images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Јован Дамјановски

РЕАЛНОСТА И ДЕТСКАТА ИМАГИНАЦИЈА

(Кон романот Зелениот капут од Славица Дабевска Кировска)

Основна тематска ознака на романот Зелениот капут од Славица Дабевска Кировска е судбината на младите луѓе кои пред повеќе од три децении градеа свое животно гнездо во нејзиното и наше Тетово. Таа впечатливо раскажува за меѓузависноста на драматичните, психолошките и емотивните проблеми на луѓето кои незабележливо минуваа низ времето и животот.Приказната е за кобните спомени од детството, за различностите од животот. Нејзината творечка возбуда е врзана кон книжевното љубопитство да се вклучи во литературниот феномен да се оствари допир до реалноста на животот, со што се овозможува и генерациско препознавање.

Нема сомнение дека клучот за толкување на романот Зелениот капут од Славица Дабевска Кировска е реализмот со што ја предизвикува емоционалноста и во конечна смисла да ннè подготви да ја разбереме автентичноста на приказната со многу различни предизвици и значења.

Ова впечатливо романескно остварување има длабока социјална позадина. Ниту рецензентот, ниту читателот не може да биде сигурен дека со оваа мисла се одбрани сите вистински агли за анализа и конечна оценка на делото, но секој може да се провери според сократовата максима најпрвин де се запознаеме самите себе.

Но, да почнеме со ред. Приказната зборува за времињата кога ќерките се именуваа како: сине мој, а бабите се нарекуваа мајко. Лебот се мачкаше со сало и се наросуваше со буковец, а во посебен ден се служеше домашен ајвар. Главната личност од приказната е малечката Јана која се исповедува во името на Сара. Таа аналитички и јасно размислува за родителите на својата другарка Сара, за вредната и тажна мајка Панда и татко ѝ Славе кој се справува со нервозната подреденост кон алкохолот и со навредливи зборови го истура својот гнев кон жената, која е принудена да го поднесува и заради нивната ќерка Сара.

Но,страдањата се простуваат ако се размислува со суштината на филозофската доктрина наречена Толстоевштина. Според големиот Толстој, во животот, независно од каде се посматраат настаните, од дното или од високо, не постојат само добри, или само лоши луѓе. Луѓето треба да се препознаваат според околностите.

Роднокрајната мотивика во овој роман се анализира како замислена линија на бесконечноста, во која секој се проверува самиот за себе.Јана го раскажува животот, особено студената зима во градот под Балтепе. Силата на мотивот во овој роман е слика за внатрешните спротивставени чувства, со кои раскажувачот, на подотворена врата влегува во приказната. Ако врховниот закон на моралната чистота е искреноста, тогаш младоста лесно се препознава, како зелената боја и пролетните цветови. Човечноста е светлина која сепак има и зајдисонца, но најсилните чувства за препознавање на човекот се изгрејсонцата. Во одблесоците на немирот во младешките души, во романот, Јана ја опишува психолошката состојба на својата другарка Сара во која се препознава чиста душа загнездена во младешко срце.

Во романот Зелениот капут не може да се отфрли едноставната вистина дека имагинација за младешкиот дух е сунѓер во кој младите луѓе со својата младост освојуваат друга младост. Главниот лик Јана и нејзината пријателка Сара доживуваат внатрешни конфликти меѓу меланхоличните штимунзи и бунтовни акценти на страдањето во младоста, а од младите се очекува да го менуваат светот. Но, сепак, двете пријателки од различен социјален статус, преку пријателството и меѓусебната љубов и припадност, се соочуваат со стварноста од некое таинствено и подзаборавено кандилце од некој стар тетовски орман на човековата душа, за препознавање во времето. Книжевното достоинство за авторот е препознавање од многумина свои читатели во приказните за животот што незапирливо минува, но предизвикува постојани разјаснувања и дообјаснувања на сопствените анализи за прашања кои никогаш немаат само еден одговор.

