images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Гордана Михаилова Бошнакоска

ПЕСНА НА РИДОТ

Стоеше таа на хоризонтот
извишена врз ридот
во голем вел извезен од букви,
зборови, интерпункции,
во тоа множество, во тоа сешто
го виореше велот
ги расфрлаше зборовите
и тие летаа нагоре
и се повисоко кон бесконечното
синило на небото
се загубуваа испреплетени
во само нивните меандри.
Се спуштаа бавно на ридот
и паѓаа врз покривот на куќата
врз постелата во која спиеше жената
се се натрупуваа врз тој немир
на заспаната жена,
а таа пливаше во нејзиниот сон
во песните дојдени
од далечниот хоризонт
и бараше место
да ги успокои,
да ги успие,
да ги присвои.