
Друштвото на писателите на Македонија, денес одржа прес-конференција на која беа обзнанети петмината добитници на наградите на ДПМ за 2024 г., како и жири-комисиите задолжени за доделување на тие награди.
За наградата „Стале Попов“ на конкурсот пристигнаа вкупно 11 дела од членови на Друштвото на писателите на Македонија. Жири-комисијата во состав: Лилјана Пандева (претседателка), Петар Андоновски и Блаже Миневски (членови), ја донесе следната одлука: наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, за најдобро прозно остварување во 2024 г. се доделува на „Приказничар“, збирка раскази од Жарко Кујунџиски, во издание на „Антолог“.
За наградата „Ацо Шопов“, за најдобра поетска збирка во 2024 г., на конкурсот на ДПМ аплицираа вкупно 16 дела. Жири-комисијата во состав: Катица Ќулавкова (претседателка), Гордана Михаилова-Бошнакоска и Влада Урошевиќ (членови) ја донесе следната одлука: наградата „Ацо Шопов“, за најдобра поетска збирка во 2024 г. се доделува на збирката песни „Посвети и пофалби“ од Иван Џепароски, во издание на „Дијалог“.
За наградата „Ванчо Николески“, на повикот од ДПМ конкурираа вкупно 10
наслови. Жири-комисијата во состав: Билјана С. Црвенковска (претседателка), Мито Спасевски и Александра Велинова (членови) ја донесе следната одлука: наградата „Ванчо Николески“ на Друштвото на писателите на Македонија, за најдобро дело за деца и млади објавено во 2024 г. се доделува на книгата „Бакнежи на небото“ од Иван Антоновски, во издание на „Светулка“.
За наградата „Димитар Митрев“, за најдобро дело критика или есеистика конкурираа вкупно 9 наслови. Жири-комисијата во состав: Лидија Капушевска-Дракулевска (претседателка), Санде Стојчевски и Дејан Трајкоски (членови), ја донесе следната одлука: наградата „Димитар Митрев“ на ДПМ, за најдобра книга критика или есеистика објавена во 2024 година се доделува на „Книжевни паметници“ од Наташа Аврамовска, во издание на Инстутит за македонска литература.
За наградата „Мост“ на Друштвото на писателите на Македонија, за најдобро дело објавено на некој од јазиците на националностите во Македонија, на конкурсот се пријавија три дела. Жири-комисијата во состав Сеида Бегановиќ (претседателка), Тихомир Јанчовски и Лејла Шериф-Емин (членови) ја донесе следната одлука: наградата „Мост“ на ДПМ за 2024 година, за дело објавено на некој од јазиците на националностите во Македонија, се доделува на „Била једном једна кућа“, односно „Беше еднаш една куќа“, од Гордана Јовиќ-Стојковска, во издание на „Слово љубве“.