Во Друштвото на писателите на Македонија на петти јуни беа чествувани четири јубилеи на неговите поранешни членови: Живко Чинго (90 години од раѓањето), Ташко Георгиевски (90 години од раѓањето), Ката Мисиркова-Руменова (95 години од раѓањето) и Тодор Чаловски (80 години од раѓањето).

„Брз е векот“ беше насловот на ова пригодно одбележување на животот и делото на четирите автори кои живееле и твореле во изминативе сто години. За нив говореа и извадоци од нивни дела прочитаа писателите: Славе Ѓорѓо Димоски, Гоце Ристовски, Љубинка Донева и Марина Мијаковска.
Јубилејното одбележување на кое присуствуваа дел од членовите на ДПМ, но и други заинтересирани почитувачи на делата на авторите кои завземаат значаен дел од историјата на македонската книжевност, беше отворено и затворено со настап на младите музичари: Марија Ристовска (виолина) и Вегим Кучи (гитара), студенти од Факултетот за музичка уметност во Скопје.






