images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Љубинка Донева

ЗА „КАДИФЕНАТА ПОКРИВКА“ ОД ОЛИВЕРА НИКОЛОВА

Најновата објава на нашата позната, Оливера Николова, е збирката (од шест) „новелети за жени убијКи“. Станува збор за вистинити личности кои живееле во различни времиња. Анализирајќи ги животите на овие различни (a слични) типови жени, авторката се насочила првенствено кон нивниот внатрешен, интимен свет (што е и задача на новелетата како книжевен вид), во кој се кријат причините и мотивите што од тие жени  направиле убијКи. На самиот почеток, таа објаснува дека „Главните личности (во оваа книга) се автентични, како и нивните дејанија...“ Да појасниме: книжевната теорија подразбира ликови, но во случајов бидејќи станува збор за автентични и документирани „дејанија“, содржани во Енциклопедијата на убијците, јасно е зошто е употребен поимот личност(и). Од оваа Енциклопедија, Николова црпи материјал за книжевна надградба, за работа на „авторовата имагинација“. Познавајќи го севкупниот опус на Николова, знаеме дека имагинација не ѝ недостасува. Како книжевен вид, новелетата се појавува во времето на Ренесансата, а поимот потекнува од латинското novus, што значи ново. Новината во однос на дотогашните прозни творби е во тоа што новелетата се фокусира на создавање книжевен вид во кој приказот на некој настан е покус, подотеран, посожет. И бидејќи новелетата по опсег е позатворена и поограничена прозна книжевна форма, мора да инсистира на одредени барања кон кои писателот мора да се придржува. Едно од нив е воведување несекојдневни и необични ликови на „чудни“ луѓе  кои по нешто се „истакнуваат“, од  просечните. А такви секако се убијц(к)ите кои се предмет на книжевната обработка на Николова. Зошто и како овие жени посегнале по животите на други? Кој е жртвата, настраданите или тие што предизвикуваат страдања? Во новелетата за Жана Лорет има една реченица која гласи: „...светот е така скроен за да не може никој да се заштити, макар колку и да се труди...“ Подолу, преку забелешките за хероините на овие текстови, ќе се увериме во тоа.

Пред секоја новелета, писателката, за мото наведува мисла од некоја жена позната по исти или слични активности. Прва е новелетата за маркизата Мари-Мадлен де Бренвелие, жена сериски убиец, која за своите злодела била изведена пред францускиот суд 1676 година. Мотото кон оваа новелета е: „Покријте го одарот со кадифена покривка: мекоста е за утеха, мракот за спокој“.  „Необјавена(ва) мисла е на Агрипина,позната трујачка со печурки, римска императорка“ и мајка на познатиот  (налудничав владетел) Нерон, стои во објаснението. А Мари-Мадлен има слушнато за Агрипина, чиишто жртви ги покривале со кадифена покривка. Оттука насловот на книгава. Во случувањата од животот  на Мари де Бренвилие, О. Николова нè води смирено, рационално, но и со својата имагинација на зналец како да се распластат доживувањата од нејзиниот живот, а се прекршуваат во нејзината специфична душевна природа, духовност и ментален склоп што ја прават тоа што е. Во биографијата на Мари-Мадлен стои дека е девојче од село, останато без мајка и од страв да не остане немажена, на брзина се омажила. Од татковата куќа го понела инцестуалното љубовно искуство со браќата. Во домот на сопругот, осиромашен и по многу нешта специфичен маркиз, оддалеку некако допира мирис на „канела, лук и мошус“ и тој мирис на некаков начин ја дразне и иритира..., ја потсетува на сиромаштија и нешто валкано.... Воспоставила врски со „дами“ од повисоките општествени кругови кои ги доживува како репер за нешто кое за неа е исполнување на некаков статус, па се чувствува „онеправдана“. Станува љубоморна