„ПИСАТЕЛИТЕ ЗА СКОПЈЕ“

11.11.2022 година, ДПМ, 12 часот

Иван Џепароски

АНГЕЛИТЕ И ГРАДОТ

По концертот на Македонската филхармонија
под диригенство на Конрад Ван Алфен

Овој град е град
на ангелите.

Нивното ангелско средно небо
е во Нерези над ножот
на лекарот Св. Пантелејмон
а долното нивно небо
е под градската тврдина
и над копјето на Св. Димитриј.
Далеку над крстот на Водно
и уште подалеку над црните гори
на југ и на север од градот
е горното ангелско небо.

Во Новиот свет е градот
што со своето име
ги слави ангелите.
Во Новиот свет е Лос Анџелес
дури и кога оркестарот
спокојно пред нас
ја свири на Арво Перт
Синфонијата бр. 4 – „Лос Анџелес“.

А кога првиот бавен став –
Con Sublimità (With Sublimity) –
со мрачна возвишеност
ме крева високо
над крилата на ангелите
и над трите неба
тогаш никој не може
да ме разувери дека

сепак и мојот град
е град на ангелите.
7.2.2019

Христо Петрески

МОЈОТ ГРАД

(состав на тема Скопје)

Детето: мојот град има многу чудно име и се вика Скопје
Не знам дали го освоиле моите чукун дедовци со меч и копје
Но знам дека тука има најубава боза, салеп, кебапи и симит-погача
Па сакам никогаш да не згасне пламенот во него – да му порачам
Таткото: Скопје не е само улица ниту раскрсница или плоштад
Туку тоа е најубавиот поглед во сите годишни времиња од ридот Водно
Каде ми доаѓа уште рано в зори како Икар над него да летнам
Или црвениот брз и крилест коњ Пегаз кон Калето да го боднам
Дедото: слушнете ме мои синови и внуци мили
Сакајте го и чувајте го овој редок и волшебен град
Исто како што јас ги чувам и помнам спомените
Кога чекорев трчав и бев како вас сега млад!

Скопје, 11.11.2022 година

Марина Мијаковска

ОКТОМВРИСКО ОКО

Есенската сува и набабрена кожа
стои во расчекор со времето
обележано од кружницата на смртта.
Ветрот бесшумно по хоризонтот
ги распостила долгите коси
од златно-зелени лисја.
Во Скопје
под октомвриското око
на прагот од домот
нов дожд е предвесник на бура.
Градските маалски покривки
од темноцрвени ќерамиди ќе истраат.
Музикално ќе зашумолат капките.
Водите ќе се стркалаат,
а грбот на градот
ќе се искапе
од сивиот
задушлив смог.

Елена Пренџова

КОЊИ НИЗ МАГЛАТА

(карпошовска)

секоја вечер
во истиот час
од раната ноќ
низ маглата
каскаат
коњски копита –
на оние кои
улиците
им се дом

Томе Велков

Градски синдром
Наутро го собира сиот гнев
од ненаспаните невралгични изливи
на двоножниците кои се апат меѓусебно
небаре е крај на светот
во пет до седум
виновен е секогаш некој друг

Наутро се мешаат најразлични парфеми
мириси на пот
и заудира на мувлосани алишта
еден врз друг, еден до друг
со лактот врз нечија глава
со чадорот нечиј чорап
некој ти се закачил за ременот
го влечкаш

Мир владее меѓу оние на сточињата
кои дремливо ги кријат очите
под темните очила
со стуткано љубовно романче
а главите ом ги одбројуваат ударите
на сопирачките

Си тргнал да зграпчиш
ветениот дел од денот
во ова лудо секојдневие
а бројчаникот на годините бележи …

                         Љерка Тот Наумова 

СКОПСКОТО ОКО ВО ОБЛИК НА ВЕТЕР

На дланките гори едно Сонце
обдарено со клучеви на Скопските Порти
Самострел на Светлината на ридот
среде воскрес галопира
над Водно
повикувајќи го Заветот на Тихожитие.

Скопското Око во облик на ветер
милува набабрени сенки на видокругот
Светлина допира Светлина
Скопското Око го отвора големото срце

Предвреме жари пасторалниот прстен
Будилка на разумот пламна во мирисот
на скопските липи
Жолтите вртелешки се гушкаат
Ехотните желанија повикуваат
Но, ниту во
едно огледало не сме исти.

Зинка Трендовска

МОЕТО СКОПЈЕ

Моето Скопје,
во песни опишано, опеано,
те сакам и уште повеќе посакувам
да ми бидеш вечно,
како што си големо во моите очи.
Ми се будат доживувања
од Прочка прославена на Кале,
ја сакам Матка со широки височини
и одам во црквата Свети Андреа,
а како дете ме носеше дедо
на прошетки кај чешмата во Маџар маало.
Скопското корзо го минувавме
стројни моми со мечти и очекувања,
со семките в раце често
за љубови наши мечтаевме
во весели дружби разиграни.
Затоа мое Скопје
живеј нѝ вечно,
извирај во душите наши и
со вековноста твоја носи нѐ
во идни чекори мирни.

