Драги колешки и колеги,
Ве покануваме да аплицирате за учество на „Критична маса“, прозна писателска работилница организирана од Друштвото на писателите на Македонија, која ќе се одржи на 26 декември (сабота), од 13 до 15:30 часот.
Идејата на работилницата е едноставна: да си ги споделиме текстовите на читање едни на други и да разговараме за нив отворено, искрено и конструктивно. Да вежбаме здрава дискусија, како и давање и примање критика со две цели:
1. Да охрабриме понатамошно, отворено и сеопфатно споделување критика помеѓу писателите. Оваа работилница да служи како пилот програма, која понатака може да продолжи независно од наша организација, во просториите на ДПМ.
2. Да го подржиме воскресувањето на книжевната критика во Македонија, кое е сеопфатно и вклучува силни и слаби карики, а не е само опис или пофалба на делото.
Работилницата ќе има осум учесници (плус модератор, Хана Корнети), од кои пет ќе бидат членови на ДПМ, а три места се резервирани за автори кои не се членови на Друштвото. Затоа, ве охрабруваме поканата да ја препратите и на ваши пријатели и познаници кои пишуваат проза, а би биле заинтересирани за ваков вид размена.
Како ќе функционира работилницата?
Секој од осумте учесници ќе испрати четири страници прозен материјал во Word документ, потпишан со шифра, без име и други податоци што би го откриле идентитетот на авторот. Ова е со цел да зборуваме со помалку задршки – авторите ќе се откријат на крајот на дискусијата. Материјалите ќе бидат споени во еден документ и испратени до сите учесници однапред, за секој да има време да ги прочита останатите седум текста (вкупно 28 страници, плус своите 4).
На самата работилница ќе посветиме отприлика по 15 минути на секој текст. Секој учесник ќе треба да сподели најмалку една позитивна и една негативна забелешка за секој од текстовите – односно, да посочи нешто што функционира добро, но и нешто што според него би можело да биде подобро. Целта е да се поттикне конкретна, аргументирана и искрена критика, без разлика дали станува збор за структура, стил, ликови, јазик или нешто сосема друго.
Пријавување
Заинтересираните можат да се пријават најдоцна до 27 ноември (петок), на <sekretar.dpm.pisateli@gmail.com> со назнака во Subject line: „Апликација за Критична Маса“. Во мејлот вклучете кратко био, 4 страни прозен текст (во Word) со шифра, како и потврда дека се подготвени да учествуваат во целиот процес – вклучувајќи го и читањето на туѓите текстови однапред.
Бидејќи бројот на места е ограничен, ќе се потрудиме групата да биде што поразновидна во однос на возраста и пишувачките стилови.
Ќе пратиме мејлови на успешните кандидати на 30 ноември (понеделник), заедно со материјалот за читање.
Информации за работилницата
Датум: 26 декември 2026 (сабота)
Време: 13:00–15:30 часот (вклучува 2 кафе-паузи)
Место: ДПМ
Освен учесниците, на работилницата ќе можат да присуствуваат и гости, за кои дополнително ќе објавиме информации.
Се надеваме дека „Критична маса“ ќе биде почеток на многу вакви средби – простор во кој не само што ќе си помагаме да пишуваме подобро, туку и ќе охрабриме поотворена и посериозна култура на книжевна критика.
Ве очекуваме!
Срдечно,
Хана Корнети
координатор на проектот „Критична маса“