images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Радован Павловски

МЛАДИЧОТ ШТО СПИЕ НА ПЛАДНЕ

Звукот на смртта
те занесува да спиеш
о младичу
разбуди се
Имаш поле озвучено од билки и мотики
Утринското сонце е голема трпеза
на која орачите го кршат својот леб
Пладнето крие црни конци на ноќта
Ти под себе си закопал камење и месечина
Десет коњаници од заседа
Долетуваат како бранови страв
Нежна билка ти ги врзува прстите за земјата
и не те пушта
сè додека не ѝ доделиш
замрачен бакнеж среде пладне
Од тревата се крева хор на мртвите љубовници
Разбуди се о младичу
Мојот брод граден од винова лоза
со засипнато грло е на море
Има час кога сè е мртво од сон
Има час кога се проучувам дали сум луд
Вечер е
и доаѓаат многу луѓе да те разбудат
Ти ја црташ картата на ѕвездите
и длабоко дишеш
Разбуди се о младичу
и раскажи ни ги соновите
па на убав коњ ќе одјаваме до Железна Река
да нè освежи ветрот од водениците
Со ранет цвет ја закопчувам кошулата од ветер
и влегувам дома о љубов
кажи со каков пијалок се служиш во сонот
што не се разбудуваш о младичу.