images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Борче Панов

ТАРАПУЗА НИ ЈА ПОКАЖА СИЛАТА НА ЗБОРОВИТЕ

1.
Тешко му е на поетот да говори за поезијата исто како на цвеќето за градинарството рекол Жан Кокто, но поетот Стојан Тарапуза ни ја покажа силата на зборовите и со тоа експлицитно ни ја докажа мислата на Платон дека Поезијата е поблиска до вистината, отколку историјата. Во поезијата на Тарапуза токму вистината е силата со која таа станува своевидно волшепство и на тој начин поетот станува, како што пак би рекол Кокто – НЕКОЈ, кој секогаш ја зборува вистината.

2.
Зборови има многу и секакви,
убави, грди и уште некакви,
со нив се плетат разговори,
со нив се водат војни и спорови.

Зборови, зборови маѓосни,
Често сте птици најрадосни,
Имате сила што лекува,
Со вас се расте и векува! (од песната Силата на зборовите)

Што е тоа што е чудесното во поезијата на Тарапуза? Несомнено, неговиот потски израз е говор, којшто истовремено се обраќа и до детето, но и кон детето што светка во очите на возрасните со што се добива една чудесна димензија на еден универзален поетски јазик, којшто пленува со раскошот на својата едноставност.
Се викам Стојан Тарапуза. Тарапуза ми е прекар. Вистинското презиме ми е Митев. Роден сум на 29.12.1933 година во Злетово, гратче кај Пробиштип. Имав среќно и безгрижно детство. Дење му помагав на татко ми во дуќанот – го изучував ковачкот занает...ни говори Стојан Тарапуза за своето детство и ни раскажува како во пузата од ковачкиот оган на татка си ги разгорувал сеќавањата за приказните кои тогаш ги слушал од дедо му, баба му, мајка му и татко му, коишто му го разгорувале љубопитството и му ја збогатувале фантазијата. Нивниот свет е богат, шарен, безграничен, каков што е светот на детството – нагласува Стојан Тарапуза. Токму поради тоа неговото поетско презиме денес е синоним на цел еден трезор, изобилство, или ТАРАарапана на поетскиот жар во ПУЗА(та), или врелата пепел со жар на неговиот поетски непрегор. Неговата прва поетска објава носи наслов Црвено растење (поезија за возрасни) во 1961 година, а потоа објавил уште една поетска книга за возарасни Во каменот ден по што, како што самиот вели, сфатил дека поезијата е своевидна магија и најубаво проклетство. Од тогаш, до денес, поетот Тарапуза објавил преку 50 поетски книги. Во 1966 година ја објавува својата прва поетска книга за деца Грејни сонце, по која следуваат Полно кајче желби и Дамбара думбара по која се реди цела една низа од поетски книги од која, еве, само да потсетиме на десетина наслови: Ѕуница пауница, Златица крилатица, Зборови по дворови, Шарки жарки, Зеници ѕвезденици, Цветулки со светулки, Под стреата на ѕвездите, Брзалки без врзалки, Бранчиња со ранчиња, Очите на денот, облак се поти Од нула до кула и многу друго се до најновите Пресликано време, за која во 2014 година ја доби највисоката награда за позија за деца Ванчо Николески, која ја доделува Друштвото на писателите на Македонија, потоа Мудрословија во 2016 и најновата – повторно поетска книга за возрасни со наслов Скаменет сон 2017 г.
Во своето интервју по добивањето на наградата Ванчо Николески со неговиот помлад колега Горјан Петревски, објвено во Стожер 2015 г. на прашањето како би го дефинирал пресудниот момент своето творештво целосно да го сврти кон децата, Стојан Тарапуза во одговорот потенцира дека почувствувал внатрешен порив да се изразува попевливо, поигриво, поедноставно и поразбирливо.

