ПРОГРАМИ НА КАНДИДАТКИТЕ ЗА ПРЕТСЕДАТЕЛ НА ДПМ

СОЊА СТОЈМЕНСКА ЕЛЗЕСЕР

Соња Стојменска Елзесер, родена 1963 година, е есеист, критичар и книжевен научник. Доктор по филолошки науки, професор и научен советник во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Член на ДПМ е од 2009 година.

ПРОГРАМА

Повеќе од три децении професионално сум целосно посветена на литературата, како критичар и есеист, професор и истражувач во Институтот за македонска литература. За мене асоцијацијата на писателите на Македонија има неприкосновено симболичко и животно значење, затоа што во своето досегашно седумдесетгодишно постоење ги меморира стапките и ги исцртува креативните дострели на творците кои го чинат националниот книжевен канон, а воедно го претставува и живото ткиво од кое се изнедруваат новите вредности што ги трасираат идните патеки на нашата книжевност и култура. Затоа, евентуалното мое ангажирање во предводењето на непреченото и развојно дејствување на ДПМ би го сметала за огромна чест и за уште поголема одговорност. За да овозможам увид на членството во моите програмски проекции, ќе ги изложам на ова место прво моите основни заложби и принципи, а потоа и поспецифичните програмски содржини кои се нивна апликација, како и неколку организационо-технички предлози.      

Основни заложби и принципи

  • обезбедување постојан творечки поттик и атмосфера на креативна слобода, надвор од било какви идеолошки и политички притисоци;
  • негување и заштита на традицијата и нејзино континуирано препрочитување од современ агол;
  • поддршка и рамноправен третман на творештвото и писателите од албанската, турската, српската, влашката, бошњачката, ромската заедница;
  • афирмација на македонската литература дома и во странство;
  • заштита на достоинството и угледот на писателите;
  • грижа за подигнување на нивото на книжевниот живот, популаризација на читањето, креирање публика, поттикнување арена на книжевни вкусови и арена на поетики;
  • одржување на реномето на ДПМ како битен фактор во општеството и обезбедување гласност на писателската фела;
  • вмрежување на ДПМ во меѓународни асоцијации и вклучување во меѓународни проекти.

Поспецифични програмски содржини

  • организирање промотивни настани, средби, разговори, трибини;
  • доделување на востановените годишни награди и признанија на ДПМ;
  • одбележувања на важни датуми, чествувања, грижа за негување на споменот на починатите македонски писатели;
  • одржување на востановените книжевни манифестации со можност за нивно програмско збогатување и осовременување;
  • активности што би произлегле од постојните билатерални договори за соработка на ДПМ со сродните асоцијации и, во перспектива, потпишување на нови договори од таков вид;
  • поттикнување и евентуално потпомагање на учество на македонските писатели на книжевни манифестации во странство;
  • интензивирање на соработката со домашните институции и асоцијации од областа на книжевноста и културата, особено со академската средина, со издаваштвото, Друштвото на преведувачите, Македонскиот ПЕН, Здружението за компаративна книжевност, асоцијациите на музичарите, ликовните уметници, филмските и театарските здруженија, библиотеките, училиштата и др.;
  • иницирање постапки за евентуално развивање на издавачки проекти, посебни публикации и/или електронски публикации на ДПМ;
  • стимулирање на прием на нови членови на возраст под 35 години;
  • делумно финансиско и друго помагање при објава на книги од млади автори, на пример акција „Трета книга“ (целна група се најмладите членови), еднаш годишно;
  • грижа за социјалниот статус на невработените и пензионираните писатели;
  • активности во насока на остварувањето на авторските права, обуки, конференции, сообразување со европската легислатива и сл.;
  • осмислување проекти со кои би се конкурирало пред разни фондови, на пример, во рамки на „Креативна Европа“, со кои би се афирмирала македонска литература во превод на странски јазици и проекти со кои би се унапредувала културата на читање;
  • обезбедување импакт на писателската асоцијација при презентацијата на нашата литература на книжевните саеми и манифестации;
  • подобрување на контактот со медиумите и евентуално остварување на заеднички проекти за популаризација на македонската книга, на пример инволвирање на членството на ДПМ во телевизиски емисии или видео-снимки, што би се пласирале на интернет.

