Објавени добитниците на традиционалните награди на ДПМ за 2023 г.

Друштвото на писателите на Македонија денес на прес-конференција ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 г.

Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2023 година е романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на „Матица“. Наградата „Стале Попов“ беше доделена со бодување од страна на жири-комисијата во состав: Гордана Јовиќ-Стојковска (претседателка), Оливера Ќорвезироска и Стефан Марковски (членови).

Добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија за 2023 година е делото „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, во издание на „Арс Ламина“. Наградата „Ацо Шопов“ е доделена со двотретинско мнозинство гласови за победничката книга и со бодување, од страна на жири-комисијата во состав: Елена Пренџова (претседателка), Снежана Стојчевска и Зоран Јакимоски (членови).

Добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за 2023 година е делото „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска, во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчески и Билјана С. Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. Одлуката за наградата „Ванчо Николески“ е донесена со дискусија и со бодување од жири-комисијата во состав: Сузана Мицева (претседателка), Наум Попески и Стево Симски (членови).

Наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година ја добива книгата „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“, од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“. За наградата „Димитар Митрев“ беше одлучено со дискусија и со бодување од страна на тричлената жири-комисија во состав: Иван Додовски (претседател), Соња Стојменска-Елзесер и Елизабета Бандиловска.

Поради недоволен број пристигнати конкуренти (пристигнати се две дела, а потребно е да има најмалку три дела во конкуренција за која било од годишните награди на ДПМ да се додели), оваа година нема да биде доделена наградата „Мост“, со која се одликува дело напишано на јазик на некоја од националностите во Македонија.

На прес-конференцијата беше потенцирано и тоа дека жири-комисиите беа избрани од страна на Управниот одбор со анонимно номинирање и бодување, а на крај избраните состави на тричлените жири-комисии им биле познати само на претседателот на ДПМ и на двајца членови од Управниот одбор, кои ги верификувале гласовите на сите членови на УО на ДПМ.

На прес-конференцијата беше истакнато и тоа дека при утврдувањето на финалните состави на жири-комисиите, седум од првично избраните членови, поради други ангажмани, не прифатиле да бидат дел од жиријата, поради што биле кооптирани други номинирани членови.

Согласно со Статутот на ДПМ, само активните членови во Друштвото имаат право да бидат дел од жири-комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ.

Традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 г. ќе им бидат доделени на добитниците на свеченоста што ќе се одржи задутре, 18.9.2024 г. во 19:00 часот во главната сала во Друштвото на писателите на Македонија.

Add comment