Евгенија Шуплинова се смета за првата модерна македонска поетеса; нејзината збирка песни со наслов „Грешница“ е објавена во книгоиздателството „Кочо Рацин“ во 1960 година. Родена е на 9 јуни 1930 година во село Тополчани, во околината на Прилеп. Била новинарка од 1948 година, па сè до крајот на животот: прво во редакциите на „Млад борец“ и „Стопански весник“, а од 1955 година во „Нова Македонија“. Шуплинова е основач и прв уредник на „Колибри“, прилогот за деца во „Нова Македонија“. Членка на Друштвото на писателите на Македонија од 1962 година.
Освен на „Грешница“, авторка е на книгите „Тагата на црвениот каранфил“ (поезија, 1962), „Три облачиња“ (раскази за деца, 1964), „Сончева патека“ (поезија за деца, 1969), „Ана и пеперугата“ (раскази за деца, 1969), „Сонце на детските дланки“ (раскази за деца, 1970), „Цинцилин“ (поезија за деца“, 1972), „Празник во градината“ (1975), „Септемвриско ѕвонче“ (поезија за деца, 1982), „Грешница“ (нови песни љубовна поезија, 1992), „Зелено пладне Пелагонија“ (поезија, 1993), „Моливчето го боли срце“ (поезија и раскази, 1994).
Денес пренесуваме девет песни од творештвото на Шуплинова, помеѓу кои и една посветена на поетесата Даница Ручигај, која загина во земјотресот на 26.7.1963 г.

Евгенија Шуплинова
* * * * *
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – (Од циклусот „Жената и земјата“) – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
ЗЕЛЕНО ПЛАДНЕ ПЕЛАГОНИЈА
Зелено корење од водите на Црна Река
растат зелени долини надоаѓаат и одминуваат
Долини имам в дланки
тоа насмеаните денови в плускавец се збрале,
Се разбраниле и се претвориле в зелено пламење.
И зората гори во тоа зелено море…
Земјата не може да го скрие лисјето
в зелен сон на ноќта што зрее
в тивки зелени ѕвезди –
Пелагонија се бранува в зелено пламење.
Зелена сум везба,
зелен лист,
небесно сум зелено око,
зелен говор и
зелен извор –
Пелагонија се бранува в зелено пламење.
Зелени гранки на песна
од кој ли зелен орган растат?
Од кое зелено небо одекнуваат? –
Пелагонија се бранува в зелено пламење.
Зелен сум оган,
зелен сон,
зелено што светли –
Пелагонија се бранува в зелено пламење…
ДЕТСТВО
Квечерините на Пелагонија
и троглавиот ветар
со зборлестата виулица
го лулеат
залутаното чунче
на моето детство.
ЖЕНАТА И ЗЕМЈАТА
Облак сум и дожд
магла сум и сончевина.
Корен сум на секој живот,
песна расцветана од твојата младост
Земјо.
Дишам во изораните бразди в нива.
Отчукува моето срце во посеаното зрно жито в нива.
Со зеленото море на товето поле
се бранувам и се смеам,
се смеам
до секоја есен.
Земјо, ти си големо око што нѐ набљудува,
а јас мала, вселенска честичка.
РАЗРУШЕНАТА ВОДЕНИЦА
I
Во моето село сув е јазот.
Ја урнале воденицата стара.
Стивнал гласот на воденичките тркала,
кои непрекинато тракаа како да се караат.
Низ пукнатините на врати и прозорци
ѕиркаше денот од парче небесен свод
и се виореше ветрот понесен
во својот див и нескртолив од.
II
Воденицата беше сама и без живот,
со тивко стуткани крилја,
Беспомошна и никому потребна
а бескрајно мила –
сега ја нема.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – (Од циклусот „Да не биде војна“) – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
ПРОДАДЕНО ДЕВОЈЧЕ
(Дедо ми раскажуваше)
Селото се згрчило на коленото планинско.
Побелело в коси.
Се избраздило в лице.
Предвреме остарело –
А длабоко во него свадбарските гајди плачат
Како преплашено дете.
Девојчето Илинка го продадоа
на стариот крчмар за две илјади банки.
Плачат гајдите.
Плаче девојчето,
А старите свадбарки на снага и навлекуваат
невестинска кошула потешка од надгробен камен.
На чело и коваат трнлив венец.
Селото се згрчило на коленото планинско
а длабоко во него липа една ранета младост,
в месинген прстен окована.
ФАНА – ДЕВОЈЧЕ ХЕРОЈ
Отиде во првите редови,
о, бели корења.
Една воња се всели во тоа битие
во петнаесетте ливчиња на стебло.
и така го преживеа големиот ужас –
од победа до победа што раѓа сонце.
Од бункер до бункер, од јуриш до јуриш
израсна убава како сон.
Името херој и го даде народот
и така стана легенда.
Фуртуни и виулици,
раме до раме со возрасните во бригадите,
партизанско девојче бестрашно и храбро
најмладо од нјамладите.
Но, ако затреба и ние
ќе потрчаме по твојот пат
хероино бесмртна – Ана 15 години
– Весна 16 години
– Тања 14 години
– Билјана на 15 години
– Илинка на 15 години
НЕКОЈ ГО СОБИРА СИОТ МИР
Некој го собира сиот мир
да ми го подари мене непослушна,
кој патува од секој брег до секоја болка,
од една до друга неизвесност.
Нешто во мене радост чека,
нешто тивко се плаши
и нешто стуткано липа.
Невозможно е да се отпатува
од онаа соба што живее само уште
во дедовите приказни
што отчукуваат како срце.
Сѐ пожесток сум звук.
Сѐ нешто необично се врти,
со векови се движи,
се раѓа и живее,
живее и се раѓа.
Некој го собира сиот мир
мене непослушна да ми го подари.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – (Од циклусот „Македонијо, срце древно“) – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
ПЕСНА
Песната е легенда што ѕуни низ хоризонти.
Како бронѕена е статуа што се крева низ векови,
заедно со говорот на земјата,
заедно со љубовта.
Песно, радосно рало на денот –
светла си рамка и зелен хоризонт
И војник си и пушка си
и знаме и пристаниште.
Око си од високото свое небо
во себе што нѐ набљудува.
– – – – – – – – – – – – – – – – – – – (Од циклусот „Опомена“) – – – – – – – – – – – – – – – – – – –
ДАНИЦА РУЧИГАЈ МЕЃУ ЖИВОТОТ И СМРТТА
Ме нема!
Престанав во сѐ што почнав.
Отсутност сум и Присутност,
и Смрт сум и Песна сум.
И звучна сум слика…
Видот ми е тивко свиен
а одот разбиен.
Каде од овој темен ѕид, без тело?
Каде од овој живот без име?
Не постои рамка за ова патување.
Овде сѐ е тивко и немам глас.
Овде сѐ е нечуен починок.
Овде ни сонувам, ни умирам,
немам каде да се потпрам.
Еден ден пред раѓање
врз моите години падна ранет Градот…
Станав брег од камења.
Жива закопана сум песна.
О, Боже, жива закопана сум песна.
Не можам да летнам во ова небо.
Немо говорење сум на црно камење
и на црно сонце…
А Каменот ме слуша,
Каменот ми одговара,
Каменот ми се придружува,
со твојот нем лелек, грижна Сестро,
Во мојата неизмерност што продрел
* * *
Сонувам или умирам…
Црн ветер се расплел низ тело,
ме гребе,
ме удира,
се длаби во мене.
А јас,
предадена на своето страдање,
несфатлива во својата болка
од неговите заби додека не бидам убиена,
немо се подготвувам за скок
во себе.
На своите гласно запалени крилја,
црвени од твоите и моите рани, Граду?
Песната ме носи високо,
високо….
и од животот повисоко…
Мртва ли сум месечина или сон, сон?…
Земјата со своите прсти ме сплела
во синоткаените жили на Каменот
што расте
на Каменот што бдее … и во мене.
Од очи, од чело
од градите на Каменот крвав
потеков…
Во недопирните длабински пространства,
ме гледа еден друг свет.
Зад мојата смрт,
каде што песната ми е тивка,
побелена птица
која не знае каде да слета.
Каде своето крило да го спушти, мила?
Каде? … Ајде – каде?
Меѓу животот и Смртта?
Тоа дали си ти Данче?
Твојот глас во мене што
одекнува, што јачи?!
Јачи!? Не – тоа е подземниот свод што ечи, ечи, ечи!