на најблискте пријателки, незадоволна, жедна и желна за страст, зашто сè околу неа, некако е сиво и исполнето со рамнодушност. Начинот на кој таа „дејствува“ остава впечаток на клише. Си наоѓа љубовник и како што обично бидува, со негова помош се насочува во наоѓање „решенија“ за ослободување од стегите што ја попречуваат да живее со страст, како што вели. Својот татко го труе со отровни чорби од бршлен, а потоа сопругот, па љубовникот и уште многумина други, кои ѝ се испречуваат на патот. Таа се восхитува од исклучителни жени и посакува и за неа да се зборува како за таква. Вели: „Но и убиец, е збор од машки род! Си помислувала ли за таа неправда? Сакам да направам нешто поблескаво, нешто како жена!“ И преку оваа изрека, сфаќаме зошто Оливера Николова во поднасловот нагласила дека ова се „новелети за жени убијКи“. Се чини дека хероините од книгава сакале и да го нагласат женското во тоа во што се „вложувале“. Иако овде сè е збиено и најнужно кажано, авторската имагинација, физичкиот изглед на Мари-Мадлен ни го  претставува како: „...личеше на татко си. Беше буцмаста како него, со краток врат и набиено торзо, а татко и пак имаше кратки нозе, спуштен струк и густа коса која како на Мари-Мадлен, паѓаше...“   

„...не сам да  создадеш, туку сам да скратиш живот.“, е мото на втората новелета. И нагласено е „Сосем веројатна мисла на Лукреција Борџија...“, член на семејството Борџии, познати по злосторствата, а вонбрачна ќерка на папата Александар Шести. Во центарот на вниманието во овој текст е Марта Марек од Австрија и како што стои во поднасловот: „продавачка на зеленчук, трујачка со талиум“. Марта живее во Дом за сирачиња  до својата седумгодишна возраст, а потоа е усвоена од еден трговец. Набргу повторно животот ѝ удира шлаканица. Марта останува без новата мајка, само со воспитувачката и очувот. Како што расне, нејзината убавина расцветува, а заради тоа, сите уште од малечка сакаат да ја погалат, да ја милуваат, а нејзе не ѝ е јасна сета таа наклоност. Тоа го доживува како нешто што се должи на друго „нешто надвор од неа“. Случајот сака да запознае еден човек, инженер, од каде ќе почне пропаста на преубавата Марта.  Човекот има чудно хоби: правење глинени човечиња и сите различни. Токму тоа и ќе ја зграпчи Марта со сета нејзина дотогашна невиност. „Мракот што го носеше во себе, а за кој уште не знаеше, се разбуричка стремејќи кон мракот на Емил Марек, небаре тоа беа двата пола на една иста работа. Науката би знаела да објасни, помисли таа наеднаш, со радост дека навлегува во непознато поле во кое ја очекува нешто сфатливо за други, но за неа со лик на неизвесност.“ Вака, со овие реченици, О.Николова го навестува пропаѓањето на русокосата убавица Марта. Описот на Домот за сирачиња што Марта посакала да го посети, е чиста високо естетизирана книжевност, а токму тоа е она што нè пленува и држи за книгите на Оливера Николова.  Таа посета го зацврстува кај неа стравот од сиромаштија, а кога тоа ќе го сподели со Емил Марек, тој беспоговорно ја уверува дека веќе никогаш нема да биде сиромашна. Тоа уверување го поткрепува со фактот дека таткото што ја усвоил „...наскоро ќе умре и ти дете ќе бидеш наследничка“. Кога таа кажува дека има маќеа, тој самоуверено ќе каже: „...и таа ќе биде мртва“. При  тоа, книжевното во описот вели: „Гласот му беше морничав...