ОДРЖАНО ПРВОТО „ОТВОРЕНО ДПМ“

Вчера и завчера, на 17 и 18 јуни, се одржа „Отворено ДПМ“: два отворени денови на ДПМ, кога вратите на ДПМ беа отворени од 9 до 21 часот за сите членови на Друштвото, но и за пријателите и поддржувачите на ДПМ, за можните идни соработници и за целата јавност. Во текот на двата дена се случија инспиративни средби со дел од членството на ДПМ: беше искажана поддршка на новото раководство, но пред сè беа разменети искуства и идеи во врска со претстојните активности, и со работата на Друштвото воопшто.

Професорот и писател Димитар Пандев и поетесата и библиотекарка Марина Мијаковска, членови на УО на ДПМ

Некои од главните теми на кои се разговараше беше потребата од што поскора изработка и усвојување на нормативни акти, правилници за работа на Друштвото:

  • Правилник за работа на Управниот одбор на ДПМ
  • Правилник за работа на жири-комисиите за доделување на традиционалните награди на ДПМ
  • Правилник за работа на техничкиот секретар
  • Правилник за организација на настани во ДПМ предложени од членството
  • Правилник за работа на „Интеркултурна книжевна комисија“
  • Правилник за организација на платформата „Писателот како наставник“
  • „Етички кодекс“ за регулирање на работата на Судот на честа

Сашо Огненовски – писател и комуниколог, издавач („Перун Артис“) и уредник на списанието „Книжевни елементи“

Освен за нормативните акти, на двата отворени денови се зборуваше за други можности и потреби:

  • можноста што почесто да се организираат поетски читања, перформанси, промоции на книги и други настани во ДПМ, на кои ќе зема учество пред сè јавноста
  • конкретно, можноста да се организира поетско читање „Писателите против војната“
  • можноста за обезбедување членски книшки/картички за членовите на ДПМ и можноста да бидат договорени определени привилегии или попусти за активните членови на ДПМ
  • можноста/потребата да бидат изготвени промотивни материјали на Друштвото и неговото членство, пред сè на други јазици, со цел промоција на активностите на Друштвото и на неговите членови во странство
  • можноста ДПМ да се стекне со статус на установа од национален интерес од областа на културата
  • потребата од уредување на просториите на ДПМ, правење попис на книгите и на другите книжни материјали во Друштвото
  • потребата што е можно повеќе да се соработува со членовите на ДПМ од дијаспората, да се овозможни нивно учество во настаните на ДПМ
  • потребата да се работи на опремување на просториите на ДПМ со неопходната технологија, која би овозможила поголемо вклучување на членството во активностите на Друштвото
  • потребата што поскоро да се работи на брендирањето на ДПМ, како и на неговото претставување во јавноста воопшто
  • можноста да се организираат настани во кои би биле вклучени и децата и младите
  • можноста за соработка со високо-образовните институции во земјата, со цел осмислување и реализација на проекти со поширок досег, отаде книжевната и академската средина
  • можноста за остварување меѓународни соработки со институции, гостувања и учества на книжевни фестивали, но исто така и пречек на странски автори во просториите на ДПМ и организирање предавања и трибини.

Сузана Мицева – поетеса и новинарка, уредничка на „Зенит“: списание за наука, литература, култура и уметност

Бобан Богатиновски, писател и поет, автор на повеќе романи и збирки поезија

Виолета Танчева-Златева: поетеса и писателка, уредничка во издавачката куќа „ТРИ“, членка на УО на ДПМ

Славица Милева, уметница и поетеса

Александра Спасеска – поетеса, авторка на збирките „Прости песни“ (ПНВ публикации, 2023) и „Координати на болката“ (Илика, 2024)

Лилјана Стоилковска-Андовска, поетеса и долгогодишна организаторка на книжевни и културни настани во Шведска, во Данска и во други земји.

Сузана В. Спасовска, поетеса, преведувачка и уредничка на книжевното списание „Блесок“, членка на УО на ДПМ

Писателот Живко Новески

Маја Трајковиќ, библиотекарка, авторка на четири збирки поезија и проза во издание на „Дата песнопој“ од Битола, помеѓу кои и автобиографската книга „Пресек“

Сликарот Стојан Дурланов и Елена Дурланова, фармацевтка

Поетот Пепи Стамков

Вајарот Ведран Бојановски и поетесата Слаѓана Атанасова, авторка на „Керубин во крчмата“ (Осојница, 2006) и „Луѓе во вакуум“ (Осојница, 2009)

Друштвото беше исто така посетено од претседателките на „Здружение на просветни работници на град Скопје“ и на здружението „Културно-хуманитарен феникс“. Беа разгледани можностите за соработка, особено со Здружението на просветни работници на град Скопје, во насока на давање конкретни предлози до Министерството за образование на Р. С. Македонија.

Живко Грозданоски, претседател на ДПМ, со Билјана Челик (Здружение „Културно-хуманитарен феникс“ и Катерина Митковска („Здружение на просветни работници на град Скопје“)

На крајот од „Отворено ДПМ“, од повеќемина од посетителите, членови и нечленови на ДПМ, беше поздравена одлуката да се имаат отворени денови на Друштвото, и беше даден предлог таквата пракса да биде одржувана, по можност да се случува со утврден, препознатлив ритам.