Мимоза Рајл

ГРАДОТ НА СВЕТЛИНАТА

Има еден град на
светлината,
обвиткан со радоста
на детството
на топлината,
има еден град
во мирисот на цветот,
ах таа убавина
како лавина,
таму воздухот
е топол, леплив
проѕирен,
создаден од игрите
на блесоците,
од шумот на реките и потоците.
Таму светлината чиниш
во снопче од
убавина се свело,
таму небото од сонцето

блиста цело.
Во Скопје,
таму е божјиот преграб вечен,
а ѕвездените ноќи
се волшепства среде патот млечен.
Има еден град на светлината,
каде ликот на сонцето
никогаш не заоѓа,
каде среќата секогаш се раѓа.
Тој светлосен град
чудни приказни за

волшепства чува,
таму нема зад гробна

тишина глува.
Во тој град на светлината
една песна радосна
како живот пламна,
песната
од исконот, од дамна,
песната на молитвата
која ја чуваме в гради,
на неа се навраќаме
кога сме стари и
кога сме млади,
тоа е песната
за еден волшебен

чудесен крај,
песната за нашиот

светлосен рај.

Чедомир Б. Шопкиќ

ПОКАЗАЛЕЦОТ ПАТУВА

  • ПРОШЕТКА ПО АЛБУМОТ СО ФОТОГРАФИИ –

„Има чевли кои љубовта ги носи и нејзиното доаѓање е тајна“
(Карл Сандберг)

Ги крунисувам зрелите мисли во овој час,
пулсирам од двете страни на папокот,
водата во чашата затреперува,
во денот што ги врти педалите
кореограф сум на душата,
ја завиткувам штрудлата со јаболка,
се претворам во пеперутка, врескам
и се фрлам од солитерот на илузиите…
Седнат во старата кочија, вагоните, поткровјата…
меѓу свирежите и изгубените клучеви
како во сончева корона
нурнувам меѓу фотографиите во албумот…
Граду мој, наш…
пливам и ги менувам стиловите:
малку грбно, малку градно, малку краул,
пеперутка-делфин или комбинирано,
меѓу деновите дамнешни
што прелетаа како јато гулаби
и сегашни, прекрасни,
во кои без престан силна плима носам…
со показалецот по патот на радоста патувам.
Ги вртам избледнетите црно-бели
и оние во тренди бои фотографии,
кои изговараат илјада зборови,
иако сѐ уште не сум во пензија,
ми се крева адреналинска тензија,
сум заборавил како мириса фузијата.
Како во најубав сон се сеќавам –
на исток сонцето руди,
убоста на крилјата на вардарските галеби ме буди.
До последен здив шетам меѓу дрворедите,
по зидините на Скопското кале,
меѓу монументалните и момент(ал)ните градби,
музеи, знаменитости и паметници, скулптури,
цркви, џамии, амами и анови…
некаде надвор,
по клупите на парковите,
меѓу кафезите во зоолошката градина,
навивам на Градскиот стадион,
во спорстките сали,
во трговските центри,
меѓу скопските маала,
во алејата на великаните,
по околните висорамнини,
остатоците на земјотресот…
да исчезнат: пулсот на осаменоста,
лузните на смислата
ненапишаните писма од зовриените копнежи…
И кога се возам со велосипед
по угорнина или надолнина,
по кривулести патеки,
онака цик-цак,
или чекам на семафор,
или сум заглавен во стар крцкав лифт…
замрсени мисли
како кучиња скитници
ми доаѓаат од некаде,
кога липите и печените костени на плоштадот
ми мирисаат опојно на поезија,
а животот ми е како крпа во ринг,
вие како мене нѐ престанувајте
да ги слушате црковните звона,
да се молите на Бога… пак,
да пеете и да се бакнувате
по дискотеките и култните кафулиња,
забавите приредени на отворено… –
смислено или бесмислено.
И да врне дождот тивко, прекорно,
и кога е, и кога не е време,
и кога ни ја хранат душата
со мазутен смог од топланите
и со оловниот чад од издувните гасови
на илјадници ауспуси,
и таму кај што сте и кај што одамна не сте биле:
меѓу малите занаетчии во Старата скопска чаршија,
во помалите места што мирисаат
на расцветани багреми,
цреши, сливи, јаболка и мов,
во пештерите…
Го посетувам стариот автобус
и го запрашувам –
зошто ликот на првата љубов исчезна
и небото ја сокри меѓу ѕвездите засекогаш,
а јас само сакав да се претворам во сончоглед
кој нејзиниот насмеан поглед ќе го води…
И кога е сончево прошетајте боси,
и кога снегот ќе покрие сѐ што е видливо
и во тишината во која отчукува
прашањето на смислата
и кога маглата понизно отползува покрај реката,
прошетајте, само прошетајте,
под скопското небо,
под месечината над крововите,
под мостовите кога ветерот ја милува реката,
чекорете во себе,
меѓу речните рибари
и заборавените работи,
замислени и уморни.
Нурнете во здивот длабоко во себе,
споделете го опојниот леб
што во радост се претвора.
И кога ви е, и кога не ви е по волја,
и кога ви се оди на кино
и кога не ви се напушта театарскиот фундус,
симнете ги очилата,
ослушнете ги боите на нежноста
во предворјето на насмевката,
и како уличен чистач
собирајте ја расфрлената светлина
и туѓите паднати ѕвезди
и последнинте желби.
Возраста е опсесија,
само продолжете, шетајте
меѓу оние со врежани траги.
Знаат да и се радуваат на едноставноста.
Не умеат да престааат
да бидат деца кои сонуваат,
дека се ѕвезди што
копнеат по својот мир, недостижен
кој го изгубиле засекогаш,
но ја засадиле семката на бескрајот
сплотени во вечниот круг на опстојувањето.