3.
Еден од најголемите антички филозофи од претсократовскиот период Хераклит на едно место нагласува дека:

„Човекот станува најблизок на самиот себеси кога ја постигнува сериозноста, која ја има секое дете додека си игра„

Ако бараме одредено толкување на поетскиот феномен на Стојан Тарапуза, тоа е токму тоа. Низ целокупното свое творештво, тој се враќа кон себе и со сета сериозност на детската игра го остварува својот стих на кој му дава звучност, богата метафоричност, експресивност, мисловност, една нежна лиричност, често испреплетена со хуморни нотки, но и со сјајот на мудрословието. При ова тој особено внимава на економичноста на изразот при што, колку песната е поигрива дотолку повеќе таа се остварува со минимум број на слогови, особено во делот не неговите маестрални брзозборки секогаш со ефектни рими, кои кај него се како јадици на помтењето поради шти неговите песни, покрај ингениозноста на изразот и многу лесно се паметат.

Јас не сум Пушкин, ни Превер,
Ни царски кум, ни девер
Јас не сум ни Његош, ни Цанкар,
Ни голем богаташ банкар,
Јас не сум ни Блок ни Гете,
Но твој сум опријател, дете.
Ти имаш свој југ и север
Јас цвет од сонце на ревер

му се обраќа поетот Стојан Тарапуза на детето и го поканува на едно посебно растење. Кога јас бев дете, тој дојде во моето училиште и ни ја кажа оваа песна од која го запометив само тоа дека тој ми е пријател кој има цвет од сонце на ревер...И навистина тој тогаш имаше цвет на реверот кој блесна со една чудесна светлина поради што јас и денес, после 40 години го гледам во таа просторија која има магиско место во моето сеќавање и идното доживување на мојот југ и север, како и на моите запад и исток низ кои ги откривав и Пушкин и Превер и Његош и Цанкар и Блок и Гете. И денес знам Да, тој не е ниеден од нив, но денес, во светот на поезијата, тој стои рамо до рамо со нив и тоа во поезијата за деца – книжевен жанр којшто за мене не само што е најблагородниот, туку е и најтешкиот поетски израз во кој можат да се остварат само големи поети од европски и светски ранг каков што е СТОЈАН ТАРАПУЗА!

Македонската книжевност, почитувани може да се гордее со еден ваков поетски трон!

4.

Нобеловецот Орхан Памук во едно свое интервју има речено дека „По некое време, или среќата ќе ги обезвредни поетот и неговата поезија, или вистинската поезија ќе му ја упропасти среќата„ Поетот Стојан Тарапуза во сите свои книги и песни пее за среќата.Тој и како родител е пак дете со сета радост на растењето, Нема таков друг поет кој уште од раѓањето го слави никнењето на запчето, изговорот на првите зборови, играта при капењето на детенцето, детската соба, првите сензации на детето. Скоро е неверојатна таа огромна незжност, таа безузсловна љубов што отсјајува од неговиот стих:

Подај ги сине рачињата нежни
Цветчиња две се – ѕвездички снежни
Склопи ги, ајде нека ме згрнат
Пролетни желби во нас да врнат
Стегни ги, ти си птица од јато
Украс на тато
......
Очињата на Сузе
Рипки се што зборат
Мама штом ја видат
Пламнуваат, горат.... Стихови се тоа што стие не гушнуваат и во нас ги побудуваат и нашите сеќавања, како што е и едно мое сеќавање кога мојата, тогаш малечка ќерка, по едно мое повеќедневно отсуство од дома ми рече: Тато, срцето ми пее, зашто пак си дома. Поетот Стојан Тарапуза, почитувани, во нас гради кула од сонце, дворец од злато и не' кани:

Повели тато,
Повели мамо,
Повелете сите

Во таа кула, ноќите, мрак не пластат и бурите страв не растатни нагласува Тарапуза. Тој само ги разгорува сите желби во нас кои поникнуваат од сеприсутната љубов во поезијата на поетот Стојан Тарапуза. Во неговата поезија, улиците се од светлина за кои тој ни вели: кој по нив ќе патува со сонцето ќе се ракува. Ова е поезија која гради карактер на добар човек, го гради детето и му вели дека нема мое и твое, дека такво (то) нешто нема неба, но дека затоа љубовата е нешто сјајно, а животот нешто трајно.
5.

Кога нешто убаво ми се случува,
Радоста цел ме отклучува

Токму радоста, или среќата што цели не' отклучуваат е срцето на поезијата на Стојан Тарапуза и затоа, ниту среќата може да го обезвредни поетот Тарапуза и неговата поезија, ниту пак поезијата може да му ја упропасти среќата како што вели вели Орхан Памук, бидејќи тие две димензии кај него се сплотени во единство. Вистинска среќа и радост е кога низ поезијата на Тарапуза чувствуваме дека „Уживањето и гледањето на детската убавина ги прави нашите срца да ни бидат преголеми за срцето„ како што нагласува американскиот поет Ралф Емерсон.
Поезијата на Стојан Тарапуза е една ширна и вишна резонација во која тој буквално го пресликал времето со сите мотиви на неговиот живот, но и животот на многу генерации деца. За него нема недопрена и неопеана тема, низ секој негов стих тој не' потсетува дека не постои ништото, дека се e значајно, дека убавината е во се. Тој буквално ја потврдува вистината што ја кажал италијанскиот поет и филозоф Џакомо Леопради дека „Децата наоѓаат се' во ништото, а возрасните ништо во се'„ Во една од многуте свои маестрални песни "Синолички", преку една прекрасна синестетичка визура: од синило, полн со мирис/ и воздухот цвета, Тарапуза во секој микро елемент и низ призмата на симплоката го доловува сето величие на божјото совршенство од постонакот на светот до денес. Ова е од исклучителна важност, бидејќи тој на овој начин на сите нам ни го враќа човекот преку детето. Кај него борови, или зборови како во песната „Борови„ се имамнентна слика на убавината со која сите ние разговор заврзувеме и кон светлината се забрзуваме. Неговота збороигра, која најчесто почнува како онаманатејски звук, било да е тара бара, иде биде, иже миже, ока трока, цирибари, цинци минци, друс друс – опа – се' е во функција на едно и детско и наше секојдневие кое низ неговиот звук станува волшебно.

6.
А каква е љубовта во поезијата на Трапуза, можеби тоа најсуштествено може да се долови преку песната "Љубов" во која потокот кон реката вјаса, дека таа љубов со векови трае, а каква е сал морето знае – поентира поетот, откривајќи ни ја таа бескрајна димензија на еден толку едноставен а брилијантен начин на кој би му позавиделе и најголемите метафизички поети.
За крај би сакал да нагласам и еден редок порив да се пишува кратки поeтски прозни записи особено изразени во неговата книга Од нула до кула во која Тарапуза уште еднаш, исто како и Леопарди погоре поентира дека од ништо се почнува до нешто се стига! На тој пат до нештото, љубопитството кај Тарапуза е бран сред река, сред море, врз него нема ни седло, ни самар, со него влегуваме и во подземен дамар. Ми се чини дека нема таков поет кој може детето на толку едноставен начин да го внесе во една метафизичка димензија за надлабоките тајни на човековиот дух. Тој го повикува детето да го отвори книгите, бидејќи кога се отворени, тие во духовни ливади се претворени, дека од гласот не желбите секој смев не пие, но дека можат да пијат само вредните што создаваат, што творат и за поубав живот се борат и при тоа, тој пак сите не кани во една иказна што заличува на приказна за така да сонуваме и ново јаве да создавме, нагласувајќи дека тој што твори од страст гори и со своите дела говори.

7.
За овој македонски Хефест на поетскиот магиски оган, би можело во недоглед да се пишува и зборува, но, на крајот од оваа моја беседа за него и за неговото импознатно творештво можам само да нагласам дека македонската книжевност навистина може да се гордее со една ваква поетска величина. Тарапуза ми е голем пријател, еден од ретките со кој сме искрени пријатели и како луѓе и како творци. На првата информација дека тој е добитник со торжествената награда Книжевното жезло на Друштвото на писателите на Македонија за книжевен опус, јас на шега му реков дека од сега натаму ќе го нарекувам поетски патријарх, шега на која овие неколку месеци – се до овој миг слатко сме се смееле. Токму поради сево ова што досега го искажав за него, во името на Друштвото на писателите на Македонија најсрдечно му ја честитам оваа значајна книжевна награда и му посакувам уште долго да ги сруши барикадите помеѓу детската публика и возрасните и уште долго да создава и да не' радува со уште многу дела какви што само тој умее да ги создава.