Денес, во салата на Друштвото на писателите на Македонија, се одржа свеченото доделување на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2024 г.
Овогодинешното доделување на наградите беше придружено со настапот на Добрила и Дориан Дуо: нивните магични звуци, во кои традицијата и современоста чудесно се преплетуваат, ја сплотија во едно публиката. Освен поновите и повозрасните членови на Друштвото, во публиката на овој посебен ден присуствуваа и голем број гости, почитувачи на наградите на ДПМ.
По отворањето на настапот со музичката изведба, настанот продолжи со говор на Претседателот на ДПМ, кој им ги честита наградите на добитниците, се заблагодари на жири-комисиите и на сите што учествуваа во конкурсот, а потоа ја честита годишнината на Друштвото. Освен тоа што ги информираше присутните за веста дека добитниците на наградите ќе патуваат неколку дена во Истанбул, претседателот ја акцентираше важноста од изготвување на квалитетна програма за работа за тековната година, но и десетгодишна стратегија, која јасно ќе го трасира патот на Друштвото во иднина.
Потоа настапи доделувањето на наградите: претседателките на жири-комисиите ги читаа образложенијата и им ги врачуваа наградите на добитниците, кои исто така држеа кратки и пригодни говори. Добитници на наградите за 2024 г. на ДПМ се:
- Жарко Кујунџиски за збирката раскази „Приказничар“ (награда „Стале Попов“)
- Ивица Џепароски за збирката песни „Посвети и пофалби“ (награда „Ацо Шопов“)
- Иван Антоновски за книгата за деца „Бакнежи на небото“ (награда „Ванчо Николески“)
- Наташа Аврамовска за збирката есеи „Книжевни паметници“ (награда „Димитар Митрев“), и
- Гордана Јовиќ-Стојковска за романот „Била једном једна кућа“ (награда „Мост“).
По свечената церемонија на доделување на наградите, настанот беше затворен со уште еден настап на Добрила и Дориан Дуо.
Следат десетина фотографии од Наташа Гелева.