Наталија Наумовска

ЗА ТЕБЕ ГРАДУ МОЈ

Би те гушнала да можам
рацеве да ги раширам,
како мајка дете свое што би гушнала.
Би ги бакнала сите улици
и патеки кај што сум одела.
Низ сите твои паркови
златни зрна би посеала.
Млади стебла низ дрвореди
би посадила,
на вечност да те сеќава,
кога мене ќе ме нема.
Тебе граду мој ти должам многу.
Ти голем, а јас толку мала.
Ех да се врати детството
и младоста прва,се’би дала!
Мирисот на топло лепче
и симит погача во старата фурна во Чаир,
уште ме намамуваат таму да одам.
Моето забавиште и училиште прво,
семките од семкарот Демир
и зашеќерени јаболки,
специјалитет од тоа време едно.
Од се’ми е денес повредно.
А пак бозата и еклери
од слаткарницата на чичко Раде,
душава би дала се’да ги јаде.
Младоста прва во Кисела Вода помината,
од душава ми е откината.
Калдрмата сива на мојата улица,
таму десно од Чешма,
оградата на раскрсницата
и весело друштво со песна.
Еден живот,
една убава младост,
мислам дека таква нема.
,,Летаа,,шамари врели по дома,
ни ,,зуц, нема да кажеш,
се знаеше што е што,
не проѓаше тоа ако лажеш.
Колку и да болеше
и да не ни беше сеедно,
нас пак ни беше праведно.
Би отишла пак пред Ванила,
пред Таверна и Панорама би дремела.
Од кај чичко Стоилко
би изела плескавица една,
а може и две.
Во Опатија и Кермес
би седела на музика ,жива,,
Ама мора порано место да се фати.
Кој дојдеше подоцна,
врата ќе си клати.
И ние имавме Миле Паника
од ,,наше време,,
Обожаваше во тутурутка од новина
да свири и на бина со музичарите да,,дреме,,.
Пред кино Вардар и Култура,
се шиткаат карти за ,,Ајкула,,
последна тура.
И Кирче,
легенда од тоа време.
Меѓу саатчијата и влезот кај киното,
го гледам како ,,дреме,,
Ех Скопје граду мој,
имам многу за тебе да кажам!
И солза сум пуштила
кога спомени низ улици ми се навраќаат.
Луѓе доаѓаат и си одат,
остануваат, се испраќаат.
За тебе граду мој имам приказни многу
и би ги раскажала.
Ех,да можам рацеве
да ги раширам па да те прегрнам!
Сите улици по кои чекорам
би ги бакнала.
Кога ти живееш и јас живеам.
И пак тебе би те посакала
и се’што е твое.
Граду мој, Скопје мое!

Ленче Милошевска

ПОСРЕЌНО ВРЕМЕ

Сум можела да живеам во посреќни периоди
Во долгата опстојба на овие простори
Во моето Скопје секогаш одново се градело.
Врз урнатините на старите храмови
никнувале нови базилики, цркви, синагоги и џамии
Ги лупам слоевите од напластени векови
Се сменуваат војни, поплави и земјотреси
Со периоди на добра живеачка и прослави
Се славело со пехари вино
Од одбрани капки сончевина
Од надрочениете лозја, на југовина
Во слава на боговите Дионис и Бахус
Денес во слава на свети Трифун –
Колку цивилизации минале оттука?
Сите оставиле по некоја трага
Нивите ни се полни со историја
.***

Вешто балансирам низ векови
Небаре сум на тенка жица
Сум можела да живеам во неолит
Во оние величествени мегалитни неселби
Во височините на манастирот Трескавец
Сум можела да живеам на овој просторот во Скопје
во време на Големата мајка од Тумба Маџари
или во време на Адам од Говрлево –
ликот извајан во поза на мислител,
многу пред Мислителот на Роден

