ТРАДИЦИОНАЛНА БЕСЕДА ЗА ПРЛИЧЕВ НА МИШЕЛ ПАВЛОВСКИ

Во Охрид, пред бистата на поетот и преродбеник Григор Прличев во паркот пред НУ Библиотека што го носи името на патронот, се одржа традиционалната беседа за Прличев. Честа пред насобраните почитувачи на Прличевото дело да беседи, годинава му припадна на проф. д-р Мишел Павловски, секретар на Друштвото на писателите на Македонија. Тој истакна дека: „’Вториот Хомер’ е грамадна фигура во нашата култура, еден од оние меѓници какви што се Миладиновци, Рацин, Конески. Наспроти сите контроверзи, тој е длабоко вткаен во нашиот културен контекст, интелектуалната алка која е постојан извор на инспирација. И за македонската култура и за македонската наука, а секако и за Друштвото на писателите на Македонија“.