„Празник на липите“ повторно се одржа во Скопје

Во Друштвото на писателите на Македонија, по пауза од една година, на 13 и 14 јуни се одржа меѓународната манифестација „Празник на липите“. На првиот ден беа врачени наградите „Книжевен жезол“ на лауреатите Славе Ѓорѓо Димоски и Радмила Лазиќ, а на вториот ден се одржа литературното читање „Празник на липите 2025“.

Пред свеченото врачувањето на наградата „Книжевен жезол“ за творечки опус на двајцата лауреати, за творештвото на поетот Славе Ѓорѓо Димоски беседеше поетот Зоран Јакимоски, а за творештвото на Радмила Лазиќ пригодна реч одржа академик Катица Ќулавкова.

Оваа година во свеченоста учествуваше и претседателката на Македонија, Гордана Силјановска-Давкова, која ѝ го врачи „Книжевниот жезол“ на лауреатката Радмила Лазиќ. На лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски статуетката му ја врачи претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски.

Пред почетокот на манифестацијата, претседателот на ДПМ ја прими претседателката Силјановска-Давкова во својот кабинет, каде разговараа за работењето на ДПМ и за актуелните предизвици со кои се соочува Друштвото.

Свеченоста на доделувањето на наградите беше отворена и затворена со настап на Елена Христова (вокал) и Тимчо Чичаковски (канон) од етно-групата „Балкава“, која оваа година одбележува две децении постоење на македонската и меѓународната музичка сцена.

Следниот ден, 14 јуни, се одржа книжевното читање „Празник на липите“, на кое со свои стихови се претставија петнаесетина поети и писатели, членови на ДПМ: Сузана Мицева, Милчо Мисоски, Искра Донева, Фима Клетникова, Каљош Челику, Даниела Андоновска-Трајковска, Ивица Челиковиќ, Лулзим Хазири, Вања Изова-Велева, Љубинка Донева, Борче Панов, Лејла Шериф Емин и Дејан Трајкоски.

Присутните беа воведени во настанот од бравурозните Ана Трсунова на флејта и Луна Пилиќ на гитара, а официјалното отворање на книжевното пладне беше со традиционалниот прочит на стихови од „Липа“ од Матеја Матевски, овојпат во изведба на на актерката Софиа Насевска-Трифуновска. Прва пред присутните свои стихови прочита Радмила Лазиќ, овогодишна лауреатка на „Книжевен жезол“. Книжевното читање, пак, беше отворено со пригоден говор на Виолета Танчева-Златева, членка на Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија и координаторка на „Празник на липите“.

По книжевното читање следеше уште еден настап на дуото Трсунова-Пилиќ, а дводневната манифестација ја затвори претседателот на ДПМ Живко Грозданоски, кој им се заблагодари на присутните и посака „Празник на липите“ да продолжи да расте од година во година.

Во однос на трите награди на анонимниот конкурс на тема „Помеѓу пејзажот и бетонот“, при затворањето на манифестацијата, претседателот Грозданоски соопшти дека поради одредени некохерентности во изборниот процес, изборот на наградените и доделувањето на наградите ќе се одложат за датум што ќе биде дополнително одреден од страна на Управниот одбор на Друштвото на писателите на Македонија.

1 comment