Промоција на книгата „Афористичка татковина“ од Ирена Павлова де Одорико во ДПМ

Вчера, 30 септември 2025, во ДПМ се одржа промоција на книга афоризми под наслов „Афористичка татковина“, дело на Ирена Павлова де Одорико: поетеса, компаративка, новинарка, писателка, дводомна авторка која живее во Италија и во Македонија.

Промоцијата на „Афористичка татковина“ (издание на „Интеракција плус“, 2023), која авторката ја посвети на својот татко, неодамна починатиот водечки македонски афорист Живко Павлов, воедно беше омаж на овој бард на македонскиот хумор и сатира. На неа, покрај поетесата Де Одорико и претседателот на Друштвото на писателите Живко Грозданоски, пред присутните се обратија и: сатиричарот Димитар Вилазорски, поетесата Силвана Димитриевска и поетот и новинар Вангел Божиновски. Освен тоа, беа прочитани и рецензии од акад. Катица Ќулавкова и од проф. Венко Андоновски.
Пред затворањето на книжевната вечер, која беше збогатена со три музички настапи на артистот Дејан Бобиќ-Дексо, накратко се обрати и внукот на Живко Попов, Марио де Одорико. Настанот беше модериран од Татјана Алексиќ.

„Песните од оваа книга се напишани со целосна посветеност во чест и по углед на поетиката на хуморот и сатирата на Живко Павлов. Не постои само интертекстуалност, ни само интердискурзивност и интердисциплинарност, постои и нешто што би го нарекле интерпоетичност: вкрстување на поетиката на хуморот и поетиката на лириката.“

Акад. Катица Ќулавкова

Add comment