Начинот на животот во тоа време на нашето Тетово главниот лик на романот, Јана, го препознава по традицијата кога се прославуваат Водици, Василица, Велигден, во време кога ветерот Развигорец завива на Балтепе, во време на доаѓањето на ластовичките. Таа го опишува времето за варење слатко кое започнува со јагодите, па завршува со речелот. Секое овошје е во тегло. Се става во варова вода, па во девет води, се вадат семките, се пази на шербетот. Не смее ниту тенко да биде оти ќе скисне, ниту густо оти ќе зашеќери.

Посебна приказна се традиционалните јадења на Тетовци. Познатата сарма од лозов лист, јуфките, пита со праз, матеницата, тазе свареното кафе. Тука се и ишаретите на баба Коца кога гледа на кафе.

Микрокосмичката душа на просторот во кој се опишуваат тетовските маала: Два Бреста, Певчина, Поток, Колтук, Саат Маало, во овој роман имаат една хаотична првобитност во која минатото не е сè тоа што поминало, како што иднина не е сè она што ќе дојде, туку бесконечноста на мислата во која попатна станица е оптимизмот, а не тажните приказни. И во таа смисла, едно болно закашлување што го ремети здивот, или можеби некое брборење во сонот, не се повторно некои магли, ветре што нè држи на растојание од себе и во себе, ве мами и ви го мати умот.

Кога сме кај маалскиот живот во Тетово, авторот впечатливо ја опишува глетката на првото загазување во снегот, од рани зори кога вработените одат на работа во Тетекс, и ја трасираат првата патека во снегот.

Романот е реалистичен книжевен запис за човековите внатрешни несогласувања, спротивставувања, внатрешен емотивен судир меѓу минатото и сегашноста. Незадоволствата прераснуваат во седиментација на времето и на таков начин се тајно внатрешно огледалце за да се обидеме да се видиме во иднината.

Една редица имиња на луѓе од тоа време дефилираат во сите делови од приказната. Покрај маркантноста на ликовите од Јана и Сара, тука се Павле, Панда, Деспина, Славе, Коца, Слоботка, Нада, Мара, Тодор, Митко, Живко, Марионка, Цаца, Лепа, Ирена, Весна, но и познати имиња како што се Вукашин со господски манири и жена му Ленка, учители, професорката по хемија Снежана Чанакојца, Камберовци, Др Генадиев, инженерот Панче. Многумина Тетовци можат да се препознаат во оваа приказна.

Најлошиот дел од сеќавањата на Јана се инсертите од романот кои се врзани за Сара. Нараторот во овој роман се чувствува мачно кога размислува и раскажува за Сара. Тоа се немилите сцени во куќата на Сара кога татко ѝ Славе претерува со чашката. Јана најмногу се задржува на Сара која носи подарен зелен капут. Но, тој капут кој не одговара за најзината става, за Сара е најдрагоцен подарок. Сара живее тежок живот со родител кој им намигнува на чашките и вредна мајка која страда. Највпечатливиот дел од приказната за Сара е кога го правда својот татко зависник од алкохолот, што е неподнослива навика и постојанен предизвикувач на неволјите што ги создава нејзиниот татко.

Покрај силата на реалноста, во овој роман сепак се среќава детската имагинација за дамнешните времиња во кои се анализираат внатрешните споредувања, а свеста генерира во постојани нови дорекувања, нови нарекувања и одрекувања по колетивното несвесно во кое се гранулира поединечниот морал, токму според психологот Карл Густав Јунг. Искрите на бунтовноста за страдањето на поединци во животот овде се забележува, но се забележуваат и искри на животните радости. Тука среќата е само сенка на сонот, токму како нејасните слики од детските соништа кои потоа притискаат во јавето да помислиме дека сè што ни се случува е судбинско. Судбината не ја определуваме самите и авторот на романот Зелениот капут не се впушта во авантура да ги објаснува аргументите за тоа што сè им се случува на личностите од нејзиниот роман. Таа пишува по диктат на настаните, свесна дека понекогаш судбината и ја предизвикуваме, ама и самиот предизвик е исто така судбина.

