Вечерва група членови на Друштвото на писателите на Македонија учествуваа на јубилејното, петнаесетто издание на манифестацијата „100.000 поети за промена“, основана од поетите Мајкл Ротенберг и Тери Керион во 2011 г., а од самото нејзино востановување, во Македонија организирана од страна на здружението за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст“ од Струмица.


Оваа година „100.000 поети за промена“ се одржа во Музејот на град Струмица, а поетското читање, на кое настапија петнаесетина домашни и седум поети од регионот (Грција, Бугарија, Косово, Словенија, Унгарија) беше воедно и промоција на печатеното издание на поетската збирка што „Контекст“ ја објавува секоја година, а која во актуелното издание содржи песни од 47 авторки и автори.


Во својот краток и емотивен говор, Митко Гогов, главен организатор на настанот, управител на „Контекст“ од Струмица и член на Друштвото на писателите на Македонија, ги потсети присутните на личноста и делото на главниот идеатор на „100.000 поети за промена“, Мајкл Ротенберг, кој почина во 2022 г.


Поврзувањето на Друштвото на писателите на Македонија со други манифестации, институции, програми и автори од земјата, но и од регионот и од/отаде Европа е од клучна важност во остварувањето на културните врски и продлабочувањето на меѓучовечката размена.