“. А тоа, сосем „случајно“ набргу и се случува откако Мартините родители појадуваат вкусни кроасани. По овој настан, инженерот успева да стане сопруг на убавата и многу помлада Марта, а тој со поголема страст им се посветува на своите глинени човечиња, иако останува во канцеларијата на Мартиниот посвоител. Марта навистина е веќе богата наследничка, но и веќе е госпоѓа Марек. Истиот тој човек ќе се самоосакати за да дојде до пари од осигурувањето. Сепак планот не му успева, па и тој и Марта ќе бидат уапсени, а синчето кое го имаат, го оставаат на гувернантата која пак го сместува во истиот Дом за сирачиња од каде што излегла неговата мајка. По издржувањето на затворската казна, тие се селат во Алжир. Овде, Марта ќе се соочи со другата во себе. И буквално. Оливера Николова, ова созревање  на Марта Марек, го отсликува мошне транспарентно: „Нејзиното слатко лице се криеше под тој чад на промените, се оддалечуваше, барајќи свое место за пристан, ја напушташе неа без премислување, дури предавнички, неверно.“ Таа Марта којашто другите ја доживувале „како кукличка, како цветче, како сончев зрак што радува“, ја нема повеќе. Таа го сфаќа тоа. Размислувајќи за прелагите од сопругот (од лажниот ландровер, преку осакатувањето и човечињата), во неа нешто силно се скршува. По извесно време, нејзиниот сопруг и ќеркичката што во меѓувреме ја родила „се разболуваат од „непозната болест“. Тој сфатил дека таа сфатила кој е и му се одмаздила. А кога таа го праша зошто сите тие негови жртви, одговорот е: „Сè што направив, направив за да ја поседувам трајно твојата убавина и да ти овозможам живот далеку од сиромаштија“. И преку овој лик, Николова го „оправдува“, книжевниов вид на оваа книга. Марта дознава дека во човечињата се крие талиумот како отров. (талиумот е хемиска супстанца која се користи за обработка на оптички стакла...). Сама и слободна, Марта (со „десетина глинени човечиња во торбата“, се враќа во Виена. Почнува нов живот како продавачка на зеленчук. Пронаоѓа две емпатични, повозрасни сестри, успева да им се вовлече под кожа и се сместува во нивниот дом. Големината на О. Николова како писател е токму дарбата да умее точно да ги дозира зборовите и да им наредува кој каде да застане. На таков начин постигнува доближување на психологијата на ликовите, а токму тоа е клучното за разгатка. Во случајов, со поедноставни зборови, ни покажува дека е точна тезата на Фројд за оформување на личноста на луѓето уште во раните години од животот. А дека умот оди со убавината, потврдува и некогаш убавата Марта. Таа умее мошне прецизно да манипулира со луѓето и да ги користи. Притоа за инструмент  секогаш ја користи полувистината за својот живот, предизвикува доверба кај луѓето, а и сожалување и тогаш стапува на сцена другата таа. Портретот на овој лик е комплетен, зашто преку описот на физичката убавина и промените што се случуваат, Марта се обидува да се спознае себеси. Дури по смртта на сопругот таа сфаќа што тоа го привлекло во неа. Сфаќа дека не е тоа физичката убавина, туку истиот оној мрак што и тој го носи во себе, а го препознал во неа:„...него го привлекуваше нејзиниот длабок мрак, само таму се наоѓаше неговото смирено пристаниште.“ А во домот на сестрите, Марта ја продолжува својата суровост со  своите „помошници“, глинените човечиња. Во нејзините жртви има и жени, но и деца...Убива од користољубие. Жртви потоа се и еден брачен пар, и друг, а внимателните луѓе кои се недоверливи, Марта брзо ги напушта и бара нови жртви. На крај, еден човек сфаќајќи која е, откако ќе ја искористи како љубовница и кого Марта го доживува како љубов, ја разоткрива... Иронија... Тоа се чувствува преку тонот и начинот на раскажување, преку ритамот, а збогатен и содржински со оваа книжевна постапка, О.Николова ја нагласува новелетата како специфичен книжевен вид.

Човекот што ја препознал, ја предава на полицијата, а кога по пресудата ѝ е отсечена главата, во нејзината пазува е најдена книгата за злосторствата на Лукреција Борџија.