Сум можела да живеам во античко време
Кога наместо Скопје градот се викал Скупи
Сум можела да љубам во античко време
Како оние двајца вљубени пред амфитеатарот
Во долга прегратка под дрвото на љубовта
Можеби се од друго време
Но јазикот на љубовта е ист
Шепотат гранките на старата липа
Треперат лисјата во форма на срце
Ги повторуваат зборовите
Не можам да те заборавам,
прескокни го времето
Чекај ме
Ќе ме препознаеш
по опојниот мирис во јуни

Ели Маказлиева

СКОПЈЕ НИКОГАШ НЕ СПИЕ

Ова е градот што никогаш не спие,
град чие срце живописно и бурно чука.
Со пулсирачка сила на неговиот ритам
цврсто на сопственото трусно тло стои.
Скопје се издига како ѕвезда на небо
со упорен сјај на трајна светлина.
Месечината е придружник на ноќни сни,
град во кој сонцето никогаш не заспива.

Ова е моќниот град што никогаш не спие
од вртоглава врева на неуморни улици,
од потребата да се трча за да се живее,
од талкање по сонот низ проток на сообраќајници.
Пулсот на градот е насмеан и брз под зглобот,
разгранет на неколку страни меѓу високи згради.
Крај Вардар на два брега сите сјајни утра блескаат,
срца човечки бијат и под негови ребра врескаат.

Градот е буден и в тишина на полноќен час
месечината траги на белези од живот брои.
Величественост комбинирана од тага и радост,
доаѓа дожд, ветрот струјна приказна крои.
Доаѓа зора бунтовно, бледнеат сенки кон Водно,
облакодери го спречуваат сонцето да ја допре земјата.
Луѓе работат и бегаат од мрачното лице на општеството,
тежат рамениците на дрворедите, зацементирана е тревата.

Градот што ги отвора вратите за сите – не спие!
Овој новоизграден град од работа и од неспиење
испраќа молбен пламен од дрвјата, од тревата,
од мостовите и тротоарите на нашето растење.
Оваа есен плачат лисјата заменети со бетон,
глетките и звуците на Скопје се неговата сладост,
За жал, овој раздвижен град што никогаш не спие
ова Скопје – не е градот на мојата младост.

Владимир Петкоски
ЗА ВРЕМЕ НА СКОПСКИТЕ ГОРЕШТИНИ
(Слики од Скопје пред земјотресот)

Бегањето од дома на Вардар и Канал како повик на дивината

Летните горештини во Скопје се неподносливи. Изгор летото трае до недоглед, а денот како да нема крај. Во таквите денови ние децата од Млин Балкан се селевме   под земја. Баравме спас во подрумите на нашите четири четирикатници. Со саати игравме камај. Ни беше свежичко, а полутемницата ја зголемуваше возбудата. Можевме по добро да се криеме и да ги изненадиме трагачите. 

Но, со време, и тоа ќе ни здосадеше. Откако ги откривме сите можни скришни места изненадувањето не беше веќе предизвик. Не ни остануваше ништо друго туку повторно да се вратиме на земја.
Постепено нас помалите во маалото почнаа да не привлекуваат легендите за летните авантури на Вардар. Слушавме за одважноста на постарите маалски пубертетлии кои успеале да го препливаат. Не возбудуваше тоа дека на Вардар има дури три плажи, Градска, Офицерска и Руска плажа како Вардар да е море, а не река. Сето тоа ни прозвучуваше како голема летна возбуда што ни е на дофат. Но, најмногу од се не возбудуваше тоа што прикаските за летните авантури на Вардар доаѓаа од постарите пубертетлии на кои ние помалите сакавме во се да се угледуваме.
Така, неколкумина од нас помалите се одваживме да бегаме од дома на Вардар и покрај строгата забрана од родителите. Бевме мали, повеќето не знаеја да пливаат. Од наше маало до парк, а особено до Градска имаше долг пат и не беше помалку ризично од брзаците на Вардар. Лесно можевме да налетаме на постари копиљаци кои во нас можеа да видат лесен плен. Можеа да се чаталат колку им е кејф и без причина (освен дека се постари, дека им се може бидејки сме на нивен терен) да предизвикаат кавга и дури да не натепаат.

