НЕКАДЕ ЅВОНИ: ЗБОГУВАЊА СО МАТЕЈА МАТЕВСКИ

Друштвото на писателите на Македонија организираше собир посветен на академик Матеја Матевски кој почина минатата среда. Неколку писатели кажуваа сеќавања за познанството и соработката со Матевски. 

 Претседателката на ДПМ Соња Стојменска-Елзесер рече дека болката по неговата смрт се испреплетува со светла гордост. – Затоа што го имавме меѓу нас тој прекрасен и мудар човек и затоа што тој ни остави творештво кое е посебен празник во нашата литература. Токму нему во 2015 година ДПМ му ја додели првата „Повелба на Блаже Конески“, која Друштвото ја осмисли како признание за високи творечки дострели што се доделува во период од пет години и која, верувам, и ќе претставува индикатор за исцртување на македонската книжевна класика, рече Стојменска-Елзесер.

Истакна дека споделувањето стихови и спомени во знак на физичкото збогување со поетот, воедно е и трајна духовна прегратка со неговото дело.

За појавата на Матевски во македонската поезија и славата што ја стекнал со песната-триптих „Дождови“ (објавена во пролетниот број од списанието „Млада литература“ во 1955) од истоимената прва негова стихозбирка, зборуваа Благија Иванов и академик Влада Урошевиќ.

Иванов кој, рече, го запознал Матевски на работна акција за автопатот „Братство-единство“ и тогаш учествувал во рецитаторска секција што тој ја водел, смета дека за „Дождови“ Матевски бил инспириран од словенечката Модерна, а подоцна и од поезијата на Лорка.

– Појавата на „Дождови“ за сите нас беше изненадување, беше нова ситуација во македонската литература, рече Иванов.

Според академик Урошевиќ, триделната „Дождови“ од која, рече, често неправедно се објавуваат делови во антологиите, е првата модерна песна во македонската литеартура која Матевски ја напишал едно утро во 1954 година.

– Нејзината објава следната година одекна како прокламација. Се појави во самиот почеток на македонскиот модернизам и дедогматизација на македонската литература. Фасцинирани од нејзиниот ритам, многу поети се обидуваа да ја имитираат таа завршна песна во збирката „Дождови“, со која почна славата на Матевски, рече Урошевиќ. Таа била и прва и единствена песна од македонски автор која во 1958-ма се појавила во антологија на современата југословенска поезија објавена во Париз.

На собирот во ДПМ, на кој присуствуваше и семејството на поетот, Раде Силјан од „Матица македонска“ рече дека со Матевски го врзувало големо човечко и творечко пријателство.

– Во изминатите две и пол децении Матеја се чувствуваше како автор на „Матица“, која во 2005 година објави негови избрани дела во десет тома – поезија, критика и есеистика и неговите најзначајни препеви, рече Силјан. Пријателството, додаде тој, продолжило до последната стихозбирка „Темни деноноќија“ (2017) во која, како што рече, се насетувале темни чувства и резигнација.

Владимир Мартиновски се осврна на циклусот „За светулките“ од стихозбирката „Круг“ (1977) во кој, рече, може да се препозне јадрото на неговиот поетски сензибилитет кој, пред се, се базира на извонредна емпатија.

– Тоа е циклус на можеби најубавите ноктурна во македонската поезија, рече Мартиновски. Со Матевски најмногу се зближил за збирката поезија „Раѓање на кристалите“ за која го напишал поговорот. Академикот му помогнал минатата година кога се подготвувал да одржи курс за испаноамериканската поезија на покана од Катедрата за шпански јазик. Помошта била драгоцена, рече, со оглед дека покрај своите стихови Матевски оставил огромно наследство и со препевите од шпански јазик.

Спомени за академик Матевски, кој почина на 6 јуни на 89 години, денеска во ДПМ кажуваа и Тања Урошевиќ, Делвина Крлуку, Весна Мојсова-Чепишевска и Мишел Павловски, а  беа читани и стихови од неговото творештво што го сочинуваат 24 збирки поезија.