КНИЖЕВЕН ЖЕЗОЛ ЗА РАДОВАН П. ЦВЕТКОВСКИ И ЗА АРИАН ЛЕКА

Друштвото на писатели на Македонија секоја година традиционално ја доделува наградата „Книжевен жезол“ за поетски опус со високи естетски вредности на еден домашен и на еден странски поет. Претседателството на ДПМ од номинираните кандидати за добитници на оваа престижна награда за 2018 година, по пат на гласање ги избра македонскиот поет Радован П. Цветковски и албанскиот поет Ариан Лека. Симболичните статуетки на двајцата добитници свечено ќе им бидат врачени на поетската манифестација „Празник на липите“, што ќе се одржи во месец јуни оваа година, во периодот кога во Скопје цветаат липите.

Радован П. Цветковски е роден во с. Сопотница, Демирхисарско, во 1931 година. Работел како учител во неколку демирхисарски училишта, а од 1959 учителствувал во основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола, каде што живее и денес. Неговото богато творештво опфаќа преку четириесет книги, и тоа: збирки поезија, збирки раскази, критики, проза за деца и млади, како и книги од областа на фолклористиката и дијалектологијата. Меѓу неговите збирки поезија се вредуваат: „Моето поднебје“ (1971), „Кругови од лузни“ (1974), „Бели несоници“ (1982), „Даги“ (1999), „Сонето претчувство“ (2006), „Потпрено небо“ (2012) итн. Поезијата му е преведувана на англиски, руски, француски, фламански, полски, турски, бугарски и на други јазици.

Ариан Лека е роден во 1966 година во Драч, Албанија, каде што завршил средно музичко училиште. Дипломирал на Универзитетот во Тирана, на отсекот за албански јазик и литература, а магистрирал модерна уметност во Фиренца, Италија. Автор е на повеќе збирки поезија, прозни книги, есеи и литература за деца. Негови позначајни поетски збирки се: „Бродот на сонот“ (2000), „Страбизам“ (2004), „Морска книга“ (2009), „Поправање грешки“ (2010). Преведуван е на германски, англиски, француски, италијански, шпански, романски, бугарски, српски, македонски и кинески јазик. Ариан Лека има докторат по книжевност и предава уметност на Универзитетот во Тирана. Тој е основач на интернационалниот книжевен фестивал „Поетека“ што се одржува во Тирана, на кој гостувале повеќемина македонски писатели, а исто така е и уредник на истоименото списанието, на чии страници се објавувани преводи на албански јазик од низа македонски писатели од различни генерации.