images                                   DS1                                       IMG 02

 

 

Билјана Станковска

ДОВЕРУВАЊЕ

Доцна е за да измениш нешто.
Ѕвездите одамна слетаа во бездната
кога ги поклопив со облакот,
потоа ги преместив дрвјата и птиците,
ги соединив морињата,
им ги свртев патоказите на ветровите

А сè започна кога ми рече: имаш
Целосна слобода. Еве ти го небото,
сцртај му пат на сонцето.
Ако земјата патува, тогаш сонцето е куќа,
ти реков.
Сеедно, замисли си за да ти е поедноставно,
ми одговори.
Идниот ден ти беше среде пустината кога
Доползи змијата и те проголта тебе и слонот
Тоа што сега не можам да се вратам, чија вина е?
Тогаш му припаднав на привидот и сè уште дејствувам
Против стварноста.