Свечено доделување на наградите на ДПМ за книжевните остварувања во 2018 година

Друштвото на писатели на Македонија ги додели наградите за најдобри книжевни остварувања во 2018 година, во рамки на свеченото одбележување на 72 години од основањето.

Оваа година добитници на овие престижни книжевни признанија се: Влада Урошевиќ за романот „Маџун“ („Стале Попов“), Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Патот“ („Ацо Шопов“), Лидија Капушевска-Дракулевска за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“ („Димитар Митрев“),Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ („Ванчо Николески“) и Рифат Емин, кој ја добива наградата „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија за поетската збирка Bi-nihauet (Без-конечно) на турски јазик.

На свеченоста беа прочитани образложенијата на жири-комисиите за нивниот избор и им беа врачени плакети на добитниците.