Приказната за Бел Ганис, злосторничка од Норвешка, која се преселила во Америка, почнува со „непотврдена“ мисла од Локуста, дворјанка од I век на Римската Империја  и трујачка со токсични супстанци пренесени од Исток“. Таа гласи: „Ако го цениш животот, не заборавај дека смртта му ја дава вредноста“.  Она што е различно во објаснувањето на причините за злосторствата на оваа жена, во однос на претходните две, е тоа што за разлика од нив, кои раснеле без љубов, Бел Ганис, во домот на своето семејство почувствувала и семејна топлина и родителска и братска љубов. Таа ја имала несреќата, како дете да се соочи со страшен пожар кој пак ќе се всели во неа и ќе ја испустоши: „Не беше свесна дека огнот што го виде, големиот пожар, ќе се повлече во сеќавањето, ќе биде насила потиснат за да не ја плаши, но иако пламењата ќе добијат димензија на пламења во домашниот камин, ќе го изменат нејзиниот живот, ќе го избришат убавото спокојно детство и стравот ќе го пресоздадат во „дух од подземјето“. Се сели во Америка каде што мајка ѝ се вработува во пекарницата на сонародниците Соренсен. Тоа секако ќе ја потсети на пожарот и тој страв што го носи во себе, таа траума од детството во родната земја, Бел (алијас Брунхилда) секојдневно, мачно се обидува да го потисне за да може да го издржи денот. Во оваа новелета, Николова го потврдува фактот дека за да се постигне економичноста во изразот, да се стесне до најмали можни рамки структурата на текстот, нужно е посеопфатно истражување, за на крај, во расплетот да може да се нагласи  суштинското. Како и во другите новелети, и во оваа, Николова донесува сликовити описи кои ѝ погодуваат на затвореноста на новел(ет)истичката форма. И овде како и во другите, се присутни заокружени настани и проникнување во одредени душевни состојби. Во случајов со Бел Ганис, американската  домаќинка од Норвешка, тоа е стравот од пожар, како причина која во неа ќе всади ластар на злосторство. Кога нејзиниот иден сопруг случајно спомнува пожар, таа веднаш се потресува и добива напад. Психолошката нагласка кај ликовите, е нужна во новелите и новелетите, а Николова мошне умешно доловува ситуации на пројава на одредени душевни состојби што имаат врска со злосторставата (каков што е случајот со нападите при споменување пожар). И како што бидува, случајот ќе го донесе во нејзиниот дом Стив Ганис, кој ќе ѝ се претстави како пожарникар... Судбина можеби, ќе речеме (како и во приказната за Марта Марек)... И по тоа, сè се менува. Нејзиниот сопруг умира, „нормално“ под „неразјаснети околности“ (а можеби и заради јаболковата ракија)... И „нормално“,  потоа Стив во нејзиниот живот влегува како најблиска личност. Распродаваат сè и се селат на друго место. И ликот на Стив Ганс, како и другите споредни ликови во другите новелети е нужноста, сите случувања да се дообјаснат со вистин(ити)ски причини, достапни и сфатливи за секој (просечен) читател и да се потврди нужноста од каузалност во уметничкото создавање.. Токму умешноста сето тоа да го прераскаже со сликовитост во описите, со нагласени психолошки состојби, со исчекувања и напнатост, ја прави Николова автор кој се чита лакомо и во еден здив. Ова пак го потврдува фактот дека новелетата, како и новелата и сега е лесно прифатлив книжевен вид, зашто кусо, јасно, без многу претрупувања, донесува факти и објаснува со вистински причини. Потоа Бел Ганис, како и Марта Марек, ќе покаже дека станува жртва изманипулирана од маж којшто е мрзлив, неработник и којшто ја употребил како инструмент за материјална корист. На барање на „пожарникарот“ (кој всушност не е тоа) Бел Ганис почнува да дава огласи во весниците и да наоѓа жртви кои подоцна на мистериозен начин исчезнуваат. Жртвите стануваат тоа на најбизарен начин, дрско и подмолно, а неретко и речиси отворено. Иницијаторот на овие случки и убиства, еден ден со парите од една жртва, ја напушта. Таа пак си наоѓа нов човек и продолжува со него да манипулира како што со неа го правеле тоа. Нејзиниот пад оди до јавна куќа и трујачка која за мажите вели дека се „како мали деца“. И никако не признава дека е Бел Ганис, туку Мама Лаура...