  • А бе, копиљана, да вибеме се по список, а бе кои сте вие, кај кур сте тргнале, шо кур тражите у наше маало, мамичето ваше!
    Не требаше многу за да не нападнат. Но, поривот по авантура и барањето беља се многу силни во пубертетски години. И за мене Вардар стана повик на дивината иако знаев дека ми нема спас од ќотекот ако се дознае. Бегањето од дома и скришното одење на Вардар меѓу маалските деца се ценеше како одважност на храбрите. Беше високо на листата на маалските вредности. Особено што повеќето од децата во маалото не беа склони кон таква авантура, што заради стравот од ќотек, што заради брзаците на Вардар.
    Од моментот кога дознаа дека одам скришно на Вардар, татко ми и мајка ми станаа по претпазливи. Ја знаеја добро мојата своеглавост на тие години.
  • Дали денеска беше на Вардар?
    Тоа беше првото нешто што ќе ме запрашаше татко ми кога од работа ќе си дојдеше дома.
    Јас постојано одрекнував иако одев. Конечно татко ми изнајде еден трик со кој можеше да утврди дали дента сум се капел на Вардар. Трикот беше пософстициран отколку проста проверка на гаќичките бидејки се бев извештил како да ги исушам пред да си дојдам дома. После капењето прво добро ќе ги исцедев, а потоа ќе скинев две прачки од жбуновите во парк и ќе ги ставев една преку друга во крст. Ќе ги наместев во отворот на гаќите и добро ќе ги растегнев. Додека ќе го изминев целото растојание на паркот, од Градска плажа до споменикот на Гоце Делчев при влезот во паркот, гаќите ќе беа исушени. Остануваше уште само во првиот поголем жбун повторно да ги облечам. Гледав сепак да се вратам пред татко ми да си дојде од работа.
    Едно попладне на враќање од Вардар го затекнав татко ми како руча. Баш тој ден се вратил порано од работа. Штом ме виде уште на вратата довикна – дојди ваму. Се стресов. Колебливо тргнав кон него.
    – Приближи се, што се влечкаш, довикна татко ми. – Готово е, си реков, дознал некако. Овој пат ми нема спас. Но, наместо шлаканица како што очекував, татко ми без да изусти збор ме фати со едната рака над глуждот и ме повлече кон себе. Го погледнав зачудено. Што ли му е намерата, се прашував. Ја подигна другата рака во висина на моето рамо и внимателно, како да спроведува некаков таен експеримент на кој и самиот не му го знае исходот, со ноктот од показалецот почна да повлекува линија по кожата од рамото надолу. По целата должина на гребнатинката остана белузлава трага. Неколку мига ја испитуваше внимателно.
  • Пак си бил на Вардар, се гледа дека си бил. Не ќе можеш повеќе да ме лажеш.
    Во гласот на татко ми немаше лутина колку прикриено задоволство што успеал да ми доскочи. Веруваше дека на мојата рака исцрта доказ дека сепак скришно одам на Вардар. Бев збунет и истовремено љубопитен. Како ли успеа да ја прочита мојата добро криена тајна?! Заборавив дека треба да бидам срекен што не заработив шлаканица.
    Работата набрзо се разјасни.
    Главниот проблем со белата трага не беше капењето на Вардар туку капењето во Канал. Канал се ноѓаше подалеку од Градска плажа узводно на Вардар. Беше огромна, нездрава бара, тесна и безкрајно долга. Често го користевме заедно со деца од други маала. Ни беше предворјето на Вардар. Повеќето не знаеја да пливаат и се плашеа да влегуваат во Вардар. Беше полесно да учат да пливаат во Канал отколку во Вардар. Водата беше по топла, мирна, скоро да не се движеше. По целата негова должина можеа одвреме-навреме да се сретнат мрши на пцовисани и фрлени мачки и кучиња покрај купиштата ќубре наоколу. Да знаеја загрижените родителите за ова и да требаше да избираат меѓу опасниот Вардар и ова нездраво мочуриште, сигурен сум ќе се определеа за Вардар. Канал се протегаше од долните падини на Водно во близина на сегашната локација на фармацевстките погони на Реплек па се до вливот во Вардар, во близина на местото кај што започнува просторот на кој од пред 5-6 години е изградена супер модерната вештачка карпа за тренинг на алпинисти. Каналот сега е покриен во целата своја должина освен еден сосема мал дел од дваесетина метри кај што влегува во Вардар. На тоа место и денес сеуште може да се види по некој рибар како ја фрла својата јадица.
    Откако каналската вода ќе се исушеше на нашите тела остануваше многу тенок слој од секакви нечистотии. Токму тоа беше главната причина зошто на кожата остануваа јасни, бели линии кога ќе се загребеше со нокт.
    Со овој нов изум на татко ми не знаев како да се справам се додека не ми падна на ум нешто што можеше да изгледа како добар против отров на трикот. Решението што го изнајдов беше едноставно како и секој ‘‘голем‘‘ изум. И самото беше своевиден трик. Ми текна дека на враќање дома поминувам покрај пазарот Буњаковец и таму при крајот на пазарниот ден летно време остануваат купишта расфрлени одпадци од гнили цреши, вишни и кајсии. Со нив колку можев ќе се изнамачкав по кожата откако предходно ќе се изнафрлав со прашина по рацете и по телото. Тоа се покажа како ефикасна камуфлажа. Некако сугерираше дека денот сум го поминал скитајќи со децата по Ленинова и Паризанска и врткајќи се низ пазарот Буњаковец, а не на Вардар.
    Со тек на време откако ќе успеевме без проблем да ги совладаме поголемите брзаци – од Руска плажа (во висина на денешниот хотел Александар Палас) па преку Офицерска и Градска плажа низводно надолу се до висина на Луна парк – ќе можевме и да го препливаме Вардар до другата страна.
    Препливувањето на Вардар во маалската хиерархија на машкост на пред-тинејџерите
    Препливувањето на Вардар беше главниот маалски трофеј што еден одважен пред-тинејџер можеше да го освои. Тоа стана знак на распознавање во маалото. Одењето скришно на Вардар, беше како маалски аџилак, на оние што веруваа во повикот на дивината. Тоа значеше дека некој копиљ ја достигнал точката во која, не само што го совладал стравот да не го фатат дека скришно бега од дома, на Вардар, туку, дека можел да го совлада и самиот Вардар, и тоа, уште пред да стане пубертетлија.
  • А бе копиљ еден, што ми се чаталиш тука пред помаливе деца! Да те питам ја тебе, а бе, си го препливал ли ти Вардар, копиљ ни заеден, тоа кажи ми?
    Такви пред-тинејџерски изливи на машкост на оние што го препливале Вардар, постојано можеа да се слушнат за време на секојдневните маалски дружења и битисувања. Веќе со почетокот на есента, кога летните возбудувања беа завршени, следуваше време кога се подвлекуваше црта под летните авантури во маалото, кои, пред се, се однесуваа на Вардар. Се правеа нови редоследи во маалската хиерархија, се исцртуваа новите листи на машкост на пред-тинејџерите. Се чинеше дека маалската слава од тој чин – препливување на Вардар – е вечна.
    Во суштина, траеше се до онаа возрасна граница кога други предизвици и подвизи во маалото, ќе си дојдеа на дневен ред. Еден од тие подвизи беше – да фатиш женска. Е, тоа се сметаше за врв на маалската одважност и умешност. Во средината на пубертетските години таков подвиг можеа да остварат само вистинските маалските фраери. Да фатиш женска се сметаше за врвен маалски трофеј. Беше најпосакувана цел на маалските пубертетлии, но и најтешка и најделикатна операција. Беше предмет на најголем маалски восхит и завист кај оние на кои тоа не им одеше од рака.
    Никогаш не ми стана јасно дали препливувањето на Вардар имаше некакво влијание кај женските од маалото. На пример, во изборот во кого ќе се вљубат. Вината што тоа не можев да го утврдам, е во тоа што во неформалната маалска статистика никогаш не се утврди цврста корелација меѓу тие две работи. Да беше така, требаше да сум меѓу првите во маалото што успеал да си фати женска. Но, тоа не се случи, иако го препливував Вардар, како од шега. Тоа не ми помогна многу. Очигледно, недостигаше нешто друго, што во тие рани пубертетски години не го знаев, околу љубовните работи.

