Писателот Владо Јаневски, кој е роден во Битола, а од 1989 живее во Сиднеј, беше претставен низ разговор за неговите три последни романи: „Кој го уби Едгар Алан По“ („Или-или“, 2024), „Смртта не е крај“ („Арс Ламина“, 2022) и „Мртвите знаат најдобро“ („Арс-Ламина“, 2020), во Друштвото на писателите на Македонија вчера, на 24 јуни. Со него разговараше Ана Пејчинова, а извадоци од романите пред посетителите читаше Емилија Тодорова.
Низ разговорот, Јаневски говореше за тематиката и за доживувања на трите романи, за креативните преокупации при нивното создавање, но и за инспирациите и начинот на кој ги создава своите дела патувајќи низ светот (досега престојувал во над 70 земји). Неговото творештво се одликува со мултижанровски пристап, а дела често му се проткаени со елементи на магичен реализам.
Освен на споменатите, тој е автор и на романите: „Чудо зад аголот“ („Пагома прес“, 2020), „Под друга капа“ („Магор“, 2019), „Made in Jabana“ („Слово“, 2004). Ја објавил и збирката раскази „Нема враќање“ („Студентски збор“ 1985) како и збирката поезија („На грбот на неповратот“( Агенција за иселеништво, 2024).
Автор е на книгите за деца: „Палавковците Влатко и Емче“ („Стрип-Квадрат“, 2023) и „Луѓето и змејовите“ („Арс Ламина“, 2023), а застапен е и во неколку збирки за современи бајки.
Како автор за деца, Владо Јаневски е најпознат по стрипот „Палавковците Влатко и Емче“, кој се објавува во прилогот „Колибри“ во „Нова Македонија“. Се занимава и со сликарство, а учествувал и на повеќе ликовни колонии во Македонија.





