images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Јован Стрезовски

ЗАЛЕЗ

Зајдува сонцето прекршувајќи се на работ од светот
оставајќи ги благодетите создавани преку денот
собрани во пурпурен сад
од кој се прелеваат миризби и медовина по сета земја
па и по нашите непца

Зајдува сонцето со две лица
едно загледано во она што го изврвело
а другото во она што му престои
и не жали за ништо што зад себе остава
оти утре пак истото ќе го види

Страните се приближуваат една кон друга
склопувајќи го светот
и сè започнува да врви низ време губитничко

Минливите нешта што живеат кратко
и што утре не ќе го видат пак
секој зрак на сонцето му го впиваат
за да им остане за секогаш во нив

Последните зраци пеперутките ги следат
и извиваат танец како ангелчиња
за да го омаѓијаат и запрат сонцето да не зајде

Што остана во сончевото око што смигна?
Остана ли колку што останува во човечкото око
што смигнува пред сон или за секогаш?