Во мојата размисла за романот Зелениот капут допирам до реалните проблеми на животот. Авторот ништо не прикрива, ама тоа што се чита останува како духовен талог во потсвеста и ја притиска меморијата. Тука нема шифрирани пораки, кодови и комбинации на нејасни знаци, а сепак е мамка за да истражуваме кон кои кодови треба поединечно да се стремиме. Значи, не видов тајни симболи, ниту оттргнати јадра од срцата на младите кои ги смируваат своите гени на некои лулашки каде човечката милозливост бара посилна духовна топлина за која не и требаат починки.

Да се навратам на играта со ластик за децата, арабаџискиот дефтер на Вукашин, тазе кифли со џем од кајсии за гостите, филџаните од Романија, црвени, за кафе, со златен раб кои се служат во посебни прилики. Потоа Дајљовиот сокак откаде во близина на маалото Два Бреста се санкаа децата, но, најсилно и највпечатливо се тажните зелени очи на Сара кои знаеја да ги помешаат солзите страдалнички со оние за радост дека работите ќе се видоизменат. За конечна разврска на пораката на романот останува зелениот капут на Сара кој постојано го носи иако е премал за нејзината става.

Задолжителните споредувања меѓу родителите и децата во овој роман не се отфрла како чувство за конечно раздвојување, туку, напротив, како една цврста и нераскинлива врска. Последната реченица од романот само го потврдува тоа: „Дали, овојпат, чичко Славе и тетка Панда заедно ќе ја пречекаат својата ќерка Сара и ќе ја продолжат нејзината започната среќа?“

Во романот Залениот капут сè потсетува на нешто далечно, за авторот на романот да си игра со мислите и зборовите како со детски играчки, Но, кога ќе започнете да го истражувате тој ред во нередот или обратно. ќе се изненадите дека всушност станува збор за неверојатно длабока осмисленост. Во овој роман се нагласува обичната мисла дека сите ние, во целиот свој век, ја бараме смислата на животот. Ако не допреме до некоја прифатлива дефиниција, може да се задоволиме со објаснување дека смислата е единствено во самото барање на смислата.

Во овој роман бесконечно се црпат атомите на младешкиот занес, како подлога за платонските свечености на младоста. Нејзиниот роман се доживува како мозаични слики низ времето и просторот во некоја фигуративна игра со бројки, во ова наше Тетово, таму каде младоста создаваше свое гнездо. Во читањето на книгата Зелениот капут, некои делови можеби делуваат повторливо, можеби некој ќе подзастане, но со тоа не завршуваат одговорите, туку само се одложуваат. Тоа е слика на волшебното огледало на животот, но приказната ја подгрева нашата љубопитност за она што поминало, тоа што сме денес и тоа што доаѓа како иднина. Овој роман е и фактографско дело за ,ртење на талентите кои денес, а можби повеќе и утре, се за нивно и наше препознавање. Оптимизмот во овој роман се насетува како капки роса по романтичните тетовски сокаци од младоста на авторот.

Пораката на авторот на романот Славица Дабевска Кировска е: „Драги мои, дарувајте љубов и помагајте на сите.“

Искрено да кажам дека откако започнав да го читам романот Зелениот капут, имав еден несигурен, неодреден впечаток дека се работи за четиво за деца. Но, откако го прочитав, сфатив дека Зелениот капут всушност е роман за возрасни.

Тематиката за младоста во нејзините размислувања, е во зелена боја, а тоа е бојата на пролетта што претставува и младост на годината. Сакам да изразам една воздишка радост за романот Зелениот капут од Славица Дабевска Кировска, за нејзиниот книжевен допир со детството и времето. Се разбира, во оваа смисла, секој одделно се препушта на сопствените согледби и стојалишта.