Оганизационо-технички предлози

  • доколку бројноста на писатели во различни општини и региони на Македонија дозволува, да се размисли за можноста да се оформат регионални центри или ограноци на ДПМ во согласност со статутарните одредби;
  • поради подемократско донесување на одлуки, во иднина да се преиспита можноста да се бираат двајца подпретседатели (еден претседател на Собрание и еден заменик претседател);
  • да се обезбеди посоодветно загревање на просториите на ДПМ во зимскиот период.

Изложените координати на дејствување на ДПМ во следниот читиригодишен период се испреплетуваат во единствена насока: остварување што подобри услови за развој на нашата литературна продукција, што подобар статус на писателите и што поголема популаризација на книжевноста. Тоа е рамката во која сите понатамошни сродни иницијативи се добредојдени. Искрено верувам дека таквата рамка може да ги обедини членовите на ДПМ во заедничко реализирање на програмските содржини и да донесе соодветни посакувани резултати.

ОЛИВЕРА ДОЦЕВСКА

Оливера Доцевска, родена 1975 година, е поетеса и есеист. Живее во Куманово, работи како адвокат во Скопје. Член на ДПМ е од 2013 година.

ПРОГРАМА

  • Работа на Друштвото согласно со Статут
  • Друштвото Дом за сите членови/ки
  • Заштита, унапредување и афирмација на македонскиот јазик , книжевност и култура и создавање на македонски јазик
  • Заштита, унапредување и афирмација на создавање на дела на авторите/ките од друго етничко потекло различно од македонското на македонски јазик и на мајчин јазик
  • Рамноправен третман и учество на жените и мажите автори/ки во сите тела на Друштвото на писатели на Македонија
  • Рамноправен третман во одбележување на награди и значајни датуми на жени и мажи автори/и
  • Рамноправен третман на сите автори/ки и користење на просториите на Друштвото од срана на сите членови/ки за промоции на нивните дела
  • Рамноправен третман во одбележување со портрети и бисти во просториите на ДПМ на жени и мажи автори/ки
  • Јавна објава на веб страница на Друштвото на: Статут, Правилник за работа на Собрание, Правилник за работа на управните органи, Правилниците за доделување на награди,Законот за заштита на авторски и сродни права и слични документи, поврзани со Статутот на Друштвото
  • Јавна објава на Правилник за прием на нови членови/ки и образец за прием, како и финансиски и наративни годишни извештаи
  • Разработка на проекти и идеи и аплицирање за грантови кои ќе овозможат и кои ќе ги модернизираат , односно обноват просториите на Друштвото и начинот на негова работа
  • Редовно известување на сите членови/ки на Друштвото со е-маил за сите настани кои се случуваат во и во врска со Друштвото како и за тековни конкурси
  • Забрана за користење на позициите и неспоивост на позициите Претседател/ка на друштвото и Претседател/ка на Собрание за лични интереси и книгоиздателство, како и на Претседателство на Друштвото
  • Рамноправно и циркуларно користење на можности за учество на меѓународни настани
  • Доделување на книжевна награда Кочо Рацин
  • Заштита на авторите и авторките од злоупотреба на издавачите односно примораност за препуштање на сите права на издавачот само за да им биде објавена книгата и немање увид во текот на продажбата на книгите
  • Членување , права и обврски во Друштвото независно од политичка, верска и нацинална определба и заштита од прогон во рамките на Друштвото и стигматизација на членови/ки како непожелни и поттикнување на било каква омраза и нетрпеливост
  • Допринесување кон развој на мислата и менторство над млади таленти за ширење и афирмација на книжевноста и книгата
  • Приредување на книжевни собири, манифестации, трибини по значајни прашања, домашни и меѓународни книжевни манифестациии и поддршка на постојните
  • Застапување за слободата на говорот во книжевноста и создавањето, како и за подобра материјална и општествена состојба на книжевните создаватели/ки
  • Соработка со соодветни друштва и здруженија во земјата и на меѓународно ниво
  • Основање на фонд Кочо Рацин за афирмација на млади таленти
  • Измени и дополнувања на Статут каде е потребно и др.