ДПМ ја објави „ОНА ШТО СЕ ПАМЕТИ ЖИВЕЕ“, збирка „Никогаш докрај раскажани приказни“

Во издание на Друштвото на писателите на Македонија излезе збирката раскази „Она што се памети живее“ – книга со сеќавања посветени на некои од великаните на современата македонска книжевност.

Во книгата, чиј приредувач е претседателот на ДПМ Живко Грозданоски и чија уредничка е членката на УО на ДПМ Сузана В. Спасовска, се поместени раскази:

1. од Адем Абдулаху – за Абдилазис Ислами
2. од Венко Андоновски – за Атанас Вангелов
3. од Петар Андоновски – за Лилјана Дирјан
4. од Димитрие Дурацовски – за Светлана Х. Јоциќ, Владо Јоциќ, други
5. од Ирена Јурчева – за Драги Михајловски
6. од Трајче Кацаров – за Благој Самоников
7. од Фима Клетникова – за Петре М. Андреевски
8. од Александар Кујунџиски – за своите професори: Конески, Митрев, Спасов, Поленаковиќ…
9. од Ристо Лазаров – за Ацо Шопов
10. од Јелена Лужина – за Јадранка Владова
11. од Снежана Младеновска-Анѓелков – за Благоја Иванов
12. од Огнена Никуљски – за Коле Чашуле
13. од Фросина Пармаковска – за Владимир Костов
14. од Владимир Петкоски – за Чедо Јакимовски
15. од Христо Петрески – за Светлана Христова-Јоциќ
16. од Диме Ратајкоски – за Данило Коцевски
17. од Михаил Ренџов – за Блаже Конески
18. од Гордана Михаилова Бошнаковска – за Михаил Ренџов
19. од Луан Старова – за Гане Тодоровски
20. од Георги Сталев – за Стале Попов (текст запишан и уреден од Живко Грозданоски)
21. од Влада Урошевиќ – за Славко Јаневски

Во поговорот, запишан од приредувачот на книгата, е забележано и следното:
„Целта на ова дело е очигледна – да се негува меѓугенерацискиот континуитет, да се уважуваат животите и делата на нашите претходнички и претходници, да се направи нивна реактуaлизација, но и да се поттикне интересот кај авторките и авторите континуирано да ги запознаваат своите поранешни колешки и колеги писателки и писатели, или да се сеќаваат на нив. Целта е, исто така, да се поттикне и интересот кај читателките и читателите да ги истражуваат и да ги читаат овие авторки и автори. Со една реченица: целта на ова дело е да се долови книжевната заедница како она што во суштина е: еден широк, буен тек од испреплетени, ‘никогаш докрај раскажани приказни’ и меѓусебни влијанија, а не мапа во која секој автор е остров, доволен самиот на себе.“

Книгата може да се најде во книжарниците на „Антолог“, „Матица“, „ТРИ“, „Феникс“ и „Чудна шума“. Промоцијата на книгата е предвидена да се одржи кон крајот на овој месец.

Add comment