Годишни награди на ДПМ за 2023: финалисти

Во полуфиналниот круг за традиционалните годишни награди на ДПМ за минатата, 2023 година, влегоа вкупно 21 дело. Во согласност со Деловникот за работа на жири-комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ, секој од членовите на жири-комисиите до УО на ДПМ доставува бодовник, при што се гласа за пет наслови, со 5, 4, 3, 2 и 1 бод. На крај, верификациска комисија од Управниот одбор го пресметува збирот на бодови и го утврдува списокот на финалисти.

Награда „Стале Попов“

Во полуфиналниот круг за наградата на ДПМ за најдобро прозно дело влегоа седум книги, додека за во финалето беа одбрани следните три наслови:

  • „Ако се родат некакви чувства“, роман од Блаже Миневски (издание на „Матица“)
  • „Заборав“, роман од Томислав Османли (издание на „ВиГ Зеница“)
  • „Вонземјанки“, збирка раскази од Влада Урошевиќ (издание на „Или-или“)

Награда „Ацо Шопов“

Во полуфиналниот круг за наградата на ДПМ за најдобра поетска збирка влегоа шест дела, а тројцата финалисти се следните:

  • „Коњски житија“ од Зоран Анчевски („Арс ламина“)
  • „За сите времиња“ од Братислав Ташковски („ПНВ публикации“)
  • „На врв на јазикот“ од Катица Ќулавкова („Арс ламина“)

Награда „Ванчо Николески“

За наградата на ДПМ за најдобра книга за деца и млади беа пријавени шест дела. Поради малиот број конкуренти, вториот круг беше воедно и финален круг, а во него влегоа следниве три наслови:

  • „На крилјата на самовилското коњче“ од Александра Велинова („Едука Мак“)
  • „Рокчето“ од Никола Маџиров („Арс Ламина“)
  • „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана Црвенковска („Чудна шума“)

Награда „Димитар Митрев“

Во полуфиналниот круг за наградата на ДПМ за најдобра книга критика и есеистика влегоа пет дела, а поради изедначен број бодови, тука финалистите се четворица:

  • „Просто и строго – Конески“ од Иван Антоновски („Матица“)
  • „Птици во аквариум“ од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ (издание на „Полица“)
  • „Живот во ролни“ од Горан Тренчовски (самиздат)
  • „Два опита (Конески и Старделов)“ од Ивица Џепароски (Филозофски факултет)

* * *

Наградата „Мост“, со која ДПМ одликува најдобра книга објавена на некој од јазиците на националностите во Македонија оваа година нема да биде доделена: на конкурсот се пријавија две книги, а согласно Правилникот за доделување на годишните награди на ДПМ потребно е да се пријават најмалку три дела за кај која било од наградите да биде конституирана жири-комисија и наградата да се додели.

Свеченото доделување на годишните награди на ДПМ за 2023 година ќе се одржи на 18 септември (среда) 2024 г. во 19 часот во главната сала на Друштвото на писателите на Македонија на ул. „Максим Горки“ бр. 18 во Скопје.

Add comment