Манифестацијата “Празник на липите” оваа година се одржа со мало задоцнување, во месец септември, на платото пред Младинскиот културен центар, според протоколите за организирање културен настан во време на пандемија. На свеченоста му беше врачена наградата „Книжевен жезол 2020“ на македонскиот поет Михаил Ренџов, а за неговиот поетски опус говореше Владимир Мартиновски. Беше прочитано и писмото од странскиот добитник на жезолот, словачкиот поет Мирослав Биелик, кој поради пандемијата не допатува во нашата земја. Со стихови од своите најнови стихозбирки се претставија поетите Христо Петрески и Сузана В. Спасовска, а потоа настапија поетите кои учествуваа на конкурсот за најдобра песна на манифестацијата оваа година. За најдобра песна на манифестацијата беше прогласена песната на Зоран Пејковски.
Присутните имаа можност да добијат примерок од збирката поезија од двајцата лауреати специјално подготвена за оваа пригода.
Манифестацијата се реализираше со поддршка од Министерството за култура на Р С Македонија и под покровителство на Град Скопје.
Поздравно писмо од словачкиот поет Мирослав Биелик, добитник на
Книжевен жезол 2020, кој поради ковид-пандемијата не беше во можност да допатува на манифестацијата „Празник на липите 2020“
За разбирањето на загатката на песната во живата реч на блиските народи
Почитувана г- ѓо претседател на ДПМ, ценети учесници на книжевната средба, драги пријатели!
Дозволете ми директно да ви се заблагодарам за укажаната чест, која со пријатно изненадување ми пристигна од земјата на нам традиционално блиската и братска литература, преку доделувањето на оваа престижна поетска награда. Во оваа исклучителна пригода би сакал заедно со мојот срдечен поздрав и со поздравите од љубителите на македонската литература и култура од Словачка и од Словачката писателска асоцијација, да го изразам и мојот став дека токму поезијата – во рамките на македонско-словачките културни и книжевни врски, најубедливо ги покажува блискоста и заемното разбирање помеѓу нашите народи.
Се разбира, поезијата не знае за граници и како и филозофијата е универзална, а тие две отсекогаш биле во блиско сродство. И не е ни чудо што за поетот зборовите се како крилја, како што велеше нашиот голем словачки поет Милан Руфус, кого од преводите на македонски го знаете како Руфос, додека за филозофот на почетокот на сите зборови стои глаголот „да се биде“, кој и за едниот и за другиот „е“ земна врска. Она библиското „На почетокот беше Словото…“ е и поетско и филозофско. За обата наши народи и за нашите култури кирилометодиевската традиција, песната Проглас, учениците и следбениците на Светите Кирил и Методиј, на Св. Климент и Св. Наум Охридски и цврстата поврзаност со нив, ги претставуваат живототворните сили со помош на кои до денешен ден сме успевале да ги надминеме стапиците и пречките на развојните патишта и перипетии на нашите општества и литератури.
Во нашите културни и книжевни врски има периоди во кои пробивот и рецепцијата биле особено засилени, како резултат на различни фактори. Таков бил случајот во времето на националната преродба во 19 век, потоа во дваесеттиот век, после 1945 година, како и во периодот по 1990 година до денес. Ако се фокусираме на присуството на словачката поезија во македонскиот контекст, тогаш по првата песна на Мирослав Валек препеана на македонски во 1958 година, следуваат преводите на поетите кои денес се сметаат за наши класици- Милан Руфус, Лацо Новомески, Јан Шимонович (пред се благодарение на Ристо Јачев), потоа препевите на Јан Стах, Штефан Стражај, Јан Бузаси во Разгледи, а врв на тој интерес претставува антологијата од 23 словачки поети во препев на македонски јазик, подготвена од Франтишек Липка во 1991 година. Во периодот што следеше се надоврзаа и други препеви од словачки автори, пред се благодарение на Франтишек Липка, Стојан Лековски, Звонко Танески и др., меѓу кои и од поетите што учествувале на Струшките вечери на поезијата, на кои минатата година имав огромна чест да учествувам и јас.
Франтишек Липка е заслужен и за првата антологија на македонска поезија во Словачка Немир во земјата Nepokoj v krajine од 1990 година (заедно со Емил Хорак, и Штефан Моравчик). Тој е и маестрален препејувач на поезијата на Матеја Матевски, и има исклучителен придонес во ризниците на нашите национални литератури. Затоа сосема заслужено тој беше прв лауреат на престижната награда Книжевен жезол од Република Словачка во 2007 година. Уште повеќе ме обврзува што денес ја добивам и јас оваа награда и тоа заедно со толку значајниот македонски поет Михаил Ренџов, чии стихови во словачки препев беа вклучени во антологијата што веќе ја споменав, и чиј нов избор песни во препев на словачки е во фаза на подготовка (во соработка со Звонко Танески).
Рамковниот договор за соработка меѓу нашите здруженија на писатели, што го изготвивме за време на Струшките вечери на поезијата минатата година, заедно со претседателката професор Соња Стојменска-Елзесер и со професор Христо Петрески, укажува на потребата триесет години по објавувањето на антологијата на македонска поезија на словачки јазик, многу скоро да објавиме и нова антологија, соодветна на современиов миг на обединета Европа. Овие заложби вклучуваат и наши проекти на изданија на стихозбирки од одделни современи автори, особено од словенските народи (така на пример, во моментов во подготовка е изданието на Ристо Василевски). Верувам дека тешкотиите поврзани со епидемијата на коронавирусот, кои годинава го оневозможија одржувањето на книжевните фестивали во Словачка и договорените состаноци на претставниците на нашите здруженија на писатели, како и моето лично учество во Скопје, наскоро ќе исчезнат и дека ќе може безбедно да се надминат и со тоа да се интензивира меѓусебната директна соработка и заемната презентација на нашите литератури.
Впрочем, поезијата и во скудни времиња има благотворно дејство. Навистина е тешко само со помош на разумот да се разберат нејзините енигми, енигмите на битието и на суштината на песната. Мајсторот Руфус не потсетуваше дека таму кај што разумот не може да достигне, таму може да допре метафората. Филозофот и поетот знаат дека зборот ја има тежината на способноста да предизвика молк. Поетот интуитивно чувствува дека изговореното застарува а неизговореното трае, и дека речта и тишината се сестри. За нас е особено алармантно што зборовите честопати кажуваат помалку од она што сме сакале со нив да го кажеме… Честопати сфаќаме дека сме сакале да кажеме нешто друго. Нашите зборови, особено оние искажани во стих, понекогаш не го искажуваат само она што сме сакале да го кажеме, така што нашите изговорени зборови кажуваат нешто поинакво од она што сме го мислеле. Затоа за поетот е поважно да го наслушне безгласниот глас на битието, гласот на тишината, кој се претвора во збор во поетската творба. И покрај сите препреки и ограничувања при кои „не се спознава вистината туку само азбуката“, поетот и филозофот мора да продолжат да се распрашуваат за вистината и, може да се рече, мора да останат вградени во запрашаноста за неа. На филозофите им останува да се прашуваат, а нам, на поетите, заедно со нив да посакуваме, да тагуваме и да се молиме поетската реч постојано да биде оживотворувана. Убеден сум дека поезијата на македонски и на словачки јазик ја има таа волшебна и таинствена сила на жива реч.
Дозволете ми да и се заблагодарам на г-ѓа Елзесер што ви ги пренесува моите зборови вам, да ви посакам многу, многу творечки сили и успеси во поезијата и воопшто во националната литература. Се заблагодарувам на ДПМ и за издавачкиот зафат на приопштување на моите стихови во посебна книга, на преведувачите на македонски јазик Славица Гаџова-Свидерска и Звонко Танески, и преведувачите на англиски јазик, на ирскиот поет што живее во Словачка Џон Минахан и на преведувачката од Белград Нина Симиќ Паниќ.
Го примам „Книжевниот жезол“ со скромност, но и со доверба во развојот на македонско-словачките и словачко-македонските културни и книжевни врски и со посветеност да придонесам колку што можам повеќе кон нивното понатамошно унапредување.
Со длабока почит и благодарност,
Мирослав Биелик, Братислава, 6.9.2020