нематеријалните, на душевните, на духовните нешта. Ете затоа, и се разбира за уште многу, многу нешта до кои овде успеавме само да се допреме, поетесата Вера Чејковска заслужува високи комплименти за оваа своја раскошна, со право осветлена книга со наградата „Браќа Миладиновци“, но и за нејзините претходни книги, забележани и во задоволителна мера прочитани и толкувани  од македонската критика. Си допуштам слобода да се присетам дека ваквиот наум за градење сложени песни и книги, сочинети од чувства и од размисла, насетив уште во нејзината најрана творечка фаза, па во еден обемен есеј за природата на нејзините песни напишав дека тие „пеат, но и дека дискутираат“. И уште, но за нејзината книга „Множење на словото“: „Во оваа книга Чејковска прецизно ги здиплила и ги довела во целосна совпадливост поимите песна, лирска песна и размисла“.

 Така ја насетувала, но и ја довела „во целосна совпадливост“ разновидната и повеќестрана, повеќегласна структура уште тогаш, пред години, за да ги изведе, конечно, во книгата „Моите веди“ завршните потези, завршните акорди на тоа многугласје од лирски ѕун и од есеистички додаток кон него. Станува јасно и очигледно дека до оваа, до ваква книга, Чејковска патувала долго и внимателно, дека е таа резултат на упорита и длабинска визија за тип лирска песна, и затоа не можела да биде поинаква. Затоа сега пред сите вас, кои ја почитувате нејзината песна, уште еднаш ѝ го упатувам прашањето што ѝ го поставив во еден наш разговор што го водевме за специјалниот број на списанието „Стремеж“, а кое им го посветивме на Вера Чејковска и на Милош Линдро: „Скицирај ја твојата намера, намерата на твојата песна“!

Еве го нејзиниот одговор во кој згуснато се содржи сето ова што јас невешто и нашироко се обидувам да го формулирам како скица за природата на песната онака као што нашата поетеса ја замислува и ја реализира:

„Мојата единствена намера во песните е тие да ја остваруваат основната функција на поезијата: да градат нов и убедлив ред (дисциплина) на доживувања, искуства и мисли низ спојот Јас плус Светот“.

Крајот на овој мој кус, но побуден проговор за наградената книга на Чејковска, но и за природата на нејзината песна во целина, нека биде почетокот на предговорот кон изборот од нејзината поезија застапен во рамките на големиот проект „135 тома македонска поезија“, предговор што го напиша извонредниот поет, критичар и есеист Милош Линдро. Тој известува за местото и значењето на оваа наша поетеса што ги има во современата поезија кај нас:

„...постапно но и неотстапно, од книга во книга, поетското творештво на Вера Чејковска си го оформи својот јасен и препознатлив идентитет. И, бидејќи првичниот впечаток од средбата со книгите на Чејковска не оставаше сомнеж во оригиналноста на нејзиниот поетски исказ, литературните проследувачи обрнаа соодветно внимание и тоа го нагласија во своите критички осврти.“

Кон ова секако треба само уште да се додаде дека такво внимание и таков усет покажа и жири-комисијата која, со полно право, на Вера Чејковска ѝ ја додели наградата „Браќа Миладиновци“, а се разбира и Струшките вечери на поезијата, кои го организираа и го реализираа препевот на оваа книга на англиски јазик и со тоа на најубав и најефикасен начин ѝ ја понудија на голем број читатели надвор од Македонија. Ѝ посакувам на оваа книга на Чејковска убав прием меѓу љубителите и познавачите на вистинската, сложена и смела лирска песна.