Светлана Папачек

ПИСАТЕЛИТЕ ЗА СКОПЈЕ

Боли кога последното зрно липовина расцутува, до срж гори мирисот медовен. Те носи тебе, а јас не сакам да дојдеш. Не сега. Замина заедно со прекапаниот липов цвет. Те бркам од мислите, но сепак доаѓаш. Живееш во мирисот опоен и сладок. Каква што беше нашата љубов. Јас се уште дете, а ти возрасен маж, ете. Те има секој Јуни, во мирисот на липите на ,,Партизанска”, по тротоарите каде оставивме дел од нас, од нашите души. Бевме невини, а сепак осудени на пропаст, на крај. На заборав дека еднаш бевме во Карпош, на игралиште во Влае… Во нашето место, под крошните на липите каде свивме гнездо љубовно.
Сега таму не нема. Некои други вљубени вдишуваат медовина, како некогаш ние. ,,Ние” старите постоиме во мирисот на липовината, во тротоарите по ,,Партизанска”. Од Влае до Карпош, во тивкиот ромор на Вардар од ,,Каскада” до Парк.
Ако наслушнеш убаво ќе ги разбереш звуците тажни. Зборат со шепот за нашата несреќна љубов. Беше тоа… илјададеветстотинидеведесет и некоја. Скопска спарнина, вообичаено засладена со липовина распослана по ,,Партизанска”. А таму, талкаат нашите изгубени души. До некогаш. До следно… Во некое друго време. Можеби и димензија каде би постоел хепи ендинг.
Вдишувам длабоко. Затворам очи… Тука си, во мене. На душата моја залепен засекогаш. Никогаш непрежален. Мирис на липа. Скопска.

