ДПМ учествуваше на „Денови на културата во општина Илинден 2025”

Членови на Друштвото на писателите на Македонија учествуваа на 26-тата по ред, литературна манифестација во рамки на традиционалните ,Денови на културата во општина Илинден 2025”, којашто се одржуваше во општинскиот Дом на културата од 13 до 15 мај. На 14 мај беше промовирана поетската збирка „Проницање тишине“, на поетесата Љерка Тот-Наумова од страна на писателот од Хрватска, Ѓуро Видмаровиќ, а неколку часа подоцна се одржа и литературното матине за деца „Пролетно поетско будење на Илинден“. На матинето настапија македонските писатели за деца и млади: Александра Велинова, Ели Маказлиева, Васил Мукаетов, Горјан Петревски, Стево Симски, Мито Спасевски, Перо Миленковски, Стојан Тарапуза, како и актуелниот претседател на ДПМ, Живко Грозданоски. Беа доделени награди за најдобрите поетски творби доставени од ученици од трите училишта во општина Илинден („Гоце Делчев“, „Ристо Крле“ и „Браќа Миладиновци“). Добитничките песни ги одбра тричлената жири-комисија во состав: Стојан Тарапуза, Стево Симски и Живко Грозданоски.

Градоначалникот Александар Георгиевски и членовите на ДПМ
Живко Грозданоски

Во рамки на централната манифестација на 15 мај во кино салата, каде на присутните им се обрати нејзиниот покровител, градоначалникот на општината Илинден, Александар Георгиевски, се одржа и поетска вечер посветена на современата македонска љубовна поезија. Вечерта ја отвори претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, кој прочита песна од поетот Драган Крушкаровски, во чија чест започнало организирањето поетски читања во општината Илинден пред 26 години, а потоа свои стихови читаа и Зоран Анчевски, Гордана Михаилова Бошнакоска, Бранко Цветкоски, Марина Мијаковска, Виолета Танчева – Златева, Славчо Ковилоски, Ленче Милошевска, Иван Антоновски, Драгана Евтимова, Ирена Јурчева, Пунторие Муча-Зиба и Анита Бошкова.

Градоначалникот на писателите им додели соодветни признанија и напомена дека општината Илинден ќе продолжи да се труди од година во година оваа манифестација да биде подобра и попривлечна за младите генерации, како и дека ќе остане културен белег за гордеење. 

Љерка Тот Наумова

Add comment