Во претставувањето на жените убијКи, Оливера Николова одбрала неколку такви, со различни занимања: маркиза, продавачка на зеленчук, домаќинка, учителка, шивачка, атентаторка и куртизана (не во класична смисла на зборот). И сите тие не носат предиспозиции  за да станат злосторнички. Иницијалните каписли се различни и се најчесто во облик на (сакан) маж, одмазда или чувство на одговорност (патриотизам или поради грижа на совеста. Сето ова ни дава за право да се нурнеме подлабоко во психологијата на овој вид луѓе кои исто така на некој начин се жртви. А во новелетите што следуваат, тоа се потврдува.

Жана Лорет е жителка на Белгија и Холандија во 19 век и за она време учителка (со нецелосно образование) по француски јазик, а всушност жена со сомнителен морал. А и само такви можат да се најдат во книга како што е споменатата Енциклопедија.  Потребата кај некои персони, да влезат во високите кругови на општеството, се граничи со налудничавост. А Жана Лорет го сака тоа и прави сè да се најде таму, (по)горе. На една диполоматска вечера, таа ќе го запознае јапонскиот амбасадор, зрела, карактерна личност, семеен човек со почитувана сопруга, татко на две деца. Но овој факт, во тенденцијата на Жана Лорет за општествено издигнување, не значи ништо. Таа си зацртала дека човекот мора да го има и сè што прави е во таа насока. Таа не се задоволува со помошникот на амбасадорот, туку токму со амбасадорот, тој е целта... Низ ретроспективни навраќања, Николова го следи процесот на дејствување на Жана Лорет, чијашто крајна цел за отстрел е токму Накаи, амбасадорот. И таа бара и наоѓа и механизми и помошници за остварување на намислата.  Научува да свири на специфичен музички инструмент, а помошникот на амбасадорот целосно го освојува и тој прави сè за неа. Ја воведува во дипломатските простории на својот шеф, откако и двајцата се ставен пред свршен чин, да не можат да ја одбијат нејзината посета, иако им е безначајна. Таа од јапонската култура пресликала речиси сè, само да се пикне на местото што одамна го маркирала. Женава всушност е метреса, или проститутка од повисоките кругови. Таа не го сака Накаи, но користејќи ги љубовните знаци и трикови како инструмент кон целта (да си го обезбеди животот), наметнува впечаток на вљубена жена. Во кои кругови се движела и какви сè луѓе се „мотале“ околу неа, говори следнава реченица: „Сè некои чудаци околу неа, додуша не ја оставија гладна и на улица, ама таа си знае како се чувствуваше“. Умешноста на Николова со стилски, јазични, книжевни алатки да покаже дека помалку е повеќе, е присутно во сите новелети, но овде особено кога предизвикува асоцијација на валканата и грда ментална внатрина на оваа жена со блиската рекичка каде што Жана Лорет обожува да се релаксира. Таа асоцијација е присутна во реченицата што следува: „Оваа рекичка беше вистинско ѓубриште на градот, полна беше со отпадоци и смрдеше, повеќе канал отколку река... Но Жана на овие места пронаоѓаше некаков отпечаток од својата судбина, отслик на смрдеата која веќе не смее да си ја дозволи.“ Таа (жена од канализација), (како и оние претходно) е површна, не знае колку не знае, но е убедена дека може да се носи со сите горе, кон кои стреми. Нејзините амбиции се безгранични. Вешто ја намамува жртвата дома, мошне суптилно, без никакви скрупули, користи секакви средства како јадица, за да го заведе. Не е пренаметлива, не е ни молчалива, дозволува и тој да дојде до израз. Не дека е спонтана во однесувањето или  голем психолог, туку искусен и вешт манипулатор што „обработил“ икс наивни... На едно место, за Жана Лорет, читаме: „...не беше сретнала таков човек што сакаше да ја сака, а и што таа сакаше да го сака, не само да го искористува“. Настапува како учителка по француски јазик, не претпоставувајќи дека на часови, ќе доаѓа и сопругата на дипломатот. Ја употребува Песната над песните, за да испровоцира ситуација преку која ќе може да сфати каде е и кои ѝ се шансите.  Успева да го вовлече в постела и да забремени. Сопругата негова заминува за Јапонија, а Накаи како и секој одговорен човек, сака да му се врати на семејството. Кога дискретно се обидува да не ја повреди, а да ѝ каже дека треба да се разделат, дека не е лесно да се раздели од жена си, таа ќе рече: „А зарем е тешко? Јас знам што е тешко, Накаи. Јас од петнаесеттата година се провирам низ секакви гнасотилаци со надеж дека ќе ми осамне убав ден. Сега кога тој е тука, не давам, не давам да ми избега!“   И со пиштолот што ѝ го дал „пријателот“, го спречува „саканиот“ да си замине откај неа. По извесно време излегува од затвор. Заминува во Париз и почнува да се занимава со продавање љубовна напивка и пак која иронија, токму пред црквата Нотр Дам каде што се случуваат венчавки. По некое време почнуваат убиства во Париз. И сите со еден ист идентификуван пиштол. Кога е убиен човек (пак од високите општествени кругови), наеднаш ја снемува продавачката на љубовна напивка, а исчезнало и нејзиното дете за кое некои велеле дека го има... Жана завршува како што и треба да завршат тие како неа.          

За македонскиот читател, особено се впечатливи приказните на Мара Бунева и Менча Карничу, во заедничката новелета за нив. Карактеристично за нив е што не се сериски убијци, како претходните. Ова пак зборува и за кодот на македонскиот човек во којшто мрачната димензија на грдото лице на човекот, е со поблага нијанса. И има причина зошто авторката нив две ги става на исто место. Мотото што е појдовност за оваа приказна е веројатна мисла од една француска активистка  од 18 век, Шарлот Корде дʼАрмон, републиканска активистка и роднина на писателот Пјер Корнеј. Доаѓајќи до ова мото, констатираме дека Николова мошне внимателно избира најсоодветно мото за секоја од новелетите. И бидејќи во „нашава“, македонска приказна станува збор за атентаторки, таа и одбира мото од позната политичка активистка. Преку приказната за овие две познати Македонки од периодот меѓу двете светски војни, О.Николова во нашата книжевност ја зацврстува новелетата како книжевен вид со автентични ликови (личности) токму од одреден период на ова општествено милје. Настаните во кои се прикажуваат двете жени (кои се во центарот на нејзиното книжевно толкување на историските факти) и нивните активности како особено важни, Николова ги донесува во нагласено згустена форма, користејќи ја само најнужната граѓа, потребна за доближување на овие жени како личности. Тие не се родени убијКи како некои од споменатите. Но едната од нив, Менча Карничу, од банални причини (и пак како клише) станува убиец. И бидејќи нејзината жртва е познат Македонец (Тодор Паница), омилен кај народот, нејзиното злодело, некои го доживуваат како хероизам и ја боготворат заради „храброста“ да ликвидира некого којшто значи... Но вистината е дека и таа, како и некои од посочените убијКи од Еврпоа, е само  (болно) вљубена жена, која во желбата да го има саканиот покрај себе, прави сè за него, па дури и убива. Кај неговите противници таа добива поени на храбра жена, на личност достојна за восхит.  А „...восхитот за животот бара напор од кој само смртта печали.“, се вели во мотото за нашите две атентаторки. Иако до Мара Бунева стои епитетот шивачка, неа всушност,  повеќе  можеме да ја дефинираме како атентаторка. Побудата и поттикот да стане тоа по што ја памети македонската историја, е восхитот од делото на Менча Карничу. А Менча Карничу, влезена во политичките пресметки на многуте политички струи, фракции, групашења и слично, по игра на случајот влезена во кругот што го предводи Ванчо Михајлов, станува негов фанатичен обожувач, епигон, над сè вљубена жена која се заборава себеси. Личноста на оваа жена, авторката ни ја доближува како крајно студена, бездушна и лицемерна, па си го поставуваме прашањето, може ли еден ваков безмилосен створ, да сака? По убиството на Тодор Паница (во Операта во Виена) со чиешто семејство тесно се зближила, таа мирно чека да ја уапсат. Кога го надминува тој период, се враќа во Бугарија, болна, а кај неа доаѓаат „патриоти“, на поклонение како на аџилак. И еве ја пак иронијата која се провлекува во овој книжевен вид  и која е поречита од повеќе опширни објасненија. И Мара Бунева е восхитена од Менча. Таа го запознава Михајлов, но под едно од неговите многу лажни имиња. А бидејќи во Мара има нешто што ја прави многу енергична, силна и активна, згора на тоа и приврзана сестра, таа се внесува во идејата да се жртвува за татковината. Таа е млада, погрешно насочена, дури и наивна, но заради восхитот кон Менча, а и заради силата (на младоста) што ја носи, сака да направи големо дело. Сака и нејзе да ѝ се восхитуваат.  Менча е образована, шетана, од имотно влашко трговско семејство и тоа кај Мара уште повеќе ја заблескува сликата за оваа болна (и буквално) жена. Мара не го става пред својот суд фактот што Менча е „Македонка,  Влаинка“, како што сама се изјаснува, православна, а кога ја прашуваат нешто, вели: „Преведувачи беа нашинци, Бугари“. Мара пак е само фанатично занесено девојче кое се обидува да се „сокрие“ зад шивачкиот занает. За Мара авторката вели: „Од Мара избиваше здравје и тоа здравје требаше да се употреби за силни дела: со болните херои таквите дела личеа на очајни, на безуспешни обиди за славно напуштање на овој свет, на обмислена жртва“. Во вториот дел од исказов, Николова всушност го дефинира „хероизмот“ на Менча Карничу. Во приказната за Менча, авторката зборува за Мара и со својата големина на врвен мајстор на зборот, Николова „патем“, прозборува и за Черноземски, „верниот нишанџија на Ванчо Михајлов, чија рака не затреперувала кога некому требало да му се скине жилата.“  Под влијание на Михајлов, Менча се восхитува од Черноземски од кој гинат „По два-тројца секоја вечер  п софиските улици!“ Тој станува нејзин идол. И кога таа го доживува Черноземски како „здрав како карпа“, нејзиниот сакан, иронично ќе забележи: „Здрав велиш? Тој е поболен од тебе Менча. Книгава завршува со настани од животот на една жена од Судан, неправедно окарактеризирана како куртизана. Бегајќи од виорот на воените собитија во Судан, едно младо, исплашено девојче ќе се најде по игра на судбината, во верската пресметка меѓу христијаните и муслиманите, ќе се најде меѓу сомнителни луѓе. И меѓу толпа испотени и поднапиени мажи, девојчето што родило на 14 години и побегнало пред непријателот, ставено е во неизбежна ситуација на продавање на своето тело. Тоа кратко трае. Запознава клиент кој открива дека таа за да си го спаси животот, како и самиот што направил, се декларира за христијанка. Набргу се зближуваат и успеваат да заминат во Англија. Таму се обидуваат некако да преживеат. Таа му раѓа и нему и синови и ќерка и најмногу таа се грижи за семејството. Семејното насилство станува начин на живеење на оваа жена. Сепак таа се труди да го одржи и бракот и семејството, работејќи сешто. Нејзината човечка природа се буди под влијание на жената, Германка која се труди да ѝ ги отвори очите и да ја насочи кон животот. Во неа Магзин Пипо, така се вика таа, нашла вистински топол човек, та затоа е многу искрена, кога зборува за себе и за верата: „Таква вера госпоѓо, што убива во свое име... Кој може да верува во  таква вера? Јас, госпоѓо, сакам да верувам, дека нема посилен закон на земјава од љубовта првин за човекот, потоа за господ.“ Магзин Пипо не е свесна зошто понекогаш нејзиниот маж е пристоен, дури љубезен во односот кон неа, па прави сè што тој ќе ѝ рече. Меѓу другото, често разнесува до некое место некакви кесички со некаков материјал, а кои потоа ги презема некој човек. Во почетокот, неа не ја интересира  што носи. Сè до моментот додека нејзината работодавачка не ѝ ги отвора очите, укажувајќи ѝ дека експлозиите што се случуваат низ Лондон, се дело на исламисти... И дури тогаш таа се освестува. Нејзината честита природа, нејзините морални норми, човечкото што го носи во себе, еден ден, по многу жртви на експлозија, ја наведува од терасата на четвртиот кат каде што живее со семејството, да го турне првин мажа си, па децата и на крај и себе, при тоа надоврзувајќи го и своето семејство во жртвите на нејзиниот фанатичен маж, што ги брои додека заминува во смрт.  Мотото кон оваа новелета, гласи: „Само под последната покривка на одарот сето е најчиста вистина; бегството оттаму е можно единствено без учество“. Во објаснението за носителот на оваа мисла, стои: „Сосем веројатна мисла на Ванинка Чермајлова, 18, 19 век, Русија, грофица и убијка, иако жена со репутација на високи морални вредности“. Можеби, а и веројатно, и Магзин Пипо е жена со „високи морални вредности“, зашто со товарот на толкавата тежина на совеста, таа се има скршено...

 И она што восхитува во творештвото на Оливера Николова е нејзината даровитост и умешност, на најубав можен начин да го задржи читателот преку длабоката студиозност во обработката на темите, темелната психологизација и сликовитите описи. Конкретно во оваа книга, новелетите се читаат и доживуваат и како куси романи, со заедничка (психолошко-социјална) тема, убиства... Овие текстови не ги доживуваме и определуваме како криминалистичка литература, зашто авторскиот зафат е подлабок, опсегот на темата поопширен, иако врамен во новелети. Поткрепа за тоа ни се разложните разресувања на причините за убиствата, менталниот склоп на личностите, општествените состојби и социјалните милјеа каде што се сместени „дејанијата“ како што се изјаснува авторката. Таа издвоила неколку жени убијци, од различен временски период, со различно потекло и различен степен на образование, во дијаметрално спротивни социјални слоеви и средини. Тие убиваат во својата матична средина или пак настрана. Или пак ја напуштаат таа средина и се селат. Заедничко на сите нив, со исклучок на Магзин,  им е што не се каат за стореното. Поголемиот дел од нив, убиваат од користољубие (независно какво), заради мажот со којшто живеат, иако и ним им е нејасно, дали и го сакаат... Добриот автор, во конципирањето на своите книжевни пројави, внимава на композициската поставеност. Оливера Николова, во оваа книга прикажува сериски убијКи, без скрупули и некакви животни норми, користољубнички, исфрустрирани личности кои не се оформувале преку родителска грижа, но и такви кои имале љубов, но доживеале трауми кои им ја менуваат животната патека. Има и такви кои сакаат да се докажат рамни на машкиот свет, сеедно дали тоа е во ред или пак ним така им се сервира. Ова пак ни кажува дека мрачната страна во човековата личност не е „привилегија“  само на мажите и не само на други места. Во пројавата и на доброто и на злото од човекот, не постојат ни родови, ни верски, ни социјални, ни образовни, ни друг вид разлики. Современово живеење како да го поттикнува да избие токму злото од човекот, а книгава на Оливера Николова предупредува и учи на будност.