Лилјана Стоилковска

СКОПЈЕ МОЕ – ГРАДУ МОЈ

Скопје мое, монумент историски
Скопје мое , приказна љубовна
Скопје мое , натежнат облаку
Одми ми го со росата, чемерот мој !

Скопје мое, лепче бадниково
Скопје мое гранче багремово
Скопје мое ливче брезово
Скопје мое, мирис липовен.

Скопје мое, цвеќе пролетно
Скопје мое, болест излечива.
Скопје мое, летна горештино
Скопје мое, љубов неизгорена.

Скопје мое, збор недоречен
Скопје мое, песно недопеана
Скопје мое, светлина незасенета
Скопје мое, спомен недопишан.

Скопје мое, в сенка ладовина
Скопје мое, огниште незгаснато
-2-
Скопје мое, жарче не гламјосано
Скопје мое, искра недогорена

Скопје мое, граду на светлината
Живеј за мене, јас за тебе
Скопје мое, стих поетски
Живо и здраво да си ми!

Скопје мое, тетратка недопишана
Со илјадници нови страници
За твоите незаборавни убавини
Живо и здраво да си ми!

Животот во тебе
Е неизбришлива вистина
Со смеа и тага, плач и лага.
За старите и младите, недоигран валцер.
Со радост да се учи, во среќа да се игра!
Честит ти роденден, СКОПЈЕ мое !

                                                                                07.11.2022

Зекир Дисоран

ВО НОВА МАКЕДОНИЈА

Засвири кемано
Засвири ја нашата бедна Ромска
познатата химна
нека се послуша твојот глас
во нашата земја
во нашата сакана татковина
во нашата сакана мала богата Македонија…
И гласот твој
нека се послуша низ сите земји
во разгранетата Европа.
И така ние
речено во чистина
немаме друга земја.
Во неа нашите дедовци
во борба ги изгубија своите животи
во неа нашите татковци
го носеа смело Македонското знаме
во неа како мали дечиња
во училиштата сме учеле
и се уште ја учиме нејзината азбука
во неа го доближивме
единственото другарување и братството
во неа ги завршиме факултетите
во неа станавме дипломирани луѓе
познати по културата
и партиски лидери.
Засвири виолино
нека се послуша твојот глас
дека и ти си ја имаш
богата разболена срцева историја
дополнет амбар
од солза и голема тага
а сето тоа ти е под нозете
со расплакано срце смело зачекори
само за овој светлосен ден
само за оваа бескрајна вистина
само со сите националности
да бидеме во едно заедничко единство
соништата од мрачните темнини
кои останаа зачмаен белег
длабоко тагуваат во бездната
како порој на капки расплакани.
Сега засвири кемано
нека се послуша ромскиот глас
допуштете место и за оние
за нашите млади генерации
кои што знаат да го прочитат
добриот пат на вистината на ѕвездите
и држете се во цврстина
побарувајќи братски да навлезете
внатре во срцето на Македонија
зашто и вие сте нејзини
вистински деца.
Засвири кемано
нека се слуша цврсто твојот глас
самите Вие да си побарате
светлина на вашето битие
избришето го товарот
од вашите расплакани солзи
Впрочем…
Доста беше извалкано
од нивните крила разделено
од нивните очи недогледано
од нивниот закон нехумано.
Чекајќи една прошка
светлина да ве обдари
да сонуваш живот безнадежен
да не може да ги разделиш
подотворете ги вратите и патиштата
раширете го просторот
за нашите нови генерации
да се раздени денот.

Славица Урумова-Марковска

СТАРЕЦ

Те видов старецу,
со згаснат поглед
и за миг посакав
да можам да ти ја подарам
мојата младост.
Животот
ти го одзел гласот,
нема повеќе серенади.
Чувствувам старецу,
како мислите ти талкаат
по калдрмите,
а мостот на Вардар
остана недооден…
Од твоите усни прочитав
за љубовните седенки
и корза…
…во сеќавањата што се уште
разгорен пламен горат.
Те видов старецу,
на клупата во паркот.

Лила Арсова

СКОПЈЕ

Те запознавав
постепено, онака полека
како што растев во тебе
родна грутко, граду мој.
Со секој нов чекор
низ твоите калдрмни улици
откривав по нешто.
Го слушав чукањето
на твоето срце,
што беше посилно
од биењето на камбаните.
Те засакав
граду под Кале,
со секој твој здив
во кој ти дишеш.
Денес ,се вратив граду
барајќи ги спомените
од детството и младоста.
Се вратив и барав,
низ старата чаршија,
и во секој камен на плочникот
на Камениот мост.
Ги најдов граду!
Под изгрејсонцето македонско,
спомените ти ги чуваш,
како камен цврст,
стражар во ноќта,
над земјата родна грутка.

Ванѓа Радевска

13-НОЕМРИ

Облак се зададе, темен,
невреме фати.
Мајка, гушна деца свои
со срце од плех -лемен.

Олуја, слана, дожд, град.
Мајка ги теши сите.
Молкум ќе победиме,
нема да умреме од глад.

Мајка чеда роди,
а она оро води.
Вие сте чеда мои
ова нема да се врати.

Керка знаме навезе,
син го понесе.
Во оро со куршуми -влегоа
победници излегоа.

Облак разбија,
Светлина -развија.
Тапани рикнаа,
силно викнаа.

Туго не сакаме,
свое не даваме.
Туѓинци -бегајте.
Слободно да живееме.

Јован Мазгански

ПЕКОЛНИОТ 13-ТИ НОЕМВРИ

Тмурната есен партизански тела земнеше
Темната студена ноќ закрила им чинеше
Неизвесноста, крвта ја забрзуваше
Намерата, сила им зголемуваше
Студената пушка сигурност им даваше

Во рани зори

  • пушки, бомби и митралези згрмеа
    Со одлучно ураа! елан распалуваа
    Водњански ридои екот враќаа
    Гласови умножуваа
    Непирјател престашуваа

Улица по улица се заземаше
Куќа по куќа ослободуваше
Граѓани со прегратки им честитаа
А за храбро погинатите
неброени солзи им навираа

Кога фашисти сфатија
оти партизани Скопје освојуваа
Непримерни пакости вршеа
Невини минувачи стралаа
Згради и мостови минираа
Од браната Матка
поплава подготвуваа

Голобради млади македонци
Потаја непријател опсевираа
Партизанска команда информираа
Каде окупатори митралески гнезда градеа
Каде пеколни рушења спремаа
Партизански животи спасуваа
Градски објекти се деминираа

По дводневни борби тешки
Скопје, од фашисти очистија
Млади партизани на победата се радуваа
Со цврст чекор парадираа
На лицемерни божемни помагачи
дволичноста им ја осудуваа
Во Скопје фа парадираат
не им дозволуваа.

Лидија Давидовска

КИСЕЛА ВОДА 1

Расчекорени улици
со црни тиаголници во средина
што баздат на урина.
Без некој ред се,
ги има многу,
бесрамано неуредни,
сенапластени,
неспастрени,
се откриваат,
се прикажуваат
кога возиш по главната од Рампа,
преширока за издувни гасови и коли
претесна за луѓе.

Новите згради
не сакаат да се покажат,
а мораат.
Луди се.
Имаат неизразена свест
и неедоречена совест.
Безумни, влегле во градба,
разградба, надградба.

Тенки голи столбови,
безлично знаење и вкус.
Некој колективитет
ги зграпчил како
букет лажни рози,
архитектонска пластика,
како отсуство
на љубезност и љубовност
кон се’ и кон самите себе.

Благојка Филипчева

ГИ НЕМА

Ги нема улиците што и на сон ќе ги препознавав,
ги нема луѓето кои катадневно ги среќавав,
ги нема познатите лица да ме поздрават.

Се изгуби и детскиот џагор да ме дочека
и да ме испрати по мојот пат.

Ги нема… ги нема…

Ги нема ни расцутените дрвја во мај,
жолтите џанки и дивите цреши,
го снема мирисот на шебои низ дворовите
да ме опие и да ме замелуши,
а помешан со мирисот на првите расцутени рози
во богатото шаренило од бои.

Зошто се изгубија моите познати
и нивните домови топли,
та не можам ни зградите да ги препознаам?
Зошто ние останавме осамени,
жалејќи носталгично
за изминатата дружба?

Го бараме кругчето кај Рамче слаткарот,
ванилините и чоколадни топки сладолед
во чаша медена и студена боза,
единствените и незаборавни еклери,
индијанки и тулумби,
ги снема, ги снема во неповрат.

Во устата остана вкусот уникатен
вкус на СВОЕ и ДОМАШНО, БЛИСКО И СЛАТКО.
Нема повеќе безбол иргачи на ширинката,
го нема и кошот и неуморните играчи,
ги нема ни џамлиите!
Каде ли заминаа и исчезнаа?

Нови генерации без џамлии,
без високи кошови,
без ширинки за играње Народна,
ги вградија и закопаа
во сивите, огромни згради,
во студениот бетон од кој срцето ти ѕемне,
во вишнеењето на катовите
кон сивото студено небо.

И небото не исто сино!
А Сонцето?
И тоа не изгрева веќе на исток.
Доаѓа од некоја страна,
од немајкаде,
за да протне некој зрак,
за да се пробие до луѓето,
за да ги развесели.и стопли.
Каде се? Каде?
Заминаа во неповрат!

А ние денес
ќе гледаме ново Сонце,
туѓо парче небо
низ нашите спомени
оросени со солзи заради минтото,
заради изгубеното среќно детство,
заради заедништвото и другарувањето,
слогата и скромниот, но весел живот.