Друштво на писатели на Македонија

КНИЖЕВНИ ЖАНРОВИ: СИСТЕМ ИЛИ КРЕАТИВЕН ХАОС

Дискусија во организација на ДПМ и Букстар 2021– Антолог

Генологијата како дисциплина на книжевното проучување на книжевните жанрови е област која стреми кон егзактност, тежнее по систем. За разлика од неа, современите книжевни дела што излегуваат од авторските лаборатории, сѐ повеќе ги проблематизираат строгите жанровски класификации. Тврдењето на Станислав Лем дека „Барањето апсолутно чисти жанрови во литературата денес претставува анахронизам“ секојдневно се потврдува во светската книжевна продукција. „Книжевните гени“ се комбинираат во „хибридни чуда“ и се создаваат непредвидливи форми, кои вибрираат на работ на самата книжевност. За романот како жанр кој ги впива останатите жанрови во себе, за лирската песна која исчекорува кон музика и перформанс, за притисокот на читателскиот вкус и книжевниот пазар (популарноста) врз жанровската профилација, за влијанието на новите медиуми врз книжевните форми (особено на компјутерите и компјутерските игри, мобилната телефонија и другите дигитални алатки), за жанровите во литературата за деца, за значењето на филмот и видео-артот за книжевните текови, и за многу други слични прашања, разговараме со гостите на фестивалот БукСтар 2021, исландскиот писател Сјон (Сигурјон Биргир Сигурдсон) и шведската писателка Софија Лундберј и со македонските писатели Билјана Црвенковска и Иван Додовски.


Се обидуваме да антиципираме во какви жанрови ќе творат книжевниците во следниот милениум. Го откриваме интимниот однос на творците кон конкретни книжевни жанрови или кон нивни комбинации. Всушност, разговараме за литературата денес и за нејзината иднина.


Модератор на разговорот е Соња Стојменска-Елзесер.

Друштво на писатели на Македонија