„На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска промовирана во Друштвото на писателите на Македонија

Критичко – есеистичката книга „На врв од острицата“ од Сузана В. Спасовска чиј издавач е „Макавеј“ беше промовирана синоќа во седиштето на Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) во Скопје, во присуство на авторката. Книгата ја промовираа поранешната претседателка на ДПМ, Соња Стојменска-Елзесер и деканот на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Владимир Мартиновски, а на периодот на пишување и објавување на текстовите од книгата (1999-2023) во дел од домашните дневни весници, во повеќе книжевни списанија, како и во рамки на меѓународни научни симпозиуми говореше Сузана В. Спасовска. Таа е и автор на седум стихозбирки објавени на македонски јазик, како и на книгата за македонскиот слободен стих, „Слободата на стихот“, објавена како самостојно издание во 2021 година, која беше и во најтесен избор за наградата за критика „Димитар Митрев“ на ДПМ. За самиот процес на издавање на „На врвот од острицата“ која содржи шест поглавја: „Критика на денот“, „Непрежалената периодика“, „Во слава на живата реч“, „Антологиски предизвик“, „Од светот на реалното до небеската река“ и „Вонкнижевни парадигми“, говореше издавачот од „Макавеј“, Владимир Цветкоски.

* * *

„На врв од острицата е критичко-есеистичка книга во која се собрани текстови што ја отсликуваат критичарската активност на авторката во текот на повеќе од две децении.

Она што ги обединува овие текстови е живиот, страстен и едуциран интерес на Спасовска за македонската литература и во тие рамки, доминантно за поезијата. Токму таквиот фокус ѝ придодава посебно значење на оваа книга, која со самиот наслов ја манифестира тенденцијата да биде валоризаторски аналитична, прецизна и јасна.

На околу триста страници авторката загатнува низа значајни проблемски пунктови и преку анализите и коментарите првенствено придонесува за опфатно и квалитетно толкување на македонската современа поезија, како и на поопштите процеси и појави во македонската литература, но и на некои глобални културолошки феномени.“ (Соња Стојменска-Елзесер)

Следат неколку фотографии од промоцијата.

Add comment