images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Цане Андреевски

СВЕТИ КЛИМЕНТ ОХРИДСКИ САДИ ОВОШКИ

Кога дојдов овде - што ќе видам:
Белото езеро ми молви како слово божје
и ме гледа тоа златозрачно Дева Мариино око.

Ноќното небо - саќе медодрочно,
кошница плодовита од убавина до занес...
Го гледав како да е конечно дело.

Но разбрав, нека ми е простено мене грешниот,
да се седи со скрстени раце - е невела,
и дека треба на дарот - дар свој да придадеме.

На цркви и манастири крајезерски
удрив темели, кренав ѕидишта прелестни
од цврстиот камен кирилометодиевски.

Од југ донесов фиданки и калеми,
засукав ракави крај белото езеро
и во делото поднебесно ме следеа просветлените.

Не сакав завист да сетат, оти биле невежи,
туку да ја сетат слободата на прстите и умот
и нозете да не им одат по патишта заблудни.

Бликнаа градини крај мирните водје,
и во рацете и душите на мојот народ
цутеа и зрееја премудри плодови.

И тогаш, од тој замав, од тој гргор на силите,
од тие бранови вонезерски и цветни - се опива!
Па посакав: и ти да се опиеш од нашите прелести,
боже!