по повод објавувањето на „Отвореното писмо до Седат Сулејмани, министер за култура и туризам“, од страна на Живко Грозданоски, потпретседател на ДПМ
Друштво на писателите на Македонија информира дека јавно објавеното Отворено писмо до министерот за култура и туризам, потпишано од потпретседателот на Друштвото на писателите на Македонија, Живко Грозданоски, не е усвоено ниту одобрено од надлежните органи на Друштвото и не претставува официјален став на Друштвото на писателите на Македонија.
Друштвото на писателите на Македонија го почитува правото на секој свој член, вклучително и на членовите на неговите органи, на лично мислење и јавно обраќање. Меѓутоа, личните ставови и обраќања што се однесуваат на лични или професионални прашања не можат да се сметаат за институционални ставови на Друштвото без претходна одлука или овластување од надлежните органи.
ДПМ не се вклучува во содржината на наведеното обраќање, ниту зазема став во однос на прашањата и наводите изнесени во него.
Друштвото на писателите на Македонија ја изразува својата благодарност до Министерството за култура и туризам за континуираната соработка и поддршката што му ја обезбедува на Друштвото во рамките на своите можности и преку програмите за поддршка на културата. ДПМ останува отворено за понатамошна коректна и конструктивна соработка со Министерството.
Заради транспарентност и јасно разграничување на личните од институционалните ставови, официјалните ставови и обраќања на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат јавно објавувани преку официјалната веб-страница и Фејсбук-страницата на ДПМ, како и преку јавни изјави на овластени претставници на Друштвото во медиумите.
Друштвото на писателите на Македонија и понатаму ќе ги застапува своите ставови, како здружение што ги претставува македонските писатели и книжевните вредности и ги чува вредностите на националната култура и македонскиот јазик, исклучиво преку своите надлежни органи и во согласност со своите акти.