Друштво на писатели на Македонија

КНИЖЕВЕН ЖЕЗОЛ ЗА ГОРДАНА МИХАИЛОВА БОШНАКОСКА И АДНАН ОЗЕР

Признанието „Книжевен жезол“ што го доделува Друштвото на писатели на Македонија за значаен поетски опус, оваа година им се доделува на македонската поетеса Гордана Михаилова Бошнакоска и на поетот Аднан Озер од Турција.

Гордана Михаилова Бошнакоска

Гордана Михаилова Бошнакоска е поетеса, раскажувачка, есеистка. Родена е во Битола, на 1 септември 1940 година. Школувањето го започнала во Скопје, од основно до завршување на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Работела во Македонската телевизија, како уредник на емисии од културата.

Објавила четиринаесет книги поезија. Првата е „Времето го нема“ (1965), а најновата е „Куќа во куќа“ (2021), како и збирка раскази „Босфорско лето“ и романот „Потрага по приказна“. Застапена е во сите прозни и поетски антологии во Македонија и во странство, во звучната антологија на македонската поезија, што ја издаде Радио Скопје, во тематски антологии, како и во јубилејните изданија на Струшките вечери на поезија. Две телевизиски емисии се посветени на нејзината поезија и проза, како и антологијата „13 ѕвезди на словенското небо“ на бугарски јазик (Варна). Многумина писатели и литературни критичари од Македонија и странство пишувале за нејзиното творештво, а одбранети се и две магистратури за нејзината поезија, во Скопје и во Букурешт. Зоран Павловиќ (Србија) ја објави студијата „Експликација на збирката поезија ‘Планини од картонски кутии’ од Гордана Михаилова Бошнакоска“. Оваа збирка ја понесе наградата на Струшките вечери на поезија „Браќа Миладиновци“. Збирката „Песна на ридот“ ја доби годишната награда на Друштвото на писателите на Македонија „Ацо Шопов“, како и награда на манифестација „Празник на липите“.

Бошнакоска е носител на признанието „Витез на пишаниот збор“, академик е во „Академијата за литература и уметност“ во Варна (Бугарија), како и добитник на највисоката награда „Големо летечко перо“. Во Бугарија е објавена поемата „Толкување на морето“ (превод Роман Кисјов) и поетскиот избор „Бескрајното“ (превод Анго Ангов). На албански јазик е објавен изборот „Во соништата на мирните момчиња“. Добитничка е на Фулбрајтовата стипендија за креативно пишување, со престој во САД. Учествувала на поетски манифестации во Европа и САД, како и на студиски престои во земји од Европа, САД и Канада.

Член е на ДПМ од 1964 година и член на македонскиот ПЕН центар.

Аднан ОЗЕР

Аднан ОЗЕР е поет, преведувач,  книжевен критичар, есеист, уредник, издавач. Роден е во 1957 година во Газиоглу (Текирдаг, Турција).  Последниве неколку години е директор на Интернационалниот Истанбулски поетски фестивал и претседател на Здружението за поезија во Истанбул.

Автор е на книгите: „Огнена флејта“ (1981), „Смртта на ѕвонецот“ (1983), „Мапа на времето“ (1991), „Избрани песни“ (1994), „Збогум поезијо“ (1998) и други. Покрај поезија, има објавено и роман и две книги за деца. Добитник е на голем број национални и меѓународни награди и признанија. Превел голем број дела од шпански на турски јазик, меѓу кои се истакнуваат препевите на Октавио Паз, Ф. Г. Лорка, Рубен Дарио, а има подготвено и посебни монографии за Виктор Жара и  Фернандо Песоа. За препевот на стиховите на Пабло Неруда ја добил наградата „Свет“ во 2020 година.

Избори од неговата поезија се објавени  на португалски, романски и македонски јазик. Неколку пати учествувал на Струшките вечери на поезијата  и на Рациновите средби.  Плакетите и статуетките „Книжевен жезол 2022’ ќе им бидат врачени на добитниците на манифестацијата „Празник на липите“, а ќе биде подготвен и избор од нивната поезија, на македонски, турски и англиски јазик.

Друштво